Протести во Србија: Студентите бараат вонредни избори
7 мај 2025„Го повикуваме народот да ја поддржи листата на која студентите во блокада на сите високообразовни институции на територијата на Србија ќе ѝ ја пренесат својата доверба, за на вагата на правдата да надвладее вистината“, наведуваат од „Студенти во блокада“.
Како што објаснуваат некои студенти, тие нема да се кандидираат за функција, туку ќе поддржат луѓе кои „имаат кредибилитет“ и за кои веруваат дека ќе го застапуваат гласот на народот.
Ова се смета за кулминација на политичката артикулација на повеќемесечните протести во Србија, а на изборите се гледа и како на предуслов за исполнување на барањата на студентите.
Неколку опозициски партии безусловно го поддржуваат барањето на студентите, наведувајќи дека на оваа цел ќе ѝ ги посветат сите свои ресурси. Некои опозициски лидери сметаат дека идејата за преодна влада била подобра и дека е невозможно да се очекуваат фер и слободни избори организирани од Александар Вучиќ.
Владата едногласно ја отфрла идејата за предвремени избори, кои ги смета за катастрофа за државата, или не гледа потреба од нив, бидејќи, како што вели министерот за полиција Ивица Дачиќ, „тие би можеле да бидат крај на сонот на оние кои бараат избори“.
Во познат манир, претставниците на режимот и оваа прилика ја искористија да го претстават легитимното барање за политички промени како некаква подземна и незаконска активност.
Нетипично отфрлање на изборите
Властите во изминатите месеци правеа само козметички отстапки и затоа, на пример, ја отфрлија идејата за преодна влада, а сега и идејата за предвремени избори.
Ова не е типично однесување на режимот, кој често прибегнува кон предвремени избори во моменти на политичка криза.
Опозицијата смета дека политичкиот рејтинг на власта е неповратно нарушен, а како што за ДВ забележува новинарот Недим Сејдиновиќ, „Вучиќ на избори излегуваше само кога беше уверен во својата победа“.
„Ако сега се покаже дека победата на СНС е под знак прашалник, мислам дека по секоја цена ќе избегнуваат распишување избори. Тоа ќе го избегнуваат и ако проценат дека растечкиот бунт на граѓаните ќе доведе до многу посилна контрола на изборите, што може да доведе до тоа - да употребам малку иронија - да размислуваат и за укинување на изборите“, вели Сејдиновиќ за ДВ.
Расте притисокот врз Вучиќ
Нејасно е и како властите да бидат принудени да распишат избори, бидејќи тие не се согласија ниту со решенија кои можеби им се побезболни.
Како што за ДВ оцени политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ, формулирањето јасно барање „води до поголема мобилизација и посилен притисок врз Александар Вучиќ“.
„Тој досега не се соочил со нешто што има политичка димензија и тоа тешко може да го одбие без да признае дека ги крадел на изборите. Тоа ќе биде проблем и за ЕУ и за други меѓународни фактори, бидејќи досега секогаш велеше дека секогаш е подготвен за тоа народот да даде свој суд - сега има можност да го стори тоа, се разбира под услов некои работи да се променат во изборниот процес“, вели Анѓелковиќ.
Зошто овој, а не оној?
Студентите во последните месеци трпеа бројни критики поради оградувањето од опозициските партии и движења и тоа сега може да претставува дополнителен проблем.
На идната студентска листа најверојатно ќе има и имиња на припадници на опозицијата и на различни граѓански движења. Ова веројатно ќе доведе до традиционалната дебата на српската политичка сцена: зошто овој може, а оној не може да биде на листата и.т.н.
„Тоа е голема замка“, смета Недим Сејдиновиќ, „бидејќи за почеток политичките партии кои ги поддржуваат студентите ќе се најдат во ситуација на некакво самоукинување“.
„Од друга страна, политичките процеси во Србија траат долго и од таа перспектива секој човек може да биде под знак прашалник, или затоа што некогаш се занимавал со политика, или напротив - затоа што не се занимавал со политика. Студентите ја кренаа лествицата и за самите себе и се надевам дека критериумите за луѓето на таа листа ќе бидат стручност, сериозност и посветеност, а не некаков вид морална паника.“, наведува Сејдиновиќ.
Листата која што се очекува од студентите ќе биде граѓански во најширока смисла, вели Драгомир Анѓелковиќ.
„Ќе има простор и за опозицијата, но како поединечни учесници. Таа листа ќе има голем морален кредибилитет, кој верувам дека нема да биде доведен во прашање. За незадоволните тоа би бил црвен картон и тие би поминале како Вук Драшковиќ во пресрет на 5 октомври 2000 година, кога не беше подготвен за договор и исчезна од политичката сцена“, потенцира Анѓелковиќ.
Лизгавиот терен на изборните услови
Исполнувањето на изборните барања е следната голема дилема, бидејќи дури и власта да се согласи со избори, сигурно нема да ги исполни условите за фер и слободни избори.
Или, во најдобар случај, ќе се преправа дека ги исполнува овие услови, пред сѐ поради меѓународната заедница.
Од оваа перспектива, состојбата со медиумите може само да се влоши, оценува Недим Сејдиновиќ, додека средувањето на избирачкиот список е сериозна работа за која се потребни и стручни луѓе и време.
„Капиларни гласови, злоупотреба на социјални институции, купување гласови, заплашување - мислам дека власта веќе тука може да има извесни проблеми. Работите тука малку се променија благодарение на протестите, а мислам дека е тоа случај и со измамите на самите избирачки места. Целото ова движење на граѓаните и нивната организираност за првпат може да значи посериозна контрола на денот на изборите“, нагласува Сејдиновиќ.
Како до изборите?
Доколку власта остане цврсто на ставот дека не сака избори, Драгомир Анѓелковиќ смета дека „широка листа и јасно дефинирани барања овозможуваат многу поефективен притисок, кој би подразбирал посилни блокади на државните институции, повикување на граѓаните на пасивен отпор, што студентите досега го одбиваа, но сега тоа може да биде многу пофокусиран притисок што ќе ја принуди владата да попушти“.
Недим Сејдиновиќ, пак, смета дека „кризата во Србија е веќе толку длабока, што е тешко да се надмине без некои крупни политички решенија, а изборите се секако едно од тие решенија“.
„Дури и протестите да исчезнат преку ноќ, незадоволството на граѓаните е огромно и ќе биде доволен мал повод за тие повторно да се разгорат“, заклучува Сејдиновиќ.