Бајру оди на гласање за доверба: Следна криза во Франција?
26 август 2025Франсоа Бајру игра на само една карта и ја става својата политичка иднина на коцка. На прес-конференција, премиерот објави дека ќе побара гласање за доверба во парламентот на 8 септември.
Станува збор за создавање јасност, рече Бајру. Затоа тој побара од претседателот да свика посебна седница на парламентот. „Потоа, по владина изјава, ќе побарам гласање за доверба“, рече Бајру. „Централното прашање ќе биде дали постои опасност за нацијата - дали треба итно да дејствуваме - и начин да избегнеме катастрофа со ставање на нашите финансии под контрола.“
Каматниот товар ќе стане најголема ставка во буџетот
Во текот на летото, Бајру ја повикуваше Франција масовно да ги намали трошоците, затоа ги презентираше клучните точки за буџетот за следната година невообичаено рано, во јули. Се очекува буџетот да заштеди околу 44 милијарди евра. Во спротивно, акутниот долг на земјата се заканува да ја направи економски и политички неспособна за дејствување. Оваа година, каматниот товар ќе стане најголемата ставка во буџетот, нагласи Бајру за време на прес-конференцијата. Тој предложи и укинување на 8 мај и Велигденски понеделник како државни празници.
Но, постои отпор кон буџетските планови - не само политички, туку и во граѓанското општество. Со недели се формира движење наречено Bloquons Tout (блокирај сè) кое има за цел да ја парализира земјата на 10 септември.
„Бајру го избра својот датум за заминување“
Крајнолевичарската партија ЛФИ се придружи и повика на генерален штрајк. И секако, партијата ќе ја повлече довербата во владата, вели лидерката на парламентарната група на ЛФИ, Матилда Пано. Бајру, во извесна смисла, самиот си изразува недоверба, вели политичарката: „Тој многу добро разбра дека и онака ќе биде соборен по летната пауза на парламентот".
Со оглед на отпорот, кој го најави и граѓанското општество, Бајру си го избра својот датум за заминување: „Среќни сме поради оваа прва победа на протестот и ќе гласаме за заминување на премиерот и владата“, истакна Пано.
Макрон е вистинската цел на опозицијата
И пратеничките групи на Зелените и Комунистите, кои, заедно со ЛФИ, припаѓаат на таканаречениот Нов народен фронт, левичарскиот сојуз во парламентот, исто така најавија повлекување на довербата на Бајру. Истото важи и за крајно десничарската Национална партија (РН).
Томас Менаже, портпарол на пратеничката група на РН во Националното собрание, за Франс Инфо изјави: „Тој знае дека гласањето за доверба има за цел да обезбеди мнозинство. Франсоа Бајру нема мнозинство ни во Националното собрание, ниту во земјата. Би било предавство на нашите гласачи да изразиме доверба во оваа влада.“ Затоа, Бајру веројатно ќе мора да си оди.
Притоа, целта - и на РН и на ЛФИ - не е Франсоа Бајру, туку Емануел Макрон. Со соборување на влада по влада, обете партии имаат за цел да извршат притисок врз претседателот да поднесе оставка и да наметнат предвремени претседателски избори.
Борба против „најнеправедниот од сите буџетски предлози“
Уште еднаш, сè зависи од Социјалистите. За нив, ситуацијата е деликатна дилема: или ќе обезбедат политички опстанок на непопуларна влада и ќе ги продлабочат поделбите во левичарскиот табор, или ќе го соборат Бајру заедно со крајната десница - и со тоа потенцијално ќе ја турнат земјата во хаос.
Сепак, лидерот на Социјалистите, Оливие Форе, остави малку сомнежи за однесувањето при гласањето. Тој на телевизискиот канал ТВФ1 изјави: „Не, Социјалистите нема да ја изразат својата доверба во Франсоа Бајру. Тој го знае ова многу добро - и донесе одлука: да си замине“. Бајру презентираше буџет што никој не може да го поддржи: ниту парламентот, ниту општеството, ниту синдикатите, рече Форе. „Како можете воопшто да помислите дека - кога станува збор за најнеправедниот од сите буџетски предлози, ние би поддржале мнозинство против кое политички се бориме?“
Кој уште би владеел со Франција?
И затоа, за премиерот и неговата влада работите веројатно ќе се затегнат, дури многу ќе се затегнат. Одговорноста сега е на членовите на парламентот, порача Бајру. На 8 септември, Парламентот ќе ја има одлуката во свои раце - и сите се одговорни пред Французите, истакна Бајру на прес-конференцијата. Најголемиот ризик, според него, е да не се прави ништо.
Сепак, доколку тој и неговата влада паднат, се поставува прашањето кој сè уште може да управува со Франција - со оглед на сегашниот состав на Парламентот. И дали претседателот Макрон повторно ќе го распушти Националното собрание.
Автор: Каролин Дила, АРД