Гаши: Се враќам на извршување на моите јавни должности
25 јули 2025Претседателот на Собранието, Африм Гаши, преку објава на Фејсбук информира дека неговата здравствена состојба е стабилна и дека се враќа на неговите јавни должности.
„Неколку дена по мојот престој на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, денес се чувствувам добро и, откако беа извршени сите потребни прегледи, отпуштен сум од болница. Благодарение на Бога, мојата здравствена состојба сега е стабилна“, се вели во објавата.
Првиот човек на Собранието, упати благодарност до лекарите, медицинските сестри и до целиот здравствен персонал за нивниот професионалност, посветеност и хуманост.
„Исто така, од срце ви се заблагодарувам на сите вас, пријатели, колеги, сограѓани, претставници на институции и медиуми за убавите зборови, за бројните пораки и постојаниот интерес. Вашата грижа беше дополнителна сила за моето закрепнување.
Се враќам повторно на извршување на јавните должности, свесен за одговорностите што ги носам и исполнет со љубовта што ја добив“, вели Гаши во објавата на социјалните мрежи.
Претходно, од Кабинетот на претседателот на Собранието информираа дека по дводневен престој на Клиниката за дигестивна хирургија, Гаши е пуштен на домашно лекување.
Гаши, поради болки во стомакот, пред неколку дена беше хоспитализиран на Клиниката за дигестивна хирургија при Универзитетскиот клинички комплекс „Мајка Тереза“ во Скопје. Директорот на Клиниката, професор доктор Огнен Костовски, информираше дека Гаши имал преплет на цревата.
Собранискиот спикер во првата половина на август треба да ги распише локалните избори во Македонија.