Што сѐ ќе опфати просечната потрошувачка кошница?
17 април 2025Во пресметката на просечната потрошувачка кошничка ќе бидат вклучени сите видови на овошје и зеленчук што се произведуваат во земјата, најави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Тој на прес-конференција во Владата, рече дека овошјата и зеленчукот ќе се вметнуваат во кошничката етапно, сезонски, зависно од периодот во кој доспеваат и се користат. За оваа цел е веќе изготвен посебен календар кој е доставен до Министерството за економија.
Календар за сезонски земјоделски култури
„Министерството за земјоделство учествува заедно со другите министерства во креирањето на кошничката и е задолжено за земјоделските производи. Листата на производи е голема и верувам дека кошничката ќе ги содржи сите. Пред сѐ се застапени оние што ги произведуваме во Македонија“, вели Трипуновски.
Министерството за земјоделство изработи посебен календар - кои земјоделски култури во кој период доспеваат и се користат. Тој список е доставен до Министерството за економија.
„Знаете дека одредени производи се со сезонски карактер, па во периодот на нивно производство ќе бидат и вметнати во кошничката“, рече Трипуновски, одговорајќи на новинарски прашања.
Усогласување до крајот на месецот
Владата крои нова потрошувачка кошница, во која веќе беше најавено дека нема да влезат трошоците за цигари, алкохол, како и одмор во странство, коишто се сметаат за луксуз. Таа ќе се пресметува врз основа на трошоците на едно тричлено семејство, наспроти пресметките коишто ги прави Сојузот на синдикатите (ССМ), а кои се базираат на месечните потреби на едно четиричлено семејство во Северна Македонија.
Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, деновиве изјави дека станува збор за просечна кошница којашто ќе оди на усогласување со синдикатите, Организацијата на работодавачи и Организацијата за заштита на потрошувачите. За да биде верификувана, ќе мора да биде претставена и пред Економско социјалниот совет до крајот на месецот.
Кроењето на новата владина кошничка следи откако беше изразено незадоволство дека актуелната кошница не соодветствува со реалната состојба и потребите на граѓаните. Последните пресметки на синдикалната кошничка покажуваат дека ниту илјада евра месечно не се доволни за да преживее едно семејство во Македонија.