„Денес станавме држава во која што направивме многу повеќе од сите оние години кои што тие залудно ги потрошија“, рече премиерот Христијан Мицкоски во неговиот говор по повод годишнина на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. Тој рече и дека од минусно салдо на раст на БДП и последни во Европа, денеска растот во првиот картал од оваа година е 3,2 проценти, а Владата ќе работи на тоа процентот уште да порасне. „Факт е, рече тој, дека сме во првите четири економии по растот на БДП во Европа, и први во регионот.“
Но со овој негов повеќе митингашки и предизборен говор, многумина нема да се согласат. А не се согласува ни тој, бидејќи малку понатаму во неговата едночасовна беседа тој ќе им порача на неговите сопартијци да бидат внимателни во практикувањето на политиката бидејќи „народот живее тешко“.
На кого да му веруваме? На премиерот што соопштува рекорди во економијата или на премиерот што ги опоменува министрите и пратениците да не аздисуваат затоа што е тежок животот во државава? Да веруваме на Владата што оди со огромни делегации на егзотични патувања во Јапонија, на премиерот што изнајмува „ербас“ за себе и за министрите и шефови на кабинети за визита во Унгарија, или на цените на храна кои секојдневно ги обезвреднуваат семејните буџети?
Во политиката се многу важни скромноста и умерената реторика, како и водење сметка за моментот при јавните настапи. Премиерот Мицкоски ги прекрши овие непишани правила.
Тој бомбастично вели дека од последни во Европа по странски инвестиции, во првата година од нивното владеење има рекордно ниво на директни странски инвестиции, од милијарда и 255 милиони евра. Тоа, вели Мицкоски ја прави државата прва во Европа, по странски инвестиции по глава на жител. Тоа значи прва во регионот, и од последни сме станале први за само шест месеци, еуфорично им соопшти тој на младите од неговата партија.
Лидери во регионот?
Мицкоски се пофали и дека порано растеле само платите на функционерите, а денес растат платите на работниците за 9-10 проценти на годишно ниво. Иако неговата влада допрва ќе ја одбележи првата годишнина на власт. Индустриското производство, продолжи тој, кое што беше длабоко во минус, денес во март изнесува 5,2 проценти и е најголемо индустриско производство, како што рече - не само во регионот, туку и во Европа.
Ова се опасни розови очила во услови кога реалноста говори нешто друго. Платите не можат да го стигнат растот на цените, бизнисот тоне, повторно настапува разочарување дека ни со оваа смена на власта нема напред.
Премиерот, меѓутоа, покажува брутално игнорирање на реалноста. Вели дека „од срамни и штетни, предавнички договори“ сме стигнале до договори за стратешко партнерство со Обединетото Кралство. „Од одземена и обезличена држава стигнавме до држава која е повторно ваша“, воскликна тој од говорницата.
„Оваа Влада на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата во изминатите нецела година врати голем дел од позициите на меѓународен план, тоа што овие од СДСМ го продадоа. И денеска, со гордост ја раскажуваме нашата приказна за Македонија и во Минхен, победуваме и во Берлин и во Лондон и во Брисел, и во Вашингтон зборуваме за нашата Македонија“, беседеше премиерот.
Но тој одбегна да каже какви приказни нему му раскажуваат меѓународните претставници во европските метрополи. Затоа што сите странци кои доаѓаат овде на средби со премиерот му го предочуваат ултиматумот или внесување на бугарското малцинство во Уставот или нема ЕУ.
Тоа ја прави горчлива наводната победа на Владата во меѓународните релации. И говори за стагнација наместо напредок.
Промашено мото
Говорот на премиерот за жал не беше прилагоден ниту на случувањата во државата. Иако зборуваше пред младинци и младинки на возраст како жртвите од Кочани, премиерот овој трагичен случај го спомна дури кон крајот на говорот, но не за да им даде утеха на нивните врсници, туку како тема за напад на СДСМ.
За Влада во чие време на владеење се случи пожарот во Кочани кој однесе 62 млади животи, мотото на прославата на Унијата на млади сили „34 години постоиме за младите“ е целосно промашување. Затоа што ако тоа беше вистина немаше да дојде до таква трагедија.
Самиот младински лидер, пак, Сергеј Попов, кој е и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, воопшто не се наврати на ужасниот настан иако жртвите се негови врсници и врсници на Унијата на млади сили, а нивниот собир е прв голем собир по кочанската трагедија. Неговите пораки во говорот дека „ништо не му е поважно од младите и Македонија“ и дека „за само една година од власта УМС и ВМРО-ДПМНЕ покажале што е вистинска грижа за младите“, ставени во контекст на пожарот во Кочани се празни флоскули и врв на цинизмот. Добро е познато дека на пожарот му кумуваа јавашлакот и институциите.
Човек не може да не се запраша каков политички инкубатор е тоа ако подмладокот го хранат со медиокритетство наместо со одговорност и трагање по вистината?
Неумесно и бесчувствително е нецели три месеци по незапаметената трагедија да се прави настан на кој наместо едноминутно молчење и почит кон мртвите врсници трештеше весела музика. Моќта на една политичка организација не се покажува со веселба и занес од сопственото постоење, туку со одмереност и свест за мигот. Посоодветно ќе беше Унијата на млади сили својата годишнина да ја одбележи со посета на вечните почивалишта на нивните врсници во Кочани, и со средба со повредените за да им се стават на располагање за помош. Тоа доликува на подмладок на најмоќната партија на власт.
Но, за жал, и говорот на Мицкоски и говорот на Попов покажаа брутално фризирање на реалноста и бегство од одговорност за состојбите во државата.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.