Некогаш некои очигледни знаци во политиката изгледаат како вистински докази, но друг пат тие знаци може да изгледаат како збунувачка сложувалка.
Два настани оваа недела одржани во регионот и во значајна мерка за регионот (се разбира, и за Македонија) предизвикуваат повеќе прашања отколку одговори. А во исто време, како некои работи да ги вадат од сенките и ги поставуваат на сончевиот сноп. Ќе ви претставиме детали што беа јавни, па можеби и сами ќе можете да донесете заклучоци место да ви се наметнуваат.
Во понеделникот и вторникот во Словенија се одржа Бледскиот стратешки форум, на кој разговорите за Западен Балкан и неговото пристапување кон ЕУ секогаш биле едни од клучните. Особено заради зачувување на геополитичката тежина на ЕУ. Во Блед во 2023 година, тогашниот претседател на Европскиот совет, Шарл Мишел, даде ветување дека ЕУ ќе биде подготвена да прими нови членови од регионот до 2030 година. Гледајќи го ветувањето две години подоцна, некои се оптимисти за мапата на патот, други остануваат скептични.
Тој рече дека ЕУ мора да се подготви за проширување во наредните години преку реформи, буџетски прилагодувања и зајакнато управување. „Проширувањето нема да биде лесно, но ќе вреди. Тоа е најдобрата инвестиција што можеме да ја направиме за да ги помириме народите и историите и да изградиме пообединет континент“, рече претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на панелот во Блед.
Марта Кос, комесарката за проширување, зборуваше со повеќе детали. „Оваа година ќе отвориме уште два кластера за Албанија. Со Црна Гора исто така напредуваме. Ако го завршиме техничкиот дел од преговорите за пристапување во 2026 година, тогаш во 2028 година Црна Гора би можела да биде 28-та членка на ЕУ. Албанија би можела да се приклучи како 29-та членка во 2029 година".
Поддршка за лидерите што веруваат во ЕУ
Таа ги спомена датумите, но другата порака беше уште повaжна:
„Процесот на пристапување мора да го водат лидери кои веруваат дека членството во ЕУ е најдобро за нивните земји и дека тие се способни да воведат реформи… Владеењето на правото, човековите права, борбата против корупцијата, слободните медиуми се клучни".
Веруваат ли лидерите што ги водат Македонија, Србија и Босна и Херцеговина дека тоа е најдобро за нивните земји? Или таа верба ја кажуваат само про форма, за да не излезат сами од шините.
Бидејќи Албанија и Црна Гора се најблискудочленство во ЕУ, медиумите во Љубљана пишуваа дека токму затоа словенечкиот премиер Роберт Голоб намерно ги поканил само премиерите на овие две земји во Блед. Со тоа, како што рече на форумот, испратил порака дека пристапувањето прво ќе им биде достапно на оние кои се сериозни во врска со реформите. Од Македонија беше поканет министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски. Без оглед на неговите фотографии на Фејсбук за средба со оној или со оној министер, неговото присуство беше незабележано меѓу неколкуте стотици учесници. Поканата само до него, а не и до премиерот или претседателката, беше јасна порака за тоа што мисли официјална Љубљана за ќор-сокакот во кој се наоѓаме. А од кој како да нема излез. А можеби и ќе има... како што ќе посочиме подолу.
Колешката Слободанка Јовановска коментирајќи уште една посета на Муцунски на Брисел неодамна, напиша дека Македонија е како „изгубен Германец“ во европската престолнина. Дека владата на ВМРО-ДПМНЕ успева да ги задоволи сите – и националистите и евроскептиците кои сакаат цврста рака кон Софија, и еврофилите кои сакаат евроинтеграција, и ги адресира сите комплекси во Македонија – кукајќи дека не е во ред ние да чекаме и натаму, а Украина да биде привилегирано примена во Унијата. „Многу е тешко сега да бидеш ЕУ функционер што треба да направи нешто за Македонија, а во континуитет да добиваш барања од Скопје што во Брисел не можат да ги исполнат, уште помалку да ги гарантираат“, напиша Јовановска.
Таа е целосно во право. За што ќе зборуваше Мицкоски ако беше во Блед – за неправдата кон Македонија (по илјадити пат), за Копенхашките критериуми, за билатерализацијата на спорот со Софија? Истите и истите работи кои публиката во Блед веќе ги знае. Премиерот Голоб сакаше веројатно нешто друго да чуе – целосна македонска посветеност кон реформите и ЕУ. И бидејќи не е сигурен дека тоа го прави македонскиот лидер Христијан Мицкоски, тој не доби покана за овој важен форум.
Премиер лига и Белградска зона
За ова исклучување овде не се крена голема врева. Ниту некој го споменуваше. Вистинскиот или надуваниот скандал со АНБ и наводното следење на премиерот кога бил во опозиција и некои новинари требаше да го одредат (и уште го одредуваат) стартот на изборната кампања за локалните избори. Но затоа, драмолетката со српскиот претседател Александар Вучиќ доби големо медиумско покривање.
На разгледницата од Блед, со ситни букви пишуваше дека хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на панелот рекол дека „Македонија е блокирана, Србија на работ на граѓанска војна, а Босна и Херцеговина е под постојана закана од отцепување на Република Српска“. Потоа на новинарите им дообјаснуваше дека во Србија, по масовното убиство во белградското училиште и падот на настрешницата во Нови Сад, се создаде атмосфера во која протестите траат повеќе од две години, што е „ситуација која не е вообичаена“. „Немојте да мислите дека заговарам такво сценарио, само студено го опишувам“, истакна Пленковиќ.
Два дена подоцна, во една видео разгледница од Пекинг српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека премиерот Ѓуро Мацут бил поканет на Стратешкиот форум, но дека тој „со право не отишол“ поради присуството на „блокадерите“. Тој додаде дека е невозможно да се споредат средбите што можел да ги има во Блед со оние што ги имал во Кина. „Ако го споредите мојот однос и разговор со Пленковиќ и не знам кој друг… Се наслушав глупости колку што сакате. Ако го споредам со средбите со Ши, Путин и Фицо, тоа е како да се споредува Премиер лигата и Белградска зона“, рече Вучиќ, осврнувајќи се на четвртото ниво на натпреварување во српскиот фудбал.
Но од Љубљана веднаш стигна другата страна на вистината. Вучиќ не ни бил поканет во Блед. Како ни премиерот Ѓуро Мацут. „Српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот Ѓуро Мацут не беа поканети на Бледскиот стратешки форум. Поканет беше српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ, кој учествуваше на Форумот“, наведе словенечкото Министерство за надворешни работи во одговорот до Н1 Словенија. Како што неофицијално дозна Н1 Словенија, Вучиќ побарал и тој да присуствува на форумот во Блед, но не добил покана. Ако добиеше покана можеби тоа ќе му беше добро оправдување да не отиде во Кина на собирот на автократите. Но подобро е да се биде накеде под светлата на рефлекторите отколку никаде, па друштвото на Ши и Путин би бил убав адреналин за суетата.
Ден претходно, на 2 септември, по состанокот на министрите за европски прашања во Копенхаген, Марта Кос рече дека „нашата Унија е отворена и тие врати ќе останат отворени за оние кои целосно, праведно и транспарентно ќе ги исполнат Копенхашките критериуми“. Нагласувајќи дека во случајот на Македонија „штом Владата ќе го промени Уставот“ ќе може да продолжи нејзиниот пристапен процес.
Во деновите пред тоа бугарскиот министер за надворешни работи им се жалеше „со растечка загриженост“ на своите колеги од ЕУ дека Македонија не го исполнува договореното со Преговарачката рамка и ја оцени како „непотребна провокација“ поднесената иницијатива до Уставниот суд за оцена на уставноста и законитоста на вториот протокол. Георгиев во писмото наведува дека Бугарија јасно изјавила оти нема понатамошни услови кон својот сосед, освен она што веќе е договорено и додава дека Софија нема да прифати никакви измени „на консензусот на ЕУ од 2022 година, без оглед на каков било процес, правен или политички, во Северна Македонија“. Шефот на бугарската дипломатија оваа иницијатива ја оценува како апсурден предизвик, координиран со раководството на на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Значи – по изборите
Не е ни премногу важно што пишува во писмото на Георг Георгиев. Тие ставови на Софија се исти по смената на власта во Македонија. Како што не е ни премногу важно што бугарскиот премиер Росен Жељазков истите тие забелешки околу иницијативата пред Уставниот суд му ги пренесе на Антонио Кошта во четвртокот попладне за време на разговорите во Софија. Ниту пак беше ново она што Кошта го кажа на прес-конференцијата: „Она што е договорено, е договорено“ и Македонија треба да го исполни.
Но во оваа разгледница од Софија беа напишани неколку реченици од Кошта со поголеми букви: „Разумно е Северна Македонија да добие гаранции дека нема да има нови услови на нејзиниот пат кон ЕУ по исполнувањето на постојните. Многу е важно да се изгради доверба и да ѝ се даде гаранција на Северна Македонија дека она што го бараме сега е сè што бараме, а не дека чекаме за потоа да побараме да се направи повеќе. Тоа е разумно“.
А потоа со уште поголеми букви на разгледницата ги пишуваше овие зборови на Кошта:
„Лично сум многу ангажиран во тој процес, ги посетував и БугаријаИСеверна Македонија. Верувам дека по изборите во Северна Македонија можеме да напредуваме“.
Значи – по изборите!
Ова е прв пат некој висок европски функционер за зборува дека е можен некаков напредок за излегување од ќор-сокакот по локалните избори во Македонија. Нема тука ништо политички нелогично. На премиерот Христијан Мицкоски не треба да му се создаваат преголеми политички притисоци да попушти за нешто што го клесаше во камен три години, во голем дел врз тоа ги доби ланските избори, а не сака поради тоа да има големо одлевање гласови во октомври. И од американски извори дознаваме дека лагодната патриотска басна би требало да заврши на една и пол година на оваа влада. После тоа ќе мора да се испорача нешто.
Уште е нејасно што. Има иницијатива од 10 земји во ЕУ за промена на одлучувањето во ЕУ за надворешно-политички прашања (една од многуте досега), но таа е главно поврзана со блокадата на Унгарија за продолжување на европскиот пат на Украина. Можеби и Македонија ќе може да се провлече низ оваа врата. Или пак Мицкоски и Жељасков можеби ќе се најдат во Белата куќа, како неодамна лидерите на воените непријатели Азербејџан и Ерменија, каде под палката на Доналд Трамп потпишуваа мировен договор со кој ќе ги отворат клучните транспортни правци, а воедно ќе им овозможат на САД да го искористат намаленото влијание на Русија во регионот. Договорот вклучува договор што ќе создаде голем транзитен коридор што ќе го поврзува Азербејџан со неговата енклава Нахичиван, при што САД ќе ги поседуваат правата за развој на коридорот.
Па, да видиме што ќе биде по изборите.