Првата Алијанса не се окрупнува, втората се ситни
19 мај 2025Дали ДУИ ќе биде во ќар со Арбен Таравари или во зијан, или целата операција на прегрупирање во опозицијата ќе заврши како издишан балон? Партиите на Албанците во опозицискиот блок се обидуваат да создадат перцепција дека нештата се движат во нивна корист, но конкретно сѐ е сведено на празни памфлети кон опонентите, со цел неколку месеци пред избори да почне мерењето на политичките мускули.
Од Алијансата за Албанците – крилото на Зијадин Села веќе ги повикаа сите оние кои досега не ја гледале партијата како предмет на трговија - да се вратат во зедничката куќа и семејство!
„Вие сте ни подраги, и ние сме ви подраги, отколку егото на некои поединци кои сакаа да ја заменат куќата за свои интереси“, порача АА од крилото на Села.
Се огласија и Албанци од дијспората, кои исто така побараа единство на сите вистински членови на Алијансата за Албанците и нивно враќање во исто јато, под водство на Зијадин Села:
„Бараме ова обединување да се случи под водство на легитимниот претседател Зијадин Села – човек кој секогаш стоел покрај народот, во тешки и славни денови, човек кој не се ценкал со интересите на Албанците, лидер кој речиси дал сè за еднаквост и правда. Но, кажуваме подеднакво јасно: оваа Алијанса не може да го вклучи Арбен Таравари, кој за жал избра патишта што повеќе не ја претставуваат волјата, духот и идеалите на Алијансата за Албанците. Тој ја изневери довербата на многумина од нас, ставајќи ги личните интереси над националните“, порачаа од дијаспората.
Наратив за еднократна употреба
На ДУИ ѝ одговора во Европскиот фронт (ЕФ) да има обединета Алијанса под водство на нивниот партнер Зијадин Села. Но, прашање е дали крилото на Села би се согласило еднаш одметнатиот Таравари наесен изборно да се вози со поддршка од ДУИ, односно од фронтот. Оттаму и претходно изјавуваа дека Таравари не е трофејот што ќе донесе каква било додадена вредност во ЕФ.
Потенцијалниот ризик од незадоволство на Села во таков случај, сега однапред се амортизира со теза дека расцепкана Алијанса им одговара само на лидерите на ВЛЕН, а со алузија дека на повидок е создавање Алијанса за Албанците број 3. Ваквите наративи имаат за цел да го омекнат евентуалниот отпор на Села и да го стават името на Таравари во заден план, а на преден план обединувањето на Алијансата. Коментарите во оваа насока се дека креаторите на третата Алијанса се желни само за позиции и моќ, бидејќи во спротивно, ако сакаат принципи, а не моќ, и ако не го сакаат ни ДУИ ни Таравари, тогаш зошто не се приклучат на првата Алијанса на Зијадин Села? Притоа „случајно забораваат" дека партијата на Села е во Европскиот фронт предводен од ДУИ, односно дека тие што не го сакаат ни ДУИ ни Таравари „обединети“ би завршиле во атарот на ДУИ заедно со Таравари.
Во блокот на пратиите на Албанците владее убеденост дека Села не би проголтал таква кнедла, дури и ако е спакувана во блескав целофан.
„Освен, ако евентуална согласност да молчи пред дадени концесии за Таравари, не е дел од некаков внатрешен договор во кој ДУИ ќе му се оддолжи на Села во соодветен момент“, коментираат наши извори.
Се осипува кругот на Таравари
Во моментов „првата Алијанса“ не се окрупнува, а се ситни втората, раководена од Таравари. Неговиот сопратиец Арбен Фетаи, кој е и заменик-премиер во Владата, веќе се изјасни дека останува на страната која „нема да дозволи ДУИ да се врати како ништо да не се случило".
Завчера пратеникот Салим Сулејмани поднесе оставка од сите партиски функции во Алијанса, но и од пратеничката функција во Собранието, незадоволен што АА отстапила од целите заради кои се приклучиле на коалицијата ВЛЕН.
„Приближувањето до ДУИ во пресрет на локалните избори претставува сериозно отстапување од принципите за кои се залагавме (...) Не можам да бидам дел од Алијанса што се формира од теснопартиски интереси и со луѓе што се спомнуваат на меѓународни црни листи поради тешки афери“, порача Сулејмани.
Таравари реагираше со кратка порака на социјалните мрежи – дека „вистинската моќ е во народот, а октомври е многу блиску“.
Со оставката на Сулејмани Таравари изгуби еден пратеник, а засилување доби ВЛЕН, со оглед дека местото пратеник го презема следната пратеничка на листата - Валбона Адили Емини од Движењето БЕСА. Таа е лекар специјалист од Кичево, воедно и претседателка на партискиот Форум на жени. Оваа промена ја ускратува и можноста партијата на Таравари да формира пратеничка група, бидејќи засега ѝ остануваат 4 пратеници, а за група се потребни најмалку 5.
Во меѓувреме продолжува специјалната војна меѓу двата опонентски блока. На адреса на Сулејмани се испорачани шпекулации дека оставката на пратеничкото место ја дал заради ветувања за амбасадорска функција. Во исто време, функционери од ДУИ иронично коментираат дека за судбината на ВЛЕН најшироко била распространета загриженоста токму во македонските политички и медиумски кругови, со забелешка - не треба ли самите Албанци да бидат најзагрижени?
Битка на базично ниво
Таква загриженост не постои, барем не кај најголемата партија во македонскиот блок. Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, порача дека Владата продолжува уште посилна и уште пообединета во следната фаза на организирање и битка против политичари кои користат интриги, уцени, корупција, и од кои на граѓаните им е преку глава.
„И ќе продолжи, затоа што ова не е етничка или верска битка. Не е ниту идеолошка. Ова е битка на едно базично ниво, на бандити од едната страна и Македонија и сите нејзини чесни граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци и останати на другата страна“, рече Мицкоски на вчерашната 20-та годишна конференција на партиската Унија на жени.
Според премиерот, калкулациите на Таравари на долг рок нема да излезат добро за неговата партија.
„Со ваквото однесување - излегување и влегување во влада - кое е рамно на она ‘како досега', нема да помине долго кога и неговите сегашни партнери од ДУИ ќе сфатат дека нивното партнерство е со времен карактер. И нормално, тоа ќе трае додека не добие подобра понуда или додека нема некоја друга уцена за нешто, и ќе му се заблагодарат, не далеку отсега“, прогнозира Мицкоски.
Смета дека Таравари ризикува неговата партија да биде маргинализирана, а неговите луѓе заборавени или претопени во ДУИ.
„Со среќа нека му е, тој го одбра својот пат. Никој никому не може да направи толкава штета, како што човек може сам себеси да си направи. Ќе дојде денот кога пак ќе се сретнеме, дали преку ВЛЕН или во други комбинации, кога ќе се обиде повторно да влезе во коалиција со нас. Верувајте ми дека и тој ден ќе го дочекам“, рече Мицкоски.