Проверки: се правеле ли операции само за профит?
21 август 2025Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) во изминатите четири години нема добиено претставки од пациенти за непотребни медицински интервенции. Ова го покажале контролите кои редовно се вршат за проверка на спроведувањето на договорните обврски со јавните и приватните здравствени установи. Ваквата информација следи откако Министерството за здравство најави дека ќе се прават проверки, како и итни и вонредни надзори. Министерот за здравство, Азир Алиу, информираше дека е формирана интерна комисија, а ќе се направи и независен стручен надзор со тројца експерти од странство, чиј извештај ќе биде патоказ како да се постапува во иднина.
Проверките следат откако кардиологот Сашко Кедев во гостување на Канал 77, изјави дека во приватни болници воМакедонија се вршат непотребни интервенции со цел да се стекне поголем профит.
Претставки на пациенти
Од ФЗО нагласуваат дека со внимание ги следат сите прашања поврзани со квалитетот, безбедноста и законитоста на здравствените услуги што им се обезбедуваат на осигурениците и апелираат за „одмерена и аргументирана комуникација заснована на проверливи факти, со цел зачувување на довербата во здравствениот систем и избегнување на генерализации што можат да предизвикаат сензационализам“.
ФЗО врши редовни контроли на спроведувањето на договорните обврски со јавните и приватните здравствени установи, со цел да обезбеди здравствените услуги да се изведуваат во согласност со законските прописи и склучените договори. Во сите установи се вршат редовни годишни контроли, а Фондот постапува и по поднесени претставки на пациенти или по сопствен наод. Оттаму велат дека во изминатите четири години не се евидентирани претставки за непотребни медицински интервенции, додека по сопствен наод Фондот има извршено девет контроли за приватно наплатени средства.
ФЗО, сепак, преку соопштението посочува дека нема законска надлежност да ја оценува медицинската оправданост на изведените интервенции, ниту да врши инспекциски надзор врз стручната работа на здравствените установи. Овие надлежности се во доменот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат или на специјални комисии формирани од министерот за здравство.
Реакцијата следи откако Кедев во гостување на Канал 77 изјави: „Најголем дел од мојата консултативна активност е во одвраќање луѓе од непотребни интервенции, непотребни стентирања, непотребни операции. Ние во моментот се соочуваме со нешто застрашувачко, а тоа се тие непотребни интервенции, кои што се профитно ориентирани“.
Вонреден надзор
Министерството за здравство најави контроли и вонредни надзори за да се утврди дали навистина имало злоупотреби. Реагираше и приватната болница „Систина“, која побара од Кедев да прецизира на која болница мисли во изјавата, во спротивно најавувајќи тужба за клевета и навреда.
„Во изминатите 25 години, Клиничката болница „Аџибадем Систина“ никогаш не извршила хируршка интервенција без јасна медицинска индикација. Нашиот приоритет отсекогаш бил и ќе остане – здравјето и безбедноста на пациентите“, наведоа тие преку соопштение.
Министерот за здравствоАзир Алиу неодамна најави дека комплетната дигитализација на здравствениот сектор ќе опфати и двонасочна размена на информации меѓу јавните и приватните здравствени установи преку системот Мој Термин. Со тоа, според него, ќе се добие јасна слика и за евентуалните злоупотреби на системот и на финансиските средства.