Кремљ и десните популисти во Европа бесни поради Ле Пен
31 март 2025Пресудата на француски суд за Марин Ле Пен во Кремљ е оценета и критикувана како „кршење на демократските норми“. Ле Пен беше осудена од суд во Париз на четири години затвор и пет години забрана за кандидирање на избори поради проневера на јавни средства за време на нејзиниот мандат како европратеник.
Портпаролот на Кремљ Дмитри Песков ги обвини европските влади за кршење на демократските правила. „Сѐ повеќе европски престолнини тргнуваат по патот на кршење на демократските норми“, одговори тој на прашање за пресудата. Меѓу Кремљ и Националниот собир (РН) на Марин Ле Пен постојат блиски врски со години, како што е документирано и во извештајот на францускиот парламент од 2023 година.
Русија одржува добри контакти со многу десничарски популистички партии во Европа и постојано е обвинета за мешање во изборите во западните демократии. Партиите како РН често претставуваат проруски позиции.
Десничарските популисти во Европа ја изразија својата солидарност со Ле Пен. Италијанскиот вицепремиер Матео Салвини смета дека одлуката на судијата ја игнорира демократската волја на Французите. „Оние кои се плашат од пресудата на гласачите често се гледаат себеси потврдени во пресудите на судовите“, објасни тој. Тој не сака да дозволи „објавувањето војна“ од страна на Брисел да го закочи. „Нема да бидеме заплашени, нема да бидеме спречени“, рече тој.
Холандскиот десничарски популист Герт Вилдерс на онлајн сервисот Х изрази „шокираност поради неверојатно тврдата пресуда“ против Ле Пен. Но, тој е уверен дека таа „ќе однесе победа при поднесувањето жалба и ќе стане претседателка на Франција.“
И унгарскиот премиер Виктор Орбан ја изрази својата поддршка за Ле Пен како одговор на пресудата. „Јас сум Марин", напиша тој изјави на француски на X. Десниот националист ја повика Ле Пен да продолжи да се бори, како и другите осудени „патриоти“. Орбан одржува добри контакти со рускиот претседател Владимир Путин.
Судот во Париз денеска донесе одлука на Ле Пен во наредните пет години да не ѝ биде дозволено да учествува на избори поради проневера на јавни средства за време на нејзиниот мандат како пратеник на ЕУ. Тоа значи дека забраната ќе остане на сила дури и ако таа поднесе жалба, а шансите на Ле Пен да се кандидира на претседателските избори во Франција во 2027 година ќе бидат значително намалени.
Ле Пен е осудена и на четири години затвор, од кои две се условни, а во останатите две е обврзана да носи електронска алка на ногата.