Прослава на Илинден: Пораки за обединување
2 август 2025На Денот на Републиката, 2. август, празник со кој Македонија денеска ги одбележува двата големи историски и државотворни настани - Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ во манастирот Прохор Пчински, на кое беа поставени темелите на современата македонска држава, државниот врв од Мечкин Камен, Пелинце и од Скопје испрати честитки и пораки.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која е покровител на централната манифестација во Крушево, положи свежо цвеќе на гробот на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев и на споменикот на хероите на месноста „Слива“ и присуствуваше на панихидата во храмот „Св. Никола“.
Во својата честитка, претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека Илинден е сржта на македонската историја, срцето на македонската република, душата на македонската државност.
„Илинден нѐ учи дека Републиката не се наследува, туку се изборува и се заслужува. Илинден нѐ обврзува да направиме од државата пристојно место за живеење за сите, место од кое нема да се бега, туку во кое ќе се доаѓа. Илинден е пример за обединување заради заедничка цел и општо добро. Илинден е ден на тивка заклетва пред Никола, Питу, Даме, Гоце... и пред мноштвото знајни и незнајни борци, дека она што го сториле за нас, несебично вградувајќи се во темелите на македонската државност, никогаш нема да го заборавиме и засрамиме."
Делегации од Кабинетот на претседателката денеска положија свежо цвеќе пред Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце, пред споменикот на Никола Карев во Скопје, како и пред спомениците на АСНОМ и на првиот претседател на Президиумот, Методија Андонов – Ченто.
Делегација од Кабинетот присуствуваше и на одбележувањето на Илинден во Смилево.
Премиерот Христијан Мицкоски на одбележувањето на 2 Август-Илинден во Скопје придружуван од вицепремиерот Изет Меџити и од министерката за образование Весна Јаневска ја предводеше владината делегација која положи цвеќе на споменикот на претседателот на Крушевската Република Никола Карев пред зградата на Собранието, на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена Борец“ и на споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто на плоштадот Македонија.
„Овој ден нека потсетува на жртвата што генерациите ја оставиле за да може нашата генерација да го има ова што денеска го имаме - а тоа е слободна, независна држава Македонија. Нека нивната жртва потсетува каква држава треба ние да оставиме на генерациите што следат после нас. Држава во која ќе имаме среќни граѓани, држава што ќе биде просперитетна. Држава што ќе биде татковина на сите, без разлика на етничката припадност. Овој ден нека обединува, ова е ден за обединување," порача Мицкоски.
Претседателот на Собранието Африм Гаши, во честитката во име на пратениците и Собранието на Република Северна Македонија,порача:
„2 Август е симбол на историската борба за слободно, еднакво и демократско општество, вредности што денес претставуваат темел на нашето заедништво и на институциите на државата. Овој датум не е само дел од историјата на државата, туку и обврска да ја зачуваме и понатаму да ја унапредуваме визијата за современа држава насочена кон мир, напредок и евроатлантска интеграција. Нека овој ден биде поттик за размислување за заедничкиот пат."
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче од Крушево порача дека „Илинден е нашиот темел – заедно да ја продолжиме борбата за Македонија.
„Мора да признаеме дека нашата мирновременска борба не е завршена, дека мораме уште многу напорно да работиме, за конечно да станеме дел од Европа каде што припаѓаме, и цивилизациски, и културно, и географски. Сите заедно мора да работиме и да ги оставиме настрана и поделбите и квалификациите на патриоти и предавници, затоа што вистински патриотизам е само унапредување на нашата држава," истакна претседателот на СДСМ, Филипче.
Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, по повод празникот 2 август – Илинден упати повик за меѓусебна почит и заедништво:
„Да се почитуваме меѓусебно, да се вреднуваме, да работиме за еднаквост и заедништво и да престанеме да го третираме овој дом како ’твој’ или ’мој’, туку како ’наш’”, се наведува во честитката од Али Ахмети по повод празникот.