ЕУ ги одлага контрацарините за САД за 90 дена
10 април 2025Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави дека европските контрацарини за американските стоки засега нема да стапат на сила. Тоа ќе важи 90 дена. За тоа време треба да се водат преговори со администрацијата на Трамп. „Доколку преговорите не се одвиваат задоволително, нашите контрамерки ќе стапат на сила“, објасни таа.сад
„Сакаме да им дадеме шанса на преговорите“, ја објасни фон дер Лајен постапката во Брисел. Меѓутоа, ова не е целосна деескалација на трговскиот спор: „Подготовките за натамошни контрамерки продолжуваат“, нагласи фон дер Лајен. Во исто време, „сите опции остануваат на маса“.
Комисијата, меѓу другото, ѝ предложи на американската влада меѓусебно да се укинат сите царини за одредени индустриски производи и автомобили. Меѓутоа, американскиот претседател Доналд Трамп неодамна ја одби понудата.
Новиот пакет царини беше донесен само ден претходно
Уште во средата (9 април, 2025) земјите од ЕУ се договорија за списокот на стоки од САД, кои ќе подлежат на царини од 10 до 25 отсто. Овие тарифи, во износ од 20,9 милијарди евра, требаше постепено да стапат на сила од 15 април.
Ова беше првичниот одговор на ЕУ на царините на Трамп за производите од челик и од алуминиум, кои важат од средината на март и ќе останат во сила. Допрва треба да следи европски одговор на сега суспендираните општи повисоки американски царини.
Неколку земји од ЕУ, меѓу другото, се залагаат за подготовка на постапки против американските дигитални концерни.
Трамп останува строг кон Пекинг
Во средата, Трамп делумно ги суспендираше своите царини, воведени минатата недела, против неколку земји за период од 90 дена. Само царините воведени против Кина беа зголемени на 125 отсто. Пекинг претходно одговори со контрацарини во висина од 84 отсто на увозот од САД.