Протести во Србија: Десетици повредени и уапсени
15 август 2025Втора ноќ по ред во Србија се забележани насилни судири на протестите против владеењето на претседателот Александар Вучиќ. Во Нови Сад, вториот по големина град на северот од земјата, луѓето кршеа прозорци на два штаба на партијата на претседателот, Српската напредна партија (СНС), упаднаа во зградите и земаа предмети, објавија српските медиуми. Во главниот град, Белград, поддржувачите на СНС фрлаа пиротехнички средства врз противниците на владата. Медиумите дополнително наведоа дека атмосферата била хаотична.
Според министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ, пет полицајци се повредени, а 14 демонстранти се уапсени. Вучиќ во ТВ-емисија изјави дека ќе има уште апсења. Тој, исто така, ја критикуваше полицијата што не интервенирала доволно остро против демонстрантите во Нови Сад. Во една од уништените згради на СНС, во времето на нападот, воопшто немало полицајци, објави белградската новинска агенција Танјуг.
Како и претходната вечер, противниците на власта демонстрираа на повеќе од 30 места низ земјата пред седиштата на СНС, каде што ги чекаа полициски блокади и поддржувачи на СНС. Уште претходната вечер имаше десетици повредени - во тепачки меѓу демонстрантите од различни страни и како резултат на полициска бруталност со палки. Вучиќ најави дека властите ќе ги „исчистат“ улиците од демонстрантите, кои ги нарече криминалци.
Обвинувањата за корупција повод за протестите
Повеќе од девет месеци, речиси секојдневно, толпи луѓе во Србија протестираат против Вучиќ. Повод за протестот беше уривањето на новореновираната настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, во кој загинаа 16 лица. Независни експерти и членови на опозицијата веруваат дека небрежноста и корупцијата под владата на Вучиќ се одговорни за трагедијата.
Демонстрантите ја критикуваат владата на Вучиќ како корумпирана и авторитарна. Тие бараат нејзина оставка и нови избори. Неодамнешните протести беа дополнително поттикнати од фактот дека поддржувачите на партијата СНС на Вучиќ пред три дена физички ги нападнаа демонстрантите кои ја критикуваа владата во северните српски градови Врбас и Бачка Паланка, без да интервенира полицијата.