Речиси 24% од младите во Македонија ниту учат, ниту работат
12 август 2025Младите во Македонија се соочуваат со ограничен пристап до услуги, ниско ниво на учество во јавниот живот и недоверба во институциите. Повеќе од две третини од младите, сметаат дека не се вклучени соодветно во процесот на донесување на одлуки и дури 70% од младите не се заинтересирани за политиката. Поради високото ниво на невработеност, неквалитетното образование, недостатокот на младински пријателски здравствени услуги, па сè до слабата институционална поддршка и недостигот на безбедни јавни простори, корупција, тие се принудени да бараат перспектива надвор од сопствената држава, алармираат од невладината организација Хера, по повод Меѓународниот ден на младите.
Во пресрет на локалните избори во земјата, младински организации излегоа со листа на барања до идните градоначалници, од кои се очекува да не ја третираат младината како маргинална група за отчет, туку како рамноправни партнери во носењето одлуки и креирањето на иднината. „Младите не се само иднината. Младите се двигатели на промената – тука и сега“, порачуваат од Хера.
23,7% од младите - ниту се школуваат, ниту работат
Повикувајќи се на официјалните податоци, од Хера наведуваат дека 23,7% од младите на возраст од 15 до 29 години се ниту во образование, ниту во вработување, ниту во обука, што е далеку над европскиот просек и сериозен сигнал за системска негрижа за оваа генерација“, посочуваат од Хера.
Студијата за социо-политичко учество на младите во Македонија потврдува дека половина од младите (51,4 %) сметаат дека властите воопшто не се грижат за нивните потреби и проблеми, а само 1,1 % сметаат дека властите целосно се грижат за нивните потреби и проблеми. Три четвртини од младите (73,7 %) досега не биле вклучени или консултирани од локалните или националните институциите при носењето одлуки. Загрижува и фактот што 74,4 од младите не припаѓаат на ниту една организација или друга форма на организирање“, посочуваат од невладината организација.
И покрај тоа што Законот за младинско учество и младински политики е во сила од 2020 година, неговата примена на локално ниво е минимална – само 19 општини имаат формирано локален младински совет, а локални стратегии за млади се усвоени само во 7 општини. Во меѓувреме, голем број млади се соочуваат со недостаток на јавни простори, културна изолација и отсуство на неформално образование и менторство.
Ситуацијата со менталното здравје е подеднакво алармантна – дури 64% од девојчињата на 15-годишна возраст чувствуваат две или повеќе психосоматски тегоби еднаш неделно, а дури 53% од истата група имаат депресивно расположение. Насилството исто така е во пораст, поради што се потребни програми за унапредување на менталното здравје на децата и младите.
Повик за дијалог
Во пресрет на претстојните локални избори, тие ги повикуваат кандидати за градоначалници и советници, изборните програми да ги подготват во консултација и дијалог директно со младите. Се бараат и конкретни чекори за подобрување на условите за живот на младите - како што се воспоставување функционални младински совети во секоја општина, воведување на посебна буџетска ставка за младински политики и програми, обезбедување достапни, бесплатни и безбедни јавни простори за младински иницијативи и младински центри, поддршка за младинско вработување, воведување на локални служби за ментално здравје, како и вклучување на младите во подготовката на локалните развојни стратегии.
„Заминувањето на младите од државата нема да се реши со кампањи и повици за патриотизам и раѓања на деца. Ќе се реши со конкретни, мерливи и долгорочни инвестиции во нивниот потенцијал и услови за живот. Локалната власт е првата линија на контакт со младите во државата и токму таму треба да се започне со вистинските промени“, велат од Хера.
Кон барањата за подобри услови за вработување на младите во земјата се приклучуваат и од Секцијата на млади на ССМ. Тие сметаат дека со раст на платите и ограничување на договорите на определено време од 5 години на 1 година, ќе може да следи трансформација на работниот однос од определено во неопределено време, со што младите би добиле една сигурност во креирање на нивните идни планови. Само на тој начин, според нив, ќе се спречи одливот на мозоци и младите својата перспектива ќе ја гледаат во сопствената држава.