Видеото на Трамп не докажува „геноцид“ во Јужна Африка
23 мај 2025Американскиот претседател Доналд Трамп упати сериозни обвинувања за време на посетата на јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса на Белата куќа. Тој тврдеше дека во Јужна Африка се случуваат масовни убиства на бели фармери.
Но, овој наратив дека белото население се уништува систематски и намерно, не е поткрепен со факти и официјални статистики. Овие тврдења кружат во десничарските кругови со години и се поврзани со расистичката теорија на заговор за „големата размена“.
Тврдење: „Ова се гробишта. Илјадници бели крстови. Сите овие се бели фармери и нивните семејства. Сите беа убиени“. Вака американскиот претседател Доналд Трамп го коментираше видеото што го прикажа за време на средбата со јужноафриканскиот претседател на 21 мај во Белата куќа.
Проверка на факти од DW: неточно
Тврдењето на Трамп кружеше на социјалните мрежи и пред посетата на Рамафоса на САД. Така, еден корисник на платформата X на 12-ти мај објави дека секој крст претставува еден убиен бел фармер во Јужна Африка. Видеото е прегледано речиси 55 милиони пати (според податоците од 22 мај).
Пребарувањето на фотографии на интернет покажа дека видео снимката од бели крстови покрај патот, што ја користел Трамп, веќе кружела на социјалните мрежи во 2020 и 2023 година. Не станува збор, како што тврди Трамп, за гробовите на повеќе од илјада убиени фармери.
„Рамафоса, уште колку треба да умрат?“
Сцените всушност покажуваат протестна акција во близина на јужноафриканскиот град Њукасл на 5 септември 2020 година. Протестот беше поттикнат од убиството на брачната двојка Глен и Вид Раферти на нивната фарма во август 2020 година.
Меѓу другото, јужноафриканскиот весник „Њукасл адвертајзер" за случајот објави: „Камиони, трактори, товарни возила, комбиња, лимузини, скутери, мотоцикли, хеликоптери и авиони - возила од секаков вид беа денес (5 септември) дел од протестниот марш Move ONE Million, поставени длабоко во Нормандија (...) На извесно растојание од мостот преку реката Хорн волонтерите поставија стотици симболични дрвени крстови долж патот. На половина пат до Хановер, фармата каде што беа убиени Глен и Вида Раферти, беше поставен огромен транспарент преку патот: „Претседателе Рамафоса, уште колкумина мора да умрат?“
Во друг дел од видеото што го користеше Трамп, јужноафриканскиот политичар Јулиус Малема е прикажан како го извикува слоганот: „Убиј го бурот, убиј го фармерот“.
Снимките потекнуваат од националниот стадион ФНБ во Јоханесбург, каде што левичарската јужноафриканска партија Борци за економска слобода (ЕФФ) во август 2023 година ја прослави својата десетгодишнина. Јужноафриканскиот весник VRTNWS, исто така објави извештај за настанот.
Опасен говор на омраза
Јулиус Малема беше член на јужноафриканската владејачка партија Африкански национален конгрес (АНЦ) пред основањето на ЕФФ и беше исклучен од партијата во 2012 година. Песната е стар борбен повик од ерата на апартхејдот и постојано е прогласуван за говор на омраза во Јужна Африка.
Јужноафриканскиот претседател Рамафоса веднаш се огради од изјавите на видеото откако беше прикажано. „Овие говори не се дел од владината политика“, рече претседателот.
И јужноафриканскиот фармер Тео де Јегер за Дојче веле изјави дека не постои геноцид врз белите фармери во Јужна Африка. Откако Трамп неодамна на белите фармери им понуди азил во САД, Де Јегер му напиша отворено писмо.
„Му напишав писмо на Трамп бидејќи се плашам дека тој не разбира целосно што се случува овде“, изјави тој за ДВ. „Попрво би сакале да видиме да се залага за конкретни подобрувања на нашата ситуација и да можеме сами да ги решиме нашите проблеми. Не станува збор само за расизам, бидејќи и црните фармери имаат слични проблеми."
Распределбата на земјиштето во Јужна Африка останува крајно нееднаква повеќе од 30 години по крајот на апартхејдот. Според извештајот на јужноафриканската влада од 2017 година, белите луѓе поседуваат околу 72 отсто од земјоделското земјиште, додека црните Јужноафриканци поседуваат само околу четири отсто од поединечно регистрираните фарми. Белите Јужноафриканци сочинуваат само 7,8 отсто од вкупното население на Јужноафриканската Република.
Оваа статија е настаната во соработка со тимовите за проверка на факти на јавниот сервис АРД-проверка на факти, БР24 #Faktenfuchs и ДВ проверка на факти.