Дали администрацијата на Трамп ја искривува историјата?
28 август 2025Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, наиде на исмејување на социјалните мрежи откако во телевизиско интервју тврдеше дека на Втората светска војна ѝ бил ставен крај преку преговори, бранејќи ги дипломатските напори на претседателот Доналд Трамп во војната на Русија против Украина. „Втората светска војна заврши со безусловната капитулација на Германија и Јапонија, а не со преговори“, беше потоа објавено на профил на платформата Х наречен „Републиканци против Трамп“, а во објавата беше објавен и исечок од интервјуто на Венс.
На 8 мај 1945 година, нацистичка Германија безусловно капитулираше, откако диктаторот Адолф Хитлер се самоуби. Сојузникот на нацистичка Германија, Јапонија, капитулираше подоцна во август, откако САД фрлија атомски бомби врз Хирошима и Нагасаки.
Ова е уште еден историски гаф од администрацијата на Трамп.
Претседателот Трамп во повеќе наврати извртува историски факти за да ги прилагоди на неговиот наратив. Тој вршеше притисок врз музеите за да се усогласат со неговиот поглед на светот, критикувајќи ги за прикажување на американската историја - особено ропството - во негативно светло. Тимот за проверка на факти на ДВ испитува некои од најконтроверзните историски тврдења на Трамп.
Покојниот чичко на Трамп и „Уна-бомбашот“
Тед Качински, еден од најозлогласените домашни терористи познат како „Уна-бомбашот“, уби тројца и повреди 23 лица испраќајќи им експлозивни направи, првенствено таргетирајќи научници. Тој призна дека пратил 16 бомби во текот на речиси две децении.
Во јули годинава Трамп на настан во Питсбург, Пенсилванија, тврдеше дека неговиот покоен чичко Џон, поранешен професор на МИТ, му предавал на Качински. Тој всушност студирал на Харвард, а подоцна и на универзитетот во Мичиген. Чичкото на Трамп починал во 1985 година, а Качински бил уапсен дури во 1996 година. Приказната ја побија неколку новински куќи.
Погрешни тврдења за царините и Големата депресија
На средба на владиниот кабинет во јули годинава, Трамп рече дека Големата депресија „никогаш немало да се случи“ доколку САД ги задржеле царините и потоа погрешно тврдеше дека тие биле вратени „по депресијата“.
Но, во реалноста Големата депресија почна во 1929 година и траеше околу една деценија. Законот за царини на Смут-Холи од 1930 година имаше за цел да ги заштити домашните бизниси, ги зголеми увозните давачки и предизвика одмазднички царини од над 20 земји со што глобалната економска криза беше продлабочена, откако со мерката на Фордни-МекКамбер во 1922 година веќе еднаш беа воведени царини за увезена стока.
Трамп вели дека предупредил од инвазија во Ирак
Трамп долго време тврдеше дека бил против инвазијата на Ирак во 2003 година. Во јуни, тој повтори дека бил „многу против Ирак. Бев и го кажав тоа јасно и гласно“, рече тој додека стоеше на пистата до владиниот авион. „И всушност реков: 'Не влегувајте, не влегувајте, не влегувајте'“, додаде во таа прилика Трамп.
Но, Си-Ен-Ен и Базфид во 2016 година известуваа дека Трамп изразил поддршка за инвазијата во 2002 година во шоуто на Хауард Стерн. Самиот Трамп во претседателска дебата со Андерсон Купер од Си-Ен-Ен вели дека „можеби и го кажал тоа“, додавајќи дека „кога почна војната, бев против“.
„Вашингтон пост“ исто така направи проверка на фактите уште во 2016 година, па дури и состави времеплов на коментарите на Трамп во пресрет на инвазијата на Ирак во 2003 година, покажувајќи недоследности во неговите изјави.
Притисок од Трамп да се менува историјата во музеите
Трамп потпиша декрет со кој на потпретседателот, член на Одборот Смитсонијан, му наложува да ја елиминира „несоодветната, насочена кон поделби или антиамериканска идеологија“ од музеите, образовните центри и Националната зоолошка градина на Смитсонијан, се вели во соопштение објавено од Белата куќа.
Институцијата Смитсонијан, најголемиот музејски и истражувачки комплекс во светот, 62% е финансирана од средства на сојузната држава. Тука се вклучени 17 музеи во Вашингтон и два во Њујорк.
На платформата Truth Social, Трамп ја критикуваше институцијата Смитсонијан дека се концентрира на тоа „колку е ужасна нашата земја, колку било лошо ропството и колку биле неуспешни угнетените лица“.
Во пресрет на 250-годишнината од постоењето на САД, властите на ревизија ставија осум музеи, вклучително и Националниот музеј на американска историја и Националниот музеј на афроамериканската историја и култура. Од нив е побарано да достават планови за изложби, образовни материјали и дигитална содржина.
Во втората фаза ревизија ќе има во уште повеќе музеи, стои во писмо од Белата куќа до Смитсонијан.
Минатата недела, Белата куќа објави статија со наслов „Претседателот Трамп е во право за Смитсонијан“. Во неа се критикуваат изложбите што се фокусираат на расата, ропството, сексуалноста и имиграцијата.
Како одговор на тоа, повеќе од 150 организации за културата и над 300 поединци потпишаа јавна изјава за поддршка на уметничката слобода и отпор на политички притисоци.
Иако во изјавата Трамп не се споменува директно, таа ја адресира растечката загриженост за мешање во институции како Смитсонијан и Центарот Кенеди.
Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик