Рекордни инвестиции се влеваат во здравството
15 август 2025Во здравството ништо нема да биде „како досега". Запоставувањето на здравствена инфраструктура во изминатите години и неинвестирањето во неа, го остави ресорот со објекти, опрема и кадровски капацитети далеку под стандардот што го очекуваат граѓаните.
Владата ја менува таквата состојба. Над 200 милиони евра ќе бидат инвестирани во довршување на штипската клиничка болница, за изградба на тамошниот Медицински факултет и за студентски дом со 200 легла, за изградба на болница во Кичево и за реконструкција на клиничката болница во Тетово.
Министерот за здравство, Азир Алиу, најави над 70 милиони евра инвестиција во кампусот на болницата во Тетово - за изградба на два нови објекта и за реновирање на три од постојните. Заради точна проценка во што треба да се насочи инвестицијата, министерот Алиу заедно со градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, се сретнаа со вработени, експерти и администрацијата на болницата за да слушнат кои се потребите од функционална и од инфраструктурна гледна точка.
„Сега имаме работна група која ќе ги мапира сите објекти што треба да се реновираат и сите потреби за создавање на нова инфраструктура и нови објекти. По оваа анализа и буџетирањето, за два до три месеци ќе започне и работата во Тетово“, најави вчера министерот за здравство.
На првиот чекор кон модернизација на тетовскиот здравствен комплекс, Касами вети дека и Општината Тетово ќе обезбеди поддршка за реализација на големиот проект.
Мапирање и планирање
Тетово не е единствената општина каде се врши своевиден скрининг на состојбите. Моментално се прави мапирање и проценка на целата здравствена инфраструктура во државата и се бара од сите директори да достават опис на состојбите и на потребите и од аспект на кадровски капацитети, опрема и технологии.
„Работиме да се постигнат стандардите во инфраструктурата на здравствените установи, за да бидат компатибилни со европските стандарди. Состојбата на терен покажува дека има недостиг од медицинска опрема, слаба инфраструктура и персонал. Тоа е последица на лошата политика која се водела во овој ресор“, оценува министерот за здравство.
Според Алиу, во овој ресор уште поважно е предвременото планирање.
„Здравството е таков систем кој мора да предвидува, а не само да креира политики. Предвидувањата треба да бидат на рок од над десет години. Неопходни се и навремени планирања на кадарот, со оглед дека за обука лекар супспецијалист потребни се минимум 15 години“, посочува тој.
Но има и голема потреба од медицински персонал. Во тетовската болница решенија за трајни вработувања на персоналот што веќе работи во болницата, ќе има по локалните избори. Веќе се спроведени тестирања на пријавените кандидати на конкурсот за 155 работни места. Но, анализите покажале дека има потреба од над 300 вработени.
„Ние ќе отвориме и друга постапка се со цел да може да се намали тој гап меѓу потребите и услугите што ги нуди болницата“, најави Алиу.
Следи поширок зафат
Здравството е чувствителен и комплексен ресор, од кој граѓаните очекуваат повисоки стандарди и подобри услуги. Такви стандарди пред три дена беа промовирани во реновираното болничко одделение на Универзитетската Клиника за урологија во Скопје. Директорот на Башким Шабани, со задоволство ги отвори вратите на новоуредените болнички соби опремени со нови кревети, нови тоалети, тв-приемници, клима-уреди, бактериолошки прочистувачи на воздухот...
Со оглед дека речиси 20 години таму немало никаква инвестиција, разликата е евидентна. Освен реновирањето, она што е поважно е дека таму од пред една година почна и примената на хируршки процедури кои претходно никогаш не биле спроведувани.
„Тоа што го направиле тука директорот заедно со соработниците, е навистина нешто коешто нѐ доближува чекор поблиску до европското здравство“, оцени премиерот Мицкоски.
„Условите што ги видовме, сето она што претставува и апаратура и методологии, навистина е нешто импресивно. Ова се резултатите што ги очекуваме. Интензивно планираме да инвестираме во здравството - во Клиничката болница во Штип, заедно со Медицинскиот факултет и студентскиот дом во Штип, во болницата во Кичево, заедно со Здравствениот дом, во Клиничката болница во Тетово. Така што, ќе бидеме сведоци на еден поширок зафат во периодот што следи“, рече премиерот.
Пациентите се на прво место
Покрај инвестициите, се покажа и колку е битно да се гради дух на индивидуална и колективна грижа за потребите на пациентите. Таков дух промовираа токму вработените од Клиниката за Урологија: тие решија да не ги искористат субвенциите што ги дава операторот, а со кои можат да си обезбедат нови службени мобилни телефони, во вредност од 500.000 денари. Наместо тоа, тие средства ги пренамениле за да купат две машини за перење облека и 18 клима уреди за болничките соби.
Раководството на Клиниката тој чин го оценни како суштинска посветеност за доброто на пациентите. Вработените, пак, порачаа дека сите клиники треба да го следат нивниот гест и со тие средства да го купуваат тоа што е неопходно за подобрување на условите за пациентите.
„Пациентите се на прво место и ние сме тука за нив“, порачаа тие.