Разбиена шема со брзи кредити - под истрага 43 лица
10 април 2025Полицијата разби криминална група којашто со компјутерски измами, фалсификување исправи и злоупотреба на лични податоци учествувала во повеќекратни измами на граѓани со „брзи кредити“.Поднесени се пријави против 43 лица, а меѓу нив е и вработен во Фондот за здравствено осигурување. Полицијата и обвинителството споделија детали како се одвивала шемата за измами собрзи кредити.
Измама која траела со години
Се започнало во јули 2022 година кога групатаја осмислила измамата. Тие спротивно без согласност на граѓаните користеле туѓи лични податоци, правеле лажни јавни исправи и преправале вистински јавни исправи со намера да се употребат како вистински. Со внесување невистинити податоци во информатичките системи на десетина различни друштва за „брзи кредити“, како и со фалсификување на електронски потписи, без знаење на оштетените на нивно име земале кредити, создавајќи им обврска на лицата да ги враќаат наводно позајмените средства, наведуваат од полицијата.
Еден дел од осомничените лажирале податоци за вработување на невработени лица, прикажувајќи ги како вработени и кредитоспособни, па врз основа на тие податоци од кредитните друштва извлекувале пари кои потоа не можеле да бидат наплатени. Во тоа им помагал и вработен во Фондот за здравствено осигурување на Северна Македонија, кој им обезбедувал единствен здравствен број на осигуреникот (ЕЗБО), откако преку неговиот компјутер влегувал во електронскиот систем на Фондот.
Ваквите лажни податоци групата ги користела за да подигнат и по неколку различни кредити во различни друштва во еден ден. Потоа парите ги извлекувале од сметка и во најголем дел ги давале на осомничените организатори на ваквите измами. Со тоа незаконски се стекнале со над три милиони денари, велат од МВР.
Обемен доказен материјал
Од Обвинителството информираат дека е обезбеден обемен доказ материјал за целиот случај. За четворица од осомничените, меѓу кои и едно службено лице од ФЗО, е поведена истрага за фалсификување исправа, злоупотреба на лични податоци и компјутерска измама, додека останатите се опфатени во постапката со поединечни дејствија на помагање и соизвршителство во секој од случаите поединечно.
Јавниот обвинител до судијата за претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување мерка притвор за тројца од осомничените опфатени со наредбата за истрага, додека четвртиот веќе се наоѓа во притвор во постапка за друго кривично дело, соопшти скопското обвинителство.
Проблемот со злоупотребите на брзите кредити и „должничкото ропство“ во кешто заглавуваат граѓаните се провлекува неколку гоидни наназад. МВР во 2023 година, само за шест месеци имаше евидентирано 65 пријави на измамени граѓани. Проценките изминатиот период беа дека над 200.000 граѓани зеле брзи кеш кредити.
Собранието во меѓувреме усвои измените на Законот за облигациски односи и на Законот за извршување, со што стави крај на „должничкото ропство“ на граѓаните, кои често беа доведени во ситуација да плаќаат казнена камата, која го надминуваше и износот од главниот долг. На овој начин драстично се намалија вкупните трошоци за брзи кредити, кои не можат да бидат поголеми од 60% од кредитот. Со ова се стави крај на праксата со која за брз кредит од 10.000 денари граѓаните досега враќаа и по 70.000 денари.