Путин и Мерц: Понуда за разговори и предупредување
19 јуни 2025Рускиот претседател Владимир Путин изрази подготвеност за средба со германскиот канцелар Фридрих Мерц. Ако Мерц сака да се јави и да разговара, тогаш Русија е отворена за овие контакти, изјави Путин за Германската новинска агенција ДПА на маргините на Економскиот форум во Санкт Петербург. „Секогаш сме отворени за тоа“, рече шефот на Кремљ.
Во врска со неговата агресорска војна против Украина, Путин изјави дека Русија не ја гледа Германија како неутрална и оттаму не како посредник во конфликтот. Германија е на страната на Украина, ја снабдува со тенкови и со тоа е вклучена во борбите.
Испораката на крстосувачката ракета „Таурус“ со долг дострел „целосно би ги уништила“ германско-руските односи и во исто време би имала „никакво влијание“ врз офанзивата на Москва против Киев. Понатаму, ова би ја направило Германија директна страна во војната, предупреди Путин уште еднаш.
Германско-руските односи се на ниско ниво. Русија е загрижена поради испораките на оружје за Украина и, пред сè, сака да спречи Киев да ја добие крстосувачката ракета „Таурус“ од Германија за напади на руска територија. Москва ја класифицира Германија како непријателска земја поради нејзината поддршка за Украина.
Мерц немал никаков контакт со Владимир Путин откако ја презеде функцијата, но постојано го повикуваше шефот на Кремљ да се согласи на прекин на огнот во агресорската војна на Русија против Украина. Многу западни држави ги отфрлаат разговорите со Путин сè додека Русија продолжува да ја бомбардира Украина и сè додека рускиот претседател не се откаже од своите максимални барања. Путин сега изјави дека е подготвен да се сретне со секого во врска со војната во Украина, а ова го вклучува и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Сепак, шефот на Кремљ неодамна не ја искористи можноста за директни разговори со Украина кога Володимир Зеленски сакаше да преговара со Путин во Турција, кога Путин испрати само мала делегација. Путин, исто така, ја отфрли понудата од Западот и Украина за 30-дневен прекин на огнот. Затоа, набљудувачите го обвинуваат шефот на Кремљ за тактика на одложување и добивање на време.
Путин ја коментираше и војната меѓу Израел и Иран. Русија нуди да обезбеди мирна употреба на нуклеарната енергија во Иран, што би требало да ги смири стравувањата на Израел дека Иран ќе се здобие со нуклеарно оружје. Путин им го предложи ова на Израел и на САД. Тој не стравува од пад на иранското раководство поради израелските воздушни напади. „Општеството се обединува околу политичкото раководство“, рече тој.
Русија е близок сојузник на Иран и долго време добива оружје од Техеран за агресорската војна против Украина. Затоа, ЕУ воведе санкции врз режимот на мулите во 2024 година, а европските држави го отфрлаат Путин како посредник во војната на Блискиот Исток.