Претседателски избори во Романија: Победа на Никушор Дан
19 мај 2025Во вториот круг од претседателските избори, проевропскиот градоначалник на Букурешт, Никушор Дан, победи со речиси 54 проценти од гласовите. Неговиот ултрадесничарски ривал Ѓорѓе Симион, кој во вториот круг од повторените претседателски избори влезе како фаворит и обезбеди околу 46 проценти од гласовите, го призна поразот откако во текот на изминатата ноќ беа пребројани речиси сите гласови.
„Ова е победа на илјадници и илјадници луѓе кои (...) веруваат дека Романија може да се развива во вистинската насока“, им рече Дан на своите поддржувачи, кои скандираа „Европа“ и „Русија, Русија, Романија не ви припаѓа вам“.
Иако прогнозите по изборите веќе покажуваа јасна предност за Дан, првично двајцата кандидати прогласија победа.
Во изборниот штаб на Дан во парк во Букурешт, 55-годишникот ја објави „победата на заедницата Романци кои копнеат по длабоки промени“. „Ајде да уживаме во оваа вечер и од утре да започнеме со обнова на Романија“, рече тој.
Во исто време, Симион пред Парламентот се прогласи за „нов претседател на Романија“ и зборуваше за изборна измама. „Ние сме јасни победници на овие избори и, во името на романскиот народ, ја прогласуваме нашата победа“, рече поддржувачот на американскиот претседател Доналд Трамп пред насобраната толпа. Симион, лидер на деснорадикалната партија АУР, доби речиси 41 процент од гласовите во првиот кругод повторените претседателски избори, додека Дан доби околу 21 процент.
Сепак, во текот на изминатата ноќ, 38-годишниот Симион го призна поразот. „Би сакал да му честитам на мојот противник, Никушор Дан“, рече тој во видео објавено на онлајн мрежата Фејсбук. „Тој победи на изборите, тоа беше волјата на романскиот народ.“ Во исто време, тој најави дека ќе ја продолжи „нашата борба“ за Романија и дека ќе ги стави 19-те милиони жители на земјата „на прво место“. За време на изборната кампања, лидерот на АУР ги критикуваше „апсурдните политики“ на ЕУ и побара намалување на воената помош за Украина.
Излезноста на гласачите во вториот круг од изборите беше 65 проценти, односно беше повисока отколку во првиот круг пред две недели, кога изнесуваше 53 проценти.
Исходот од изборите беше од големо значење за иднината на Романија, земја членка на ЕУ и НАТО што граничи со Украина, и за односите во рамките на Европа. Романскиот претседател има овластување да назначува луѓе на важни позиции и да учествува на самитите на ЕУ и НАТО.