Протести во Израел за крај на војната во Појасот Газа
18 август 2025Десетици илјади луѓе демонстрираа и штрајкуваа низ целата земја во неделата барајќи крај на војната во Појасот Газа и ослободување на заложниците што се наоѓаат во рацете на Хамас во Газа. Демонстрантите блокираа неколку главни патишта, додека многу продавници во Ерусалим и Тел Авив останаа затворени. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги обвини дека со своите протести ја зајакнуваат радикално исламистичката палестинска организација Хамас.
Во Тел Авив, собирите продолжија и во вечерните часови. „Вратете ги сите дома!“ и „Крај на војната!“ скандираше толпата. Форумот на семејствата на заложниците, најголемото здружение на роднини, повика на ден на протест и штрајк во знак на солидарност со заложниците што ги држат исламистите во Појасот Газа.
Недела е првиот ден од неделата во Израел. Според форумот, речиси половина милион луѓе учествувале на протестите низ целата земја. Демонстрациите следеа по најавата на израелскиот кабинет за безбедност дека ќе ги прошири операциите против Хамас во Појасот Газа.
Сликите во израелските медиуми покажаа демонстранти како палат гуми и предизвикуваат значителен сообраќаен метеж. Меѓу другото, беше блокиран автопатот помеѓу Тел Авив и Ерусалим. Полицијата објави апсење на повеќе од 30 учесници.
Армијата вели дека има намера да го освои градот Газа и бегалските кампови во центарот на Појасот Газа. Семејствата на заложниците стравуваат дека проширувањето на операцијата може да доведе до смрт на нивните киднапирани роднини.
Началникот на Генералштабот на израелската армија, Еџал Самир, во неделата објави одобрување на „следната фаза“ од плановите за освојување на градот Газа. Според медиумските извештаи, овие планови предвидуваат евакуација на жителите на градот, проследено со опколување и освојување.
Армијата сега ќе ги „концентрира“ своите операции врз градот Газа со цел да му нанесе „решителен“ пораз на радикалниот исламистички Хамас, се вели во соопштението на армијата. Десетици илјади резервисти на израелските одбранбени сили ќе бидат повикани за операциите, според извештаите на израелските медиуми.
Десетици демонстранти се собраа пред резиденцијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, барајќи премиерот да ја заврши војната и „да ги врати сите назад“. Тие држеа фотографии од заложници и мавтаа со израелски и жолти знамиња, симболичната боја на заложниците. Џиновски израелски знаме со портрети на заложници беше закачено на таканаречениот „Плоштад на заложниците“ во Тел Авив, кој стана симбол од почетокот на војната во Појасот Газа.
Нетанјаху ги осуди собирите, обвинувајќи ги демонстрантите дека „не само што ја зајакнуваат позицијата на Хамас и го одложуваат ослободувањето на нашите заложници, туку и обезбедуваат повторување на злосторствата од 7 октомври (2023)“.
Хамас и неговите сојузнички борци ја предизвикаа војната во Појасот Газа со нивниот масивен напад врз Израел на 7 октомври 2023 година. Според израелски извори, повеќе од 1.200 луѓе беа убиени во нападот, а 251 беа земени како заложници во Појасот Газа. Хамас сè уште држи 49 заложници, од кои само 22 се уште се живи, според израелската армија.
Израел спроведува масовни воени операции во Појасот Газа од големиот напад на Хамас. Според властите на Хамас, досега се убиени повеќе од 61.900 луѓе. Бројките не можат да бидат независно потврдени, но ОН ги смета за реални.