Разбиена уште една терористичка ќелија во Македонија
24 јануари 2025Полицијата информираше дека е разбиена уште една терористичка ќелија во Северна Македонија. Приведени се четири лица кои се организирале на социјалната мрежа Телеграм, формирале терористичка организација, ширеле пропаганден материјал на ИСИС и регрутирале нови членови.
„Намерата на членовите на терористичката ќелија била извршување на терористички акт на цивилни или така наречени меки цели односно јавни објекти на територија на Северна Македонија со намера да се создаде чувство на несигурност или страв кај граѓаните“, информираат од МВР.
„Се договорале на Телеграм“
Ќелијата делувала од позиција на идеолошка матрица на познатата терористичка организација ИСИС и за остварување на намерата прво пријавениот формирал повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм. Во нив споделувал пропаганден материјал на ИСИС и регрутирал нови членови. Тој се обидел да набави огнено оружје, а набавил и упатства за изработка на импровизирани експлозивни направи кои што потоа ќе ги искористат за извршување на терористички напади.
Полицијата извршила претреси на дом и други простории на пет локации во Скопје и Гостивар. При претресите пронајдени и одземени се повеќе предмети меѓу кои автоматска пушка, пиштол, пропаганден материјал, телефонски апарати, компјутерска опрема и други предмети кои ќе бидат предмет на понатамошни форензички вештачења.
„Постапувајќи по кривичната пријава надлежниот обвинител донесе наредба за спроведување на истражна постапка против овие лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело „терористичка организација“, соопштија од Јавното обвинителство. На осомничените им е определен притвор од 30 дена.
Претходно на 16 декември полицијата приведе 21-годишен гостиварец, кој исто така формирал терористичка ќелија во која регрутирал лица и од земјата и во странство. Организацијата функционирала по матрицата на терористичка организација ИСИС и имала намера за изведување на терористички акт на цивилни цели и јавни објекти.