Рамафоса и Трамп: Конфронтација во Белата куќа
22 мај 2025Сирил Рамафоса дојде во Вашингтон за да разговара за инвестиции, царини, трговија со суровини и традицијата на Јужноафриканската Република (ЈАР) во голфот како спорт. Но, американскиот претседател Доналд Трамп по исклучок не покажа никаков интерес за овие теми и наместо тоа го соочи својот гостин во Белата куќа пред претставниците на медиумите со печатени статии и видео филм кои, според наводите на Трамп, треба да докажат масовно убиство на белото население во Јужноафриканската Република.
Обвинувањата се засноваат на мит за заговор широко распространет во десноекстремните кругови во САД – мит за т.н. „бел геноцид“. Во ЈАР де факто има ужасни насилни злосторства, но повеќето од жртвите се црнци.
Рамафоса не се возбуди
Напнатата ситуација во Овалната соба, која траеше неколку минути, потсетува на скандалот меѓу Трамп и Володимир Зеленски од пред речиси три месеци. Но, за разлика од претседателот на Украина, Сирил Рамафоса беше подготвен. Тој остана сериозен, но смирен, учтиво праша од кои извори потекнуваат обвинувањата и посочи на разноликоста на неговата земја и на составот на неговата делегација.
Експресна постапка за бели Јужноафриканци
Пред една недела владата на Трамп во експресна постапка им признаа статус на бегалци на околу 50 бели Јужноафриканци. Здруженијата на бегалци и Установи за социјални услуги во САД, како англиканската Епископална црква, која со децении обезбедува помош за бегалци по налог на американската влада, протестираа против таквото постапување.
Бискупот Шон Роу го обвинува претседателот Трамп дека води политика заснована на бојата на кожата. Се претпочитаат бели луѓе, наведува бискупот Роу во интервју за новинската агенција АП. Додека Трамп од доаѓањето на власт, речиси и да не дозволува влез на бегалци од воени и кризни зони, белите Јужноафриканци беа третирани во забрзана постапка.
Обид за собирање поени кај гласачите
Со инсценирањето при прес-конференцијата по повод државната посета од ЈАР, американската влада се обидува да освои поени на домашен терен кај конзервативниот електорат, кој е претежно бел и се чувствува обесправен од имиграциската и социјална политика на претходната американска влада.
Делегацијата на Рамафоса остана уште повеќе од два часа на натамошни разговори во Белата куќа. Новинарите на гостинот од Јужноафриканската Република на излегување му поставуваа прашања околу тоа како поминале разговорите и дали Трамп го слушал.
„Ви благодарам, многу добро“, одговори Рамафоса, но неизвесно е кога ќе има следна средба со Трамп. Иако ЈАР е домаќин на самит на Г20 во Јоханесбург во ноември годинава, американската влада сè уште не открива дали САД ќе учествуваат на самитот.
Автор: Самуел Јакиш, АРД