Навроцки ја блокира социјалната помош за Украинците
30 август 2025Моментот за драматичниот потег веројатно беше избран намерно: токму во понеделникот (25.08.2025), ден по Денот на независноста на Украина, полскиот претседател Карол Навроцки објави дека ставил вето на законот за помош на Украина предложен од владата. Законот требаше да обезбеди поддршка за украинските бегалци во Полска, како детски додаток и социјална помош, до март 2026 година. Сегашната регулатива истекува на крајот од септември.
„Детскиот додаток треба да им следува само на оние Украинци кои работат во Полска“, изјави Навроцки пред новинарите во Варшава. Во здравствениот систем, Украинците и онака се третираат повластено, бидејќи добиваат третман без разлика дали работат и плаќаат придонеси за здравствено осигурување. „Полските државјани се третирани полошо во сопствената држава отколку нашите гости од Украина. Јас не се согласувам со тоа“, нагласи претседателот и го повтори својот слоган од изборната кампања: „Прво Полска, прво Полјаците.“
Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, околу еден милион Украинци избегаа во соседна Полска, најголемиот дел од нив жени и деца. Ветото на претседателот ја доведува владата на Доналд Туск во тешка ситуација. Таа мора да најде решение, инаку бегалците наскоро ќе останат без правна основа.
Навроцки: Се смени расположението
Финансиската состојба, како и политичката и општествената клима во Полска, се променија суштински во последните три и пол години, рече Навроцки. Тоа бара корекција на досегашната политика. Претседателот увери дека поддршката за Украина во конфликтот со Русија останува „стратегиска и геополитичка цел“ на Полска.
Тој најави сопствен предлог-закон, со кој ќе се регулираат социјалните бенефиции и здравствената заштита. Исто така, ќе се заострат условите за добивање државјанство и ќе се зголемат казните за нелегално преминување на границата.
„Навроцки го покажа своето антиукраинско лице“, коментираше дневниот весник Газета Виборча во вторникот (26.08.2025). Тој сака да ја демонстрира својата блискост со антиукраинските националисти, пишува коментаторот Роман Имјелски.
Без Старлинк интернет во Украина?
Заменик-премиерот и министер за дигитализација Кшиштоф Гавковски предупреди дека ветото на претседателот го загрозува и финансирањето на интернет-врската за Украина. Полска ја финансира услугата Старлинк на Илон Маск за Украина со 43 милиони евра годишно. Продолжувањето на законот ќе ја гарантираше и оваа поддршка. Со својата одлука, претседателот го презема ризикот „де факто да го исклучи интернетот“ во Украина — во училиштата, болниците и даночната администрација. „Не можам да замислам подобар подарок за армијата на Путин од исклучувањето на интернетот во Украина“, напиша Гавковски на платформата X.
„Карол Навроцки го урна целиот систем (на помош за Украинците). Тоа може да има катастрофални последици за пазарот на труд, за илјадници полски компании, како и за односите со нашите соседи. Можно е да изгубиме стотици илјади работници“, коментира Богуслав Хработа во дневниот весник „Рес Публика“.
Украинците придонесуваат за економскиот успех
Според извештај на државната банка БГК, детскиот додаток за украинските семејства чини 2,8 милијарди злоти (околу 600 милиони евра), додека даноците и социјалните придонеси уплатени од Украинците изнесуваат 15,1 милијарда злоти (околу 3,5 милијарди евра). Благодарение на Украинците, полскиот БДП расте за 0,5–2,4 проценти годишно.
И покрај економските придобивки, расположението кон украинските бегалци е променето три и пол години по руската агресија. Според истражување на Центарот Мирошевски од крајот на 2024 година, 51% од испитаниците сметаат дека социјалната помош за Украинците е преголема, а само 5% дека е премала. Истражувачка група од Универзитетот во Варшава во февруари објави дека 96% од испитаниците сакаат ограничување на финансиската помош за бегалците.
Навроцки ја презеде функцијата на 6 август. Тој го трансформира кабинетот на претседателот, таму сега доминираат политичари од десно конзервативната опозициска партија Право и правда (ПиС), и тој се претвора во алтернативен центар на моќ. Неговата цел е максимално да ја ослаби владата на Туск, за да ѝ овозможи на ПиС враќање на власт, веројатно во коалиција со крајната десница и либертаријанската Конфедерација, во 2027 година.
Средба на Европејците со Трамп без Полска
Жестокиот конфликт меѓу владата и претседателот веќе ја допре и надворешната политика, каде претседателот има законски утврдена улога. Пред средбата на европските лидери, високи претставници на ЕУ и украинскиот претседател Володимир Зеленски со американскиот претседател Доналд Трамп на 18 август, соработниците на Навроцки интервенирале кај американската влада. Тие инсистирале претседателот, а не премиерот Туск, да присуствува на средбата во Белата куќа. Поради спорот за надлежноста, на крајот ниту еден полски претставник не присуствуваше на средбата.
Навроцки сега планира да ја надомести посетата на Вашингтон на 3 септември. Неговата прва посета во странство, се разбира, е посветена на неговиот голем идол: Доналд Трамп.