Замислувањето на хипотетички светови може да биде полезно за разоткривање меѓузависности и противречности. Ве повикувам да си претставите свет без математика, без Питагора, Архимед, Евклид, Њутон... Со какво предупредување, во овој хипотетички свет, би биле пречекувани посетителите на Платоновата академија?
Нека не влегува оној кој не знае ______________1.
Како би изгледала Етиката на Спиноза? Секако, не би постоела аналитичката философија. Тешко ми е да си ја замислам Феноменологијата на Хусерл, а Хајдегер, веројатно, е повторно нацист.
Не ме сфаќајте погрешно, се разбира дека постои некаква философија во светот без математичари, но целта на оваа игра на замислување е да нѐ потсети дека западната философска традиција (во овој наш свет) од самите свои зачетоци се обликува во дијалог со математиката.
Сега предлагам да ги вратиме математичарите, но да ги жртвуваме философите.
Каква е математиката во свет без философија? За почеток, лишени од нивната философија, Питагорејците не пронаоѓаат мотивација да ги истражуваат мистичните својства на броевите.
Се разбира, нема место во овој чист математички свет за Лајбниц, Декарт и Паскал- нивната математика е непоправливо ископромитирана од метафизички, теолошки и етички нечистотии. Фреге, Расел, Хилберт, Брауер, Гедел и Тарски ќе бидат спалени на клада, за да бидат пример за секој што ќе се дрзне да се запраша за основите на математиката. Халмош ќе биде безмилосно казнет затоа што сака букви повеќе од бројки.
Ништо, освен учебниците
Во светот темелно прочистен од философија се чини дека речиси ништо нема да остане од математиката. Речиси ништо, бидејќи сепак, во Македонија ќе останат учебниците по математика за основно и средно образование.
Поентата е дека во оној момент кога математичарот ќе направи и најмал гест што не се сведува на безумна манипулација на симболи, тој веќе навлегол длабоко во доменот на философијата. Што претставуваат броевите? Дали навистина постојат кругови и прави линии? Каква е природата на бесконечноста? Кое е значењето на симболот '='? Ова се длабоки философски прашања. Се разбира, сосема е можно да се поставуваат овие прашања со целосна агнозија за богатата традиција на философската мисла, исто како што денес непознавањето на физиката не спречува мноштво ентузијасти да размислуваат за физичката реалност. Меѓутоа, познавањето на философијата штити од многу потешки облици на глупавост од верувањето дека земјата е рамна.
Во борбата против глупоста е тешко да пронајдете подобар сојузник од логиката. Но, безимените составувачи на Концепцијата за реформи во гимназиското образование одлучиле да ја елиминираат токму логиката од листата на предмети за гимназиско образование. Можам да го наслутам нивниот изговор: формалната логика е вклучена во наставната програма по математика. Проблемот со таквата произволна дисекција е што кога формалната логика ќе се отсече од телото на философијата, таа се преобразува во стерилна сенка на самата себе.
„Секој добар математичар е барем половина филоcоф,
а секој добар филоcоф е барем половина математичар“
-Готлоб Фреге
Часовите по математика- онакви какви што се во македонското средно образование, лишени од философски промислувања и историска перспектива, не поттикнуваат креативност и култура на размислување. Напротив, поттикнуваат фах-идиотизам. А можеби токму тоа го посакуваат безимените составувачи на Концепцијата за реформи во гимназиското образование кога ја повторуваат мантрата „развивање на критичко размислување, истражувачки способности и вештини за решавање проблеми“.
Всушност, можеби, училиштето, како основен идеолошки и дисциплински апарат, најфлагрантно успева да ја артикулира хегемонската идеологијата на часовите по математика: „Во математиката нема мислам, или знаеш, или не знаеш", ќе прекорат професорите по математика.
Култура на размислување може да се создаде само во образовен систем втемелен во интелектуалната историја на човештвото, кој го препознава аксијалното место на философијата, книжевноста и социологијата, не ги омаловажува етиката и логиката и не ја заборава класичната култура. Предложените реформи во гимназиското образование, за жал, само може да ја продлабочат културата на безумие и неморал.
***
Имагинацијата се расплетува во свет структуриран од модалната логика. Што верувам дека е вистина, што би можело да биде вистина, што треба да биде вистина- се основните модалитети на имагинацијата. Во моментот кога еден можен свет, достапен од нашиот актуелен свет, конзистентно и прилично целосно ќе се замисли, склон сум да верувам дека на некој начин веќе постои. Многу можни светови- како оние замислени во овој текст- се дистописки и треба да се бориме да ги оттурнеме. Но, луѓето понекогаш умеат да си замислат и убави светови, чие постоење морално не обврзува да се обидеме да им се доближиме.
(1) Во нашиот свет, празното место го пополнува зборот геометрија.
Со длабока почит кон професорите по философија, логика, етика, социологија, латински јазик и класична култура, Слободан Танушевски. Професор на Институтот за Математика и Статистика при Федералниот Универзитет Флуминензе, Нитерои, Рио де Жанеиро.