Психички последици од локдаунот кај младите
11 март 2025Лена денес има 21 година. Таа не сака да зборува за локдауните за време на пандемијата и како и многу други, не сака да се потсетува на времето на коронавирусот. Лена сега- студира, отсекогаш сакала да стане учителка. Но повеќе не, вели таа во интервју за ДВ. Таа била добар ученик додека училиштето сè уште ѝ правело задоволство. Пред пандемијата.
„Таа целосно ни ги украде животите“, налутено вели Лена. „Не можевме веќе да се гледаме со нашите пријатели, сите само ’висеа' на своите мобилни телефони." Наместо да игра одбојка во клубот, како порано, ѝ останало само „бескрајно гледање серии, што друго?“
Дигиталната настава во Германија функционираше по некое време, но беше многу стресно. „Покрај тоа, училиштето не е само учење“, горко додава Лена. „И онака никому не му беше грижа за нас! Бевме целосно изгубени!“
И покрај тоа што таа исцрпувачка фаза на пандемијата е завршена, некои од нејзината генерација или некои нејзини познаници оттогаш станел „малку чудни или непријатни“, вели таа.
Изолација, осаменост, немоќ
Повеќето млади луѓе затворањето за време на пандемијата го доживеале слично на Лена. Ова е потврдено со долгорочни студии. Многу млади се пожалија дека нивната загриженост не била земена предвид: „Не бевме видени, не бевме слушнати“. Нашите интереси, права и потреби при носење тешки одлуки беа третирани како споредни“, ги резимира реакциите на младите Сабине Андресен, претседателка на Германскиот сојуз за заштита на децата.
„Станува збор за чувството на осаменост, за немоќта, за искуството одеднаш да бидете целосно исфрлени од вашето вообичаено секојдневие и воопшто да не знаете што ви е одземено, како да ја обликувате сопствената иднина. А планирањето на иднината е исто така исклучително важно за младите“, нагласува Андерсен.
Анксиозност, депресија и когнитивни тешкотии
Дарина Фалбова спроведе студија меѓу словачки адолесценти за најчестите долгорочни симптоми на затворањата за време на пандемијата. Затворањето на училиштата, ограничувањата за контакт и полицискиот час значително придонесоа за зголемување на психолошките проблеми кај младите, вели доцентката на Катедрата за антропологија на Универзитетот Комениус во Братислава.
Меѓу „најчестите долгорочни симптоми“ се слабеење на меморијата, проблеми со концентрацијата, тешкотии во решавањето проблеми и пронаоѓањето на вистинските зборови. Сите овие симптоми се значително почести кај жените, истакнува експертлката. Вообичаени се и физичките симптоми како намалена кондиција и главоболки“, вели Фалбова за ДВ.
Други студии покажуваат дека многу млади луѓе дури и пет години по пандемијата страдаат од нарушувања во исхраната, анксиозност и депресија.
Промените во животниот стил поврзани со локдауните за време на пандемијата - повеќе време пред екранот, помалку физичка активност и проблеми со спиењето - имаат негативно влијание и на менталното и на физичкото здравје. Жените наведуваат и за појавени неправилности во менструалниот циклус, кои би можеле да бидат поврзани со стрес и хормонални промени по Ковид, додава Фалбова.
Дополнително оптоварување
Менталните проблеми и онака се широко распространети на таа возраст. Притисокот на училиште, социјалните мрежи, стравот од климатските промени и економската несигурност доведоа до зголемување на бројот на депресивни и анксиозни млади луѓе. Постојните нарушувања се влошија дополнително, а се појавија и нови симптоми.
За време и по пандемијата, грижите и проблемите на младите честопати не се сфаќаа доволно сериозно. Младите беа помалку во фокус, бидејќи се сметаше дека се „со помал ризик од тешка форма на ковид“, додека пошироките ефекти врз нивното ментално здравје, образование и долгорочен развој останаа занемарени, нагласува Фалбова.
Какви поуки можеме да извлечеме за следната пандемија?
Научната, социјалната и политичката валоризација на мерките за пандемијата сè уште не е целосно завршена, но од денешна перспектива се покажува дека некои мерки беа претерани.
„Пандемијата на Ковид-19 ни покажа дека иако заштитата на јавното здравје е клучна, долгорочните последици за младата генерација честопати беа занемарувани. Една од најважните лекции е дека менталното здравје треба да биде исто толку важно како и физичкото“, истакнува Фалбова.
Ако се појави нова пандемија, да речеме предизвикана од опасни зоонози или птичји грип, општеството и политичарите ќе мора да применуваат побалансиран и повнимателен пристап кон децата и младите, вели Фалбова. „Во идните здравствени кризи, креаторите на политиките треба да најдат начини да овозможат безбеден социјален контакт - без разлика дали преку активности на отворено, групи за самопомош или внимателно осмислени заеднички програми."